Достапни линкови

Следните избори да се дочекаат со среден Избирачки список


Прес конференција на шефовите на набљудувачката мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Јан Петерсен и на парламентарното собрание на Советот на Европа, Штефан Шенах на ден по спроведувањето на референдумот.

Меѓународните набљудувачи порачаа властите да се зафатат со решавање на проблемот со Избирачкиот список и да ја повратат довербата на граѓаните. Тие велат дека Собранието ќе го толкува одговорот што го дадоа граѓаните.

Проблемот со Избирачкиот список останува нетретиран. Властите треба сериозно да се зафатат со решавање на ова прашање, ако сакаат да ја вратат довербата во Списокот, порачаа шефовите нанабљудувачката мисијата на ОБСЕ/ОДИХРи на парламентарното собрание на Советот на Европа, на ден по спроведувањето на референдумот.

Шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Јан Петерсен, вели дека прашањето со Избирачкиот список е присутно веќе долго време, проблемот е идентификувано е и во претходните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР и во извештаите на Советот на Европа, но и натаму не се решава.

„Ова прашање е мошне релевантно, меѓудругото и за прагот на излезност, но забележувам дека во нашите разговори во изминатите седници со нашите соговорници ова не се наведуваше како голема причина за загриженост“, изјави Петерсен.

И шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Штефан Шенах, рече дека се надева оти во иднина прашањето со точноста на Избирачкиот список ќе биде најпосле решено, оти следни избори ќе дојдат, а тогаш не треба да се дискутира за ова прашање.

„Важно е луѓето да веруваат во Избирачкиот список и одново чувствував дека има недоверба во него. Има доволно време и се надевам дека владата и администрацијата ќе го исползуваат ова време да ги разјасни работите и да работи на избирачкиот список. Ова е мошне, мошне важно. Ако гласачите не веруваат во списокот, а тоа е најважната алатка на изборите, мора да се зафатите со тоа“, вели Штефан Шенах, шеф на делегацијата на парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во прелиминарниот извештај на Мисијата наведуваат дека референдумскиот процес поминал во мирна атмосфера, референдумот бил добро организиран, постапките се воделе професионално, без поголеми инциденти. Петерсон рече дена и покрај тоа што законската рамка не ги покрила доволно сите аспекти на процесот, сепак референдумот бил спроведен непристрасно, со почитување на темелните слободи.

Тој вели и дека содржината на Договорот со Грција не била доволно објаснета, и покрај извесните напори на властите да обезбедат јавни информации во врска до Договорот. Што се однесува до медиумите, тие обезбедиле опсежни информации, широк спектар на мислења, но затоа што тие што беа против немаа официјална кампања, довело до тоа кампањата „за“ да доминира.

Имаше забелешки и за тоа што и покрај многуте домашни и меѓународни набљудувачи, Собранието како предлагач и покрај тоа што имаше право да именува набљудувачи не го стори тоа, а ниту партиите немаа свои претставници, што според Петерсон, ја намалило транспарентноста на процесот.

Собранието ќе го толкува одговорот што го дадоа граѓаните

Меѓународните набљудувачи запрашани за цензусот, велат дека има различни примери за прагот на излезност. И двајцата рекоа дека не се приврзаници на тоа да постои праг на излезност кога станува збор за консултативен референдум. Шефот на мисијата на Советот на Европа, вели дека консултативниот референдум е од полесна класа, и дека на крајот политичарите одлучуваат, за разлика од обврзувачкиот.

„Јас не сум приврзаник на прагот на излезност, на цензусот, особено не кога станува збор за консултативен референдум, бидејќи тој служи само да се добие увид. Меѓутоа за ова ќе дискутираме и во Советот на Европа, што да им кажеме на луѓето, како да ги разрешуваат ваквите проблеми“, додаде Шенах.

Петерсон вели дека референдумот бил консултативен, а одговорот што го дадоа граѓаните го чита Собранието, па тие треба да го протолкуваа.

Странците ќе се вратат

Запрашани за тоа што мислат дали во Собранието ќе се обезбеди мнозинство за да се изгласаат уставните амандмани или пак ќе се оди на нови избори, набљудувачите рекоа дека немаа мандат да го коментираат тоа. Шанех само додаде дека ова прашање го препуштаат на политичарите.Тој вели дека за ова ќе има многу дискусии и во земјата и во Европа.

Никогаш во последните години не се имале толку посетители од различни земји, од различни функции, мислам дека голем број од нив ќе се вратат“, рече шефот на мисијата на парламентарното собрание на Советот на Европа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG