Достапни линкови

Здравството добро рангирано, пациентите и лекарите незадоволни


Илустративна фотографија. Министерот за здравство Венко Филипче во посета на болница
Илустративна фотографија. Министерот за здравство Венко Филипче во посета на болница

И покрај тоа што македонското здравство е добро рангирано во последното истражување на странска организација, лекарите и пациентите се незадоволни и велат дека суштински е во здравството да има доволен кадар и добра дијагностика.

Македонското здравство е добро позиционирано во најновото рангирање на една шведска невладина организација и тоа благодарение на спроведувањето на проектот „Мој термин“, но во реалноста ситуацијата е поинаква.

Според рангирањето на Health Consumer Powerhouse, со овој проект пациентите имаат најбрз пристап до доктор, и поради тоа државава е рангиранa на 22 место, што е подобро и од земји како Бугарија.

Жаклина Чагороска, советник во „Мој термин“, вели дека македонското здравството за првпат е оценувано од оваа организација во 2015 година, кога државата била на 16 место. Таа вели дека главниот принципот врз кој се темели истражувањето е каква услуга добиваат пациентите за парите кои се вложуваат во здравството. Таа дополнува дека принципот на кој функционира оценувањето е врз индикатори во различни области кои се прават од компанијата, врз основа на консултација на здруженија на пациенти, владини советници и професионалци. Чагароска вели дека и Министерството за здравство го добива на увид оценувањето, пред да излезе јавно и потврдува дали смета дека е така.

„Во 2015 година врз основа на воспоставување на националниот систем за електронски евиденции „Мој термин“ добивме многу високи оценки, зашто голем дел од индикаторите беа поврзани токму со електронски водења на евиденциите во здравството, но тука се и други параметри во однос на пружање на други здравствени услуги, не може да се каже дека овој индекс ја дава целосната слика на состојбата во здрбвството, во државите, но е добар индикатор дали за парите што се вложуваат се добива услугата максимално која може да се добие“, вели Чагаровска.

Но, упатените велат дека проектот Мој термин е само еден сегмент од реформите и посочуваат дека здравството во Македонија се соочува со сериозни проблеми, кога е во прашање дефицитот на кадар и стручност, лоши услови во кои работат лекарите и несоодветно вреднување на нивниот ангажман, што се повеќе се заканува со заминување на лекарите. Поранешниот министер за здравство, професор Ѓорѓи Оровчанец вели дека развивањето на идејата за Мој термин не е лоша концепција, но оти треба се коригираат одредени постапки во врска со итните случаи. Но тој потенцира дека проблемот на реформата е како да се дојде до доволен капацитет на кадри кои ќе може да одговорат адекватно на современата патологија која постои кај нас. Тоа е суштината, вели професор Оровчанец.

„Не би му дал значење на рангирањето, тоа не значи дека сè се лечи кај нас и повеќе од Бугарија, напротив. Ние имаме проблеми со одредени струки, ограничена моќ и капацитет на доктори, избегани доктори надвор. Што ако вие имате Мој термин кога докторот кој треба да ве прегледа не знае што да прави со вас“, вели Оровчанец.

Тој укажува дека некогаш се дијагностицираат погрешни болести, или тие не се откриваат навреме од лекарите, иако се присутни, а пациентите се принудени да одат од врата на врата.

Кај мене сега на приватно доаѓаат пациенти коишто ги гледал лекар на Мој термин оделе неколку пати, туморот не е виден, а туморот веќе дал метастази. И тоа значи дека тој Mој термин џабе е ако немате луѓе кои се квалитетни за да го одработат тоа. Или имате ситуации, од клиника, се отпишуваат луѓе како иноперабилни, се праќаат на зрачење, но не е тоа така, туку може да се оперираат, па натаму да оди радиотерапија. Има еден куп такви работи, сегментот Мој термин е само една од нијансите во здравството“, вели професор Оровчанец.

Ситуацијата во здравството во Македонија е таква што незадоволството на пациентите и лекарите произлегува од секоја дискусија или разговор која е на тема за состојбата во здравството.

Дел од граѓаните укажуваат на непријатни административни процедури ако од една здравствена институција треба да завршат услуга во друга, а проблем се и долгите листи на чекање за одделни прегледи. Тие велат дека од дијагностицирање до операција се чека многу долго.

„Нашето здравство не е како што треба. Порано во социјализмот, ќе одиш на доктор и веднаш ќе бидеш прегледан. Сега ќе чекаш и за лоша болест со месеци на ред, за едно перде на око треба две години да чекаш за да оди преку фондот за здравство, ако имаш пари ќе те оперираат веднаш. Е тоа чекање да го намалиме ако може. Јас сум човек на 83 години. И времето си минува, а пердето си работи“.

„Mи се случило увото ме боли, ужас, и одам кај општиот лекар, викам најбрзо кај има да ме упати, а ми вели по четири дена, и си отидов на приватно. Значи не сум задоволна.“

„Требаше да одам на бања и уплатив сè и барам од лекарката упат за да не ја плаќам терапијата, инаку приватно си одам, докторката вика нема Мој термин и мојата ќерка е докторка и ургираше и ми дадоа.“

„Дијагностиката зависи од лекар до лекар, јас од мојата матична докторка сум задоволна.“

„Слушам од други дека не чини и затоа не ни одам на лекари, се обидувам што можам дома со алтернативна медицина, инаку ако е не дај боже, не знам“, коментираат дел од граѓаните.

Еден од проблемите во пракса, на кој укажуваат најголем број од пациентите и лекарите во врска со Мој термин, е долгото чекање за итните пациенти и оти има приоритетни болести за кои не треба да има чекање.

Од „Мој термин“ велат дека во план е промена на моделот според потребите на пациентите.

„Повеќе нема да ги има тие приоритетни упати, туку се донесе нов правилник во кој се воведува упат за итен случај во кој ќе бидат должни установите каде ќе биде упатен пациентот да му пружат услуга во рок од 24 часа и ќе има тн. упат без термин, во кој под строго дефинирани причини пациетите ќе можа да се упатуваат без да чекаат мој термин“, вели Жаклина Чагароска.

Таа дополни дека за да се воведат овие новини, треба да се направат технички измени и да се организираат обуки, но се надева дека во февруари целосно ќе почне да се користи овој начин на упатување на пациентите.

Инаку, во рангирањето на шведската органзиација на првото место е Холандија, а по неа следуваат Швајцарија, Данска, Норвешка, Луксембург, Финска, Германија, Белгија, Исланд и Франција.

Основни критериуми на рангирањето се правата на пациентите, нивната информираност, достапност, резултати од лекувањето, опсегот на услугите и превентивноста.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG