Достапни линкови

На здравството му треба системска програма, сè друго е крпење


Клинички центар во Скопје, државна болница.
Клинички центар во Скопје, државна болница.

Нема брзо решениe за наталожените проблеми во здравството. Клучно е институциите да преземаат мерки и да не ги кријат проблемите од јавноста. На краток рок треба да се крпат главните дупки, а на долг да се определат приоритети и можности за период од 10 години, велат доктори.

Македонските болници и натаму ги потресуваат случаи на смртност на бебиња. Властите го потврдуваат проблемот со смртноста, но министерот Венко Филипче смета дека проблем е што и родилките не одат на гинеколошки прегледи.

Изјавата на министерот Филипче предизвика бројни негативни реакции на социјалните мрежи. Наместо, како што стои во коментарите, надлежното министерство да бара решение на проблемот со недостаток на матични гинеколози во општините низ Македoнија, министерот сака да го маскира проблемот, по примерот на неговиот претходник Тодоров.

До изјавата на министерот доаѓа во време кога се очекуваше дека црниот биланс од починати новороденчиња и деца со години наназад ќе ги алармира здравствените институции да ги детектираат проблемите во здравствениот систем и да се види дали недостасува екипираност, опременост, просторни услови за работа или ниво на стручност.

Упатените укажуваат на фактот дека секое општество се цени според тоа каква е грижата за новороденчињата, а ние имаме висок просек во Европа по смртност на предвремено родени бебиња .

Професор Никола Пановски во анализата на состојбите во здравството вели дека клучно е институциите да преземаат мерки и да не ги кријат проблемите од јавноста.

„Што се однесува до смртноста на новороденчињатa која е невообичаено висока за европска земја и која е повисока отколку пред 10 години, добро што се призна проблемот. До пред две години се кажуваше дека на крајот од годината се прави статистика. Немам коментар на таква изјава. Така што ова е добро, зашто видов број на деца дури во јануари за самиот месец се кажува што е. Кога нешто се случува во здравството веднаш треба да се преземат мерки без разлика на опасноста дека медиумите ќе пишуваат. Добро е што настапи министерот и ги кажа мерките, а тоа требаше и порано. Секаде во здравство треба со отворени карти да се игра, тоа е главно“, вели професор Пановски.

Професор доктор Владимир Борозанов вели дека нема брзо решение за наталожените проблеми во здравството. Според него, за да се сменат состојбите новиот министер треба да направи две програми. Една краткорочна со која ќе се крпат главните дупки и една долгорочна во која ќе се определат приоритети и можности за период од 10 години, вели Борозанов. Тој нагласува дека долгорочната програма во здравството треба да се спроведува независно од каква било промена на власта.

„Грубо прозвуче што целта вина се префрла на родилките. Го одбегна во таа програма да се евидентираат индикациите на потпомогнатото вештачко оплодување. Никој не кажува дека предвремените породувања со ризик за преживувања припаѓаат во групата каде има потпомогнати. Не е така едноставно, треба системска програма во здравството, се друго е крпење дупки“, изјави професор Борозанов.

Во меѓувреме по вчерашната прес-конференција на министерот за здравство, на која беа презентирани предлог мерките за намалување на растечкиот тренд на новороденечка и мајчина смртност, денеска Министерството за здравство излезе со соопштение. Во него се наведува дека во ниту еден момент министерот и министерството не ја префрлиле одговорноста за ниското ниво на функционалност на здравствениот систем кон идните мајки. Беше потенцирано дека Министерството за здравство ќе работи на подигнување на јавната свест, со цел идните мајки ги препознаат ризиците и да побараат здравствена помош во текот на бременоста, се вели во текстот и се додава дека и недостапноста на родилиштата ќе биде задача на министерството во следниот период.

Во текстот исто така се укажува дека според Светската здравствена организација смртноста на родилките се должи на задоцнување на добивањето на здравствените услуги.

Инаку партиите меѓусебно си ја префрлаат вината за лошите состојби во македонското здравство, но лекарите велат дека тоа е хроничен проблем. Во врска со смртноста на новороденчињата лекарите постојано укажуваат дека практика е пациенти од цела Македонија да доаѓаат со најтешка патологија во Гинеколошката клиника на Клиничкиот центар од Скопје. Тие исто така посочуваат дека на Клиниката за гинекологија се вработени 300 стручни лица, и оти оваа бројка не ги задоволува капацитетите на клиниката.

Македонското здравство со години го потресуваат и други проблеми. Во овој систем се издвојуваат големи суми пари, а институциите постојано се жалат дека хронично нема пари. Незадоволството на пациентите често е поврзано со увоз на сомнителни лекови со паралелен увоз, болници без лекари, недоволно медицински сестри, недостиг од реагенси, лекови и материјал за работа, преполни амбуланти, промени на системот за закажување Мој термин...

Во изминатиот период незадоволството од лошите услови за работа, ниските плати и недостатокот на континуирана едукација резултира и со заминување на здравствените професионалци во кои се вложувани големи финансиски средства. Токму тоа не загрижува, вели професор Пановски.

„Главниот проблем е да се каже за докторите што си заминуваат, да се каже каде се проблемите, како ќе се реши што нема специјализанти, а уште поголем проблемот е со сестрите“, вели професор Пановски.

Лекарите од Министерството за здравство очекуваат Клиничкиот центар кој претставува врвна институција повторно да се спои и да се врати во претходната состојба како и да се реши сообраќајниот хаос. Инаку, на ниво на здравството лекарите велат дека има многу работи кои треба да се направат и укажуваат на потребата да се дефинира пакетот на здравствени услуги за да се знае што му следува на пациентот и да се прошири позитивната листа на лекови.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG