Достапни линкови

Нова учебна година стари проблеми за учениците


Архивска фотографија - Првачиња.
Архивска фотографија - Првачиња.

Во Битола половина училишта немаат електрична енергија, а во Гостивар нема кадар и пари за превоз на ученици. Упатените велат дека на проблемите треба да се мисли порано и оти учениците не смеат да трпат поради административни проблеми и објаснувања дека нема пари.

Пред почетокот на новата учебна година во Mакедонија на површина испливаа старите проблеми. Во Битола под знак прашалник е електричната енергија во повеќе училишта на кои од јули им е исклучена струјата поради неплаќање, а не е подобра ситуацијата и во Гостивар, каде што има проблеми околу превозот на учениците и недостиг од кадар.

Со стартот на новата учебна година останаа отворени и низа пропусти, како ненавремена реконструкција, а за поакутните проблеми кои ќе го одбележат почетокот на годината зборуваат и податоците на истражувачката организација на студенти и истражувачи „Змај“ дека две основни и над 20 подрачни училишта немаат санитарни јазли, 28 училишта немаат основни наставни помагала како печатачи или проектор, а 17 немаат библиотека.

Ова предизвика разочараност и кај дел од учениците и професорите кои велат дека на проблемите треба порано да се мисли и оти цело лето знаеле дека има или нема пари.

„Проблемите се провлекуваат во континуитет со години наназад. Во голем дел од училиштата има недосредени работи во делот на реновирање, неисплатени сметки за струја, дрва, огрев, а голем дел ќе се соочат со недостиг на кадар и проблемите се сè подлабоки“, вели Влaдо Димовски од Центарот за меѓуетничко образование.

Со години локалната и централната влaст си ја префрлаат одговорноста за проблемите кои се појавуваат во образованието.

Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум вели дека причините за проблемите може да бидат различни, од недоволно средства утврдени за да работи една општина, до неажурност или несоодветно работење од локалната власт. Надлежните институции, било државни или локални власти, како што посочува таа, мора да обезбедат услови непречено да почне учебната година и да се погрижат дека училиштата ќе имаат сметки кои не се блокирани, наставен кадар за да предава и работи и обезбеден превоз за учениците и оти тие не смеат да трпат поради административни проблеми и објаснувања дека нема пари.

Според неа, потребно е да се направи план и да се вложат средства за нормални услови за учење и работа со цел да има доволно учебници, гарантиран превоз, нормални улови за хигиена, средени тоалети и компјутери кои работат.

Почеток на учебната година не е изненадна појава како што се снегот и дождот. Знаеме дека почнува во септември и тоа е рокот за да се направат сите подготовки за да почне и да им обезбедат соодветни услови. Одговорноста лежи на многу места и на училиштата кои треба да се прашаат како ќе ја почнат учебната година и локалната самоуправа која треба да провери дали е сè во ред и Министерството да се погрижи дека условите се исполнети. Се надевам дека во нормални услови ќе почне учебната година, но има алармантни информации кои треба сериозно да се земат предвид и што поскоро да се санираат“, вели Костуранова.

Владо Димовски од Центарот за меѓуетничко образование, пак, вели дека тешко ќе се застане на патот на проблемите поради тоа што со децентрализацијата училиштата се под надлежност на општините. Тој вели дека локалната власт треба да ги исполни ветувањата кои ги дава на почетокот од својот мандат и дополнува дека до проблеми доаѓа зашто дел од општините во почетокот пријавуваат поголеми планови со поголеми средства, но оти на крај прашање е дали се употребуваат ненаменски парите.

Инаку од општина Битола ветуваат дека нема да биде доведен во прашање почетокот на училишната година. Од таму објаснија дека парите не се проблем, бидејќи и блок-дотациите за годинава се зголемени, но се соочиле со законски ограничувања зашто не можат долговите на школите да ги исплатат преку цесии.

Покрај укажувањата за проблеми со електрична енергија и превоз, наставниците дополнително се незадоволни затоа што и натаму во дел од училиштата има кадар кој е целосно несоодветен. Истражувањата покажуваат дека 22 ,7 проценти во образованието предаваат наставници со несоодветно образование.

„Голем дел имаат заостанати долгови и им излегуваат во пресрет добавувачите како ЕВН, но проблемот со кадар тешко ќе се реши зашто нема доволно соодветен кадар за сите предмети и се јавува проблем со несоодветен кадар. Има над 1.600 наставници со средно образование и предаваат предмети кои не се соодветни за нив. Секаде е проблем, особено каде што се изведува настава на албански јазик, не само во основни туку и во средни училишта“, вели Димовски.

Тој посочува дека проблемот со несоодветен кадар е резултат на партиските вработувања и оти во некои училишта повеќе од 10 години работи кадар кој е несоодветен.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG