Достапни линкови

Што треба да се промени во средните училишта?


Архивска фотографија - Средно Техничко училиште Ѓорѓи Наумов во Битола

Помалку администрација и поголема слобода и плати, бараат наставниците. Учениците пак, очекуваат и законски измени за унапредување на ученичкото организирање и учество во процесот на носење одлуки во средните училишта.

Малку пари, застарени наставни програми и планови, преопширни содржини и преголем број на предмети, наставници со ниски плати и незадоволни ученици кои со години се жалат дека треба да учат и предмети кои никогаш нема да им требаат, е сликата на средното образование во државата која треба да се смени, велат упатените.

Во својата анализа тие наведуваат дека очекуваат да има намалување на административните обврски, а на наставниците да им се овозможи поголема слобода, ревизија на учебниците и квалитетни промени на учебниците по кои ќе се предава, како и намалување на бројот на ученици во паралелките.

„Програмите се многу стари, од одамна, треба да има измени и во Законот за средно, пред сè поради намалување на бројот на ученици во паралелка. Тоа ќе го подобри квалитет на образование. Има проблеми и со наставници кои патуваат во други општини, не им се исплаќа пат. Во моментот има класичен и електронски дневник, очекуваме да има еден. Во Словенија на пример, има прво на избор. Се води двојна евиденција и наставниците се претрупани со администрација“, вели Илчо Ацевски, настaвник во средно училиште и член на Настaвничкиот пленум.

Наставниците велат дека кон проблемите треба да се додаде и нееднаквата опременост на училиштата, затоа што некои имаат нови згради, а други се стари училишта од 40 години кои имаат дотраени санитарни јазли и застарена столарија. Тие додаваат дека во стручните училишта на учениците мора да им се овозможи извршување на практична настава во добро опремени училници и лаборатории.

„Учениците преферираат да одат во елитни гимназии, а на сметка на тоа се затвораат средни стручни училишта“, вели Ацевски.

Учениците пак, очекуваат и законски измени за унапредување на ученичкото организирање и учество во процесот на носење одлуки во средните училишта.

„Она што е најбитно во средно образование е дека тогаш најмногу се градат како личности и мора да им се посвети внимание како ќе се развиваат. Средното образование да биде подлога за факултет и за натамошниот живот. Битно е да се посвети внимание на средношколското здружување. Државата треба да го регулира тоа и законски за да може учениците заедно со нaставниците и министерството да ја создаваат програмата за средно образование“, вели Теано Кардула, поранешен член на Средношколскиот пленум.

Учениците најмногу имаат забелешки дека се претрупани со предмети и непотребни содржини кои не им оставаат да го научат тоа што им е потребно во животот.

Тие предупредуваат дека треба да се направи анализа на состојбата со предметите и од предметите да се исфрлат непотребните податоци и содржини.

„Треба да има подобра организација во однос на предмети, зашто има предмети кои се учат во текот на четирите години, а кои се непотребни. Битни се реформи во учебниците и да има подобра клaсификација на предметите, за да се подготвуваат за матура пред уписи на факултет“, вели Кардула.

Со години наназад во образованието проблем е и немањето пари. Нужно е зголемување на платите, велат наставниците. Тие велат дека порано наставниците беа ценети во општеството и тоа подразбираше и добар материјален статус, но додаваат дека тоа одамна не е така.

„Платата на наставник треба да се поврзе со минимална плата и да се зголеми за 25 отсто. Наставниот кадар не е задоволен од платата. Просечна плата е од 20 илјади“, вели Ацевски.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG