Достапни линкови

Најавените реформи во образованието засега ќе почекаат


Ученици.
Ученици.

Намалувањето на бројот на часови и на деца во паралелките во основните училишта и на новите наставни планови се одложува до целосно утврдување на концептот, велат од МОН. Дел од експертите коментираат дека дисконтинуитетот во раководењето во МОН е суштински фактор за доцнењето на реформите.

Во образованието беа најавени повеќе големи зафати со кои требаше да се направат суштински измени, меѓу кои намалување на часовите од септември во основните училишта, напуштање на примената на нaставнатa прогрaма од Кембриџ, како и нови учебници.

Но, еден месец пред почетокот на новата училишна година од Министерството за образование и наука ни одговорија дека намалувањето на бројот на часови и на бројот на ученици во паралелките, односно пилотирањето на наставните програми свесно се одложува до целосно комплетирање на целиот проект. Исто така од МОН наведуваат дека Кембриџ во основното останува како и досега.

Упатените велат дека новиот министер не отстапува од клучните ветувања во владината програма за реформи во образованието, но оти проблем е што за многу кратко време во пракса не е можно да се спроведат толкав број на реформи

„Во образованието еден ден трае една година, односно сите процеси траат многу долго и таквите најави не беше реалистично дека ќе се остварат на краток рок. Затоа треба да се усвои соодветна динамика за тоа кои промени по кој редослед ќе се спроведуваат”, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски.

Министерството за образование и наука предвидените измени во наставните програми и намалување на наставните часови за учениците од прво до трето одделение ги објави во јануари, а наставниците ги поздравија овие промени. До ова дојде откако и анализите на МОН покажаа преголемо и несразмерно оптоварување на учениците, кое кај децата предизвикува одбивност, презаситеност и незаинтересираност за учењето.

Но, од МОН сега ни изјавија дека станува збор за посериозни поместувања во образовниот систем и оти од таа причина потребно е Министерството и училиштата да бидат целосно подготвени пред воведување на најавените реформи. Според МОН, намалувањето на часовите и бројот на децата во паралелките создаваат сериозни организациски предизвици.

„Концептот предвидува менторство на поискусните наставници над помалку искусните наставници, како и вршење на одредени административни обврски во училиштето со што ќе се надополнат во целост часовите кои наставниците ги имале пред намалувањето на часовите со цел реформата да обезбеди сигурност на сите засегнати во образовниот процес“, наведуваат од МОН

Што се однесува до пилотирањето на наставните програми, по препорака на тимот експерти кои работеа на новите наставните планови и програми за основното образование, од МОН велат дека новите наставни планови и програми ќе се комплетираат во целост сè до деветтото одделение, по што новиот концепт ќе биде разгледан како целина и оти по завршувањето на овој процес ќе бидат подготвени нови и квалитетни учебници кои ќе соодветствуваат на новиот концепт на едукација.

Владо Димовски, советник за издавачка дејност во Државниот испитен центар, вели дека Законот за основно образование, кој требаше да се имплементира во септември, е влезен на читање во Собранието, а оти работна група ја доработува првичната верзија на Законот за средно образование. Тој вели дека не може да се стигне сите реформи наеднаш да се спроведат и оти веројатно и тоа е најголемата причина зa одложувањето.

„Голeмиот дел од реформите беа законите. Прво Законот за високо, па Законите за основно и за средно образование на кои засилено сега се работи. И најверојатно со тие закони ќе влезат и предлозите од практичарите и ќе се чека да влезат во законската регулатива”, вели Димовски.

Меѓутоа, некои од упатените причините за доцнењето на реформите во образованието ја гледаат и во промената во челната позиција на МОН до што дојде во јуни со реконструкцијата на владата на една година од нејзиното формирање.

„Се случија промени. Има дисконтинуитет во раководењето и тоа е суштински фактор кој влијае и има и тековни работи кои застанаа поради промените. Еве се случуваат прекини и на субвенциите за трудови со импакт фактор, кога дојде новиот министер ги откажа, не ги исплаќа, итн, а кога се однесува на стратегиски цели секако дека може да дојде до уште поголеми застои”, вели Новковски.

Тој нагласува дека во други земји и кога се прави промена во владата се настојува во Министерството за образование да се обезбеди континуитет, зашто таму постојат активности кои се одвиваат на долг рок и оти ако нема континуитет многу од нив може да бидат прекинати и да биде потребно уште подолго време за да се имплементираат.

Честите промени во челната позиција во МОН, кои се случуваат со години наназад, според Новковски, се еден од показателите дека државата посветува малку внимание на образованието. Тој вели дека тоа не треба да се случува особено сега во време кога Македонија се доближуваме до ЕУ, каде услов е државите да имаат развиен систем на научни истражувања и да имаат образование кое ќе обезбедува кадар кој ќе може го покрене развитокот на економијата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG