Достапни линкови

И обвинети во „Транспортер“ критикуваат други за школскиот превоз во Битола


Седница на Совет на Општина Битола.

Обвинета во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на пари за школски превоз, ја обвинува сегашната локална власт во Битола за проблеми во училиштата. Градоначалничката не прифаќа обвинувања од, како што вели, тие што го колабирале образованието.

Сериозна, но на моменти и комична. Вака присутните ја оценија дискусијата во Советот за состојбите во битолското образование. Сериозна поради тоа што претходната локална власт остави големи долгови во училиштата и нестандардни термини за распишување на тендери за ученички превоз, па во моментот три училишта останаа без бесплатен превоз до школо. Но, напати и комична, зашто обвинети во случајот со злоупотреби на школскиот превоз, наречен „Транспортер“ за кој се води и судски спор, ја обвинуваа сегашната власт за проблемите во училиштата.

„Зошто не ја исполнувате законската обврска да им обезбедите слободен превоз на учениците, со тоа заедно со директорите кои вие ги поставувате, се изложувате на кривична одговорност и што е најстрашно директно го колабирате воспитно-образовниот процес во Битола“, рече Анита Ангелевска, советник од ВМРО-ДПМНЕ, поранешен директор во училиште кое тонеше во долгови, а воедно и една од обвинетите во случајот „Транспортер“.

Градоначалничката Наташа Петровска рече дека не прифаќа обвинувања од оние кои во претходниот систем придонеле образованието да колабира.

„Колабиран воспитно–образовен процес, нема лице да каже некој кој бил дел од политиките, каде заклучно со 31.12 .2017 година училиштата должат над 4,3 милиони евра. За овој краток период од шест месеци над 80 000 евра од тие долгови, од таа оставштина од нив ја покривме“, рече Петровска.

Таа обвини дека наследиле лошо темпирани термини за распишување на тендери за превоз од претходната локална власт.

Да оставите тендерски постапки да се одвиваат на сред школска година е лудо. Секоја општина што ја исконтактирав за тоа во која временска рамка ги поставуваат тендерите, беше кажано дека до 31 август мора да има дефиниран превоз со транспарентни законски постапки, а не да влезете во второ полугодие и да треба да отпочнете тендерска постапка за превоз. Тоа не е постапка која ќе се заврши за ден-два, месец“, рече Петровска.

По судскиот процес за „Транспортер 1“ и кривичните пријави за „Транспортер 2“ во кои има над дваесетина лица обвинети и осомничени за злоупотреба на школскиот превоз по повисоки цени од реалните, од Општина Битола велат дека ќе бидат крајно внимателни во постапките за организирање на бесплатниот школски превоз.

Немам намера да очекувам друго од директорите на училиштата освен да не сакаат превоз кој чини 60 денари од Новаци до Битола, по 30 во еден правец и 30 денари во друг да го плаќаат по 400 денари. Некој не сакаше, а тоа бев јас да се стави проблемот под чергиџе, како што се правеше од 2012 година, па ги донесовте училиштата на колена, па сега се соочуваме само со еден извршител да побарува 100 000 евра, од политиките кои ги тераше претходната власт“, рече градоначалничката.

Инаку, од 18 битолски училишта, десет веќе неколку години се со блокирани сметки.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG