Достапни линкови

Македонија пред вратите на „притиснатата“ Европа


Илустрација

Во време на разнишани трансатлантски односи, поради раскинатите трговски врски меѓу Европа и Америка, но и поради безбедносните тензии поврзани главно со Русија, Македонија напредуваше во европските интеграции. Мислењата на аналитичарите се поделени за тоа дали ова ќе влијае на проширувањето.

По години тапкање во место на Македонија во европските интеграции, македонските лидери последниве месеци добиваат тапкање по рамо од европските колеги кои ги фалат за напредокот. Тој напредок, особено во однос на решавањето на децениските соседски спорови ѝ донесе и отворање на пристапни преговори на земјава во јуни 2019 година. Во дел од јавноста ова на некој начин се смета и за одложување поради инистирањето најмногу на Франција дека не треба да се примаат нови членки додека не се продлабочи интеграцијата и не бидат спроведени потребните реформи. Европската унија не е единствена за многу прашања, а дополнително постојано е оптоварена и со други проблеми.

Во ова време на разнишани трансатлантски односи, поради раскинатите трговски врски меѓу Европа и Америка, но и поради безбедносните тензии, поврзани главно со Русија, се повеќе се поставува прашањето дали Европа е на пат да се подели? Некои експерти, сметаат дека тоа само ќе придонесе за натамошно зацврстување на европското семејство.

Гоце Атанасов

Јозеф Брамл, политички научник, експерт за трансатлантска политика и висок член на Германскиот совет за надворешни односи смета дека Европа „се распарчува“, бидејќи, како што вели, се наоѓа под притисок од многу страни. Сепак, според него, токму ваквите повеќекратни закани би можело „да им помогнат на Европјаните да се здружат“.

Откако Соединетите Држави воведоа царини за увоз на европски челик и алуминиум, Европската унија одговори со слични такви мерки врз американски производи. Брамл оценува дека трговскиот спор меѓу Европа и Соединетите Држави покажува знаци на трговска војна. Таа, според него, се заканува да ја стави под прашалник и работата на Светската трговска организација.

„Европа е во неволја, тоа е точно, имаме свои проблеми и сме под голем притисок не само од Русија, туку и од поранешната западна протекционистичка сила, Америка. Америка се обидува да подели и освои. Сега можеби има полесна шанса, бидејќи ја распарчуваме Европа со сопствените потези“, вели Брамл.

Од друга страна, Брамл ја обвинува Русија за „водење игри“, додека, Кина за тоа што, како што вели, „не верува во либералниот свет“.

„Најголемиот проблем за Европјаните е тоа што многу Европјани сè уште сонуваат. Ние сè уште сонуваме за либерален интернационалистички свет, додека околу нас овој свет повеќе не постои. Америка ќе го уништи ваквиот поредок. Кина не верува во него исто така, а Русија ја игра сопствената игра, па така Европа мора да се разбуди и се надевам дека оваа надворешна закана им помага на Европјаните да дејствуваат заеднички“, вели Брамл.

Затоа Брамл ги повикува европските лидери да преземат нешто во врска со се поголемите и побројни опасности кои доаѓаат од другите меѓународни фактори.

„Унијата би можела да биде посилна. Кога ќе погледнете во европската историја, секогаш постоеле кризи што ја терале Европа да оди напред, да ги надминеме нашите националистички ега. Па, можеби и притисокот од надвор ќе помогне да се формира европскиот идентитет и ќе им помогне на Европјаните да се здружат“, вели Брамл.

Секако, како што додава, за тоа се неопходни храбри потези, главно во справувањето со популистичките сили во рамките на Европската унија.

ЕУ и Македонија меѓу Истокот и Западот
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:23 0:00

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас деновиве во Берлин изјави дека на Европа и е неопходно да најде „нов баланс“ во односите со другите меѓународни фактори.

„Со егоисточната политика на Доналд Трамп на Америка на прво место, руските напади врз меѓународното право и суверенитетот на државите и експанзијата на гигантската Кина, глобалниот поредок што го знаеме и оној со кого навикнавме, а можеби и малку бевме самозадоволни веќе не постои. Долготрајните сигурни партнери се распаѓаат од нови кризи, а со децении старите сојузи се ставаат под прашалник на Твитер“, рече Мас.

Ќе има ли влијание врз Македонија?

Оптоварена со своите проблеми, пред сè поради спорот за името со Грција, Македонија се чини не навлегуваше многу во анализа на случувањата во самата унија и нејзините односи со некои од довчера најважните партнери. Но сега, земјава може да го направи својот пробив во европскиот пат, но него може да наиде и на пречки кои индиректно ќе влијаат.

Според Зоран Нечев од Институтот за демократија превирањата внатре во Европската унија, како тие поради раскинатите трговски врски со Соединетите Американски Држави, или пак несогласувањата за мигрантите, немаат директно влијание врз тоа што ја засега Македонија - процесот на проширување на унијата. Но додава тој сепак сето тоа има индиректно влијание врз земјите кандидатки за членство.

„Преокупираноста на Европската унија сега со внатрешни проблеми, може и претпоставувам дека ќе има одредено влијание врз процесот на проширување“, вели Нечев.

Тој смета и дека надвор од трговската војна меѓу САД и ЕУ и традиционално напрегнатите односи со Русија, сега на тест е германската влада која се смета за мотор на Унијата и во однос на проширувањето. Темата поради која се нарушени односите меѓу коалиционите партнери во Берлин, вели Нечев, се мигрантите.

„И со една таква преокупација за важно прашање кое не само што е од круцијално значење на самата Европска унија, туку е и од круцијално значење за опстојување на владата на Меркел го отргнува вниманието од политиката на проширување и она што треба да го добијат земјите од регионот, пред сè Албанија и Македонија“, вели тој.

ЕУ секогаш имала проблеми

И според Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика ЕПИ внатрешните прашања на Европската унија влијаат врз тоа како се поставува таа кон проширувањето.

„Меѓутоа, мора да имаме предвид дека Европската унија, континуирано во својата историја, постојано се соочувала со големи предизвици и големи прашања и всушност не би требало да го гледаме проширувањето во директна опозиција со решавањето на внатрешните проблеми“, вели Кацарска.

Таа додава дека, како што вообичаено се случува, секоја криза може да биде и голема можност за решавање на прашањата, но дека за тоа е потребно лидерство кое ќе ја гледа таа криза како можност.

„Во овој момент има дел членки на Европската унија кои сметаат дека внатрешната криза и проширувањето може да одат паралелно меѓутоа постои и мислење како на пример на Франција дека прво треба да се консолидираат внатрешно за да може да се разговара за проширувањето“, вели Кацарска.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак, оди уште подалеку, па вели дека не е тајна дека од деведесетите години па наваму процесот на проштирување на Европската унија постојано станува се покомплексен што е резултат и на самото зголемување на унијата и примањето на нови членки во неа кои со себе ги носат и своите проблеми.

„Сепак не верувам дека тие проблеми низ кои поминува Европската унија реално ќе ни го блокираат европското интегрирање и мислам дека во овој момент нашите интеграции не се ставени под ризик“, вели Муслиу.

Од трговската војна трпи и Македонија

Инаку од трговската војна меѓу САД и ЕУ последици трпат и малиот број македонски компании кои се занимаваат со производство на челик и алуминиум, но за малата македонска економија се сметаат за важни оти влијаат со добар процент врз домашните економски показатели.

Во Македонија има пет компании од челичната индустрија, а извоз во САД има само Макстил, вели Митко Кочовски вработен во компанијата и претседателот на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.

„За нас како компанија не е за потценување 7-8 милиони долари е тој извоз, но тоа не е најстрашното. Најстрашното за нас е што предизвикана од мерките што ги воведе американската администрација, Европската комисија презеде слични чекори и најави ограничување на увозот на производи од челик од трети земји, не членки на Унијата и извозот на старо железо“, вели Кочовски.

Според него, тоа е најпогубно за македонската металуршка индустрија бидејќи повеќе од 60 отсто од извозот и сто отсто од увозот на старо железо тие ги реализираат во земјите од Европската унија.

Тој нагласува дека тие како македонски компании не го зголемиле извозот на американско тло со што би ја предизвикале ваквата реакција и поради тоа преку механизмите што постоеле во САД се обидуваат да добијат изземање од мерката. Кочовски вели дека за проблемот со САД веќе контактирале со македонското министерство за надворешни работи, македонската амбасада во Вашингтон, стапиле во контакт со американската администриција и сега чекаат одлука дали ќе бидат изземени од мерките.

Во однос на Европската унија им биле испратени прашалници кои ги пополниле и чекаат одлука од ЕУ која треба да биде донесена во рок од девет месеци.

Овие мерки може сериозно да ја забават економската активност на државата со оглед на влијанието на оваа индустрија во вкупните макроекономски показатели“, вели Кочовски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG