Достапни линкови

Што би опфатило ветеното бесплатно лекување?


Архива: Клинички центар во Скопје, државна болница.
Архива: Клинички центар во Скопје, државна болница.

Бесплатно лекување за сите граѓани и поголеми плати за докторите не се револуција во здравството, како што најавува власта. За такво нешто мора да се сменат многу покрупни работи, коментираат познавачи за најавените на мерки во јавното здравство на министерот Венко Филипче.

Укинувањето на партиципацијата за болничко лекување е реално да се воведе, тоа беше најавено во изборната програма на СДСМ, пресметано е колку ќе чини и за тоа не се потребни големи пари, вели доктор Никола Пановски од Медицинскиот факултет, додавајќи дека сепак оваа мерка не важи за сите здравствени услуги.

Коментарите доаѓаат откако министерот за здравство Венко Филипче најави бесплатно лекување за сите граѓани, односно дека од 1 јануари 2019 година нема да се плаќа партиципација, без разлика на тоа во која болничка установа се лекуваат граѓаните и на извршената здравствена услуга.

Мерките вчера ги најави и премиерот Зоран Заев на собраниската седница за пратенички прашања.

Пановски вели дека мерката за партиципација не важи за сите услуги, односно дека и понатаму ќе се палаќа партиципација во аптеки за лекови, но и примарна и секундарна партиципација, како лабораториски испитувања.

„Ова важи само кога пациентот лежи во болница, а не кога оди на испитување. Кога ќе го хоспитализираат пациентот во болница, така стоеше во изборната програма, нема да плати партиципација, која инаку според законот максимум може да изнесува околу шест илјади денари, односно 65 отсто од минималната плата“, вели Пановски.

Министерот Филипче исто така најави дека дека е почнат процес за зголемување на платите на специјалистите до 100.000 денари. Тој рече оти првиот чекор е направен со зголемувањето на дежурствата и за ноќниот труд, меѓу 20 и 40 отсто, наведувајќи дека со тоа ќе ги задржи лекарите да не ја напуштаат земјава, со што дополнително ќе им биде обезбезбена и подобра едукација.

Според економскиот аналитичар Фатмир Битиќи, реструктуирањето на буџетското трошење и рационално користење на ресурсите, може да дозволи во Македонија да има адекватни плати за кадрите во здравството, особено поради зголемемниот број на иселувања на здравствените работници во странство.

„Еден од начините за мотивирање да останат во Македонија и да постои солиден здравствен систем за граѓаните, се и платите. Ова многу повеќе би го гледал од аспект на социјалниот сегмент и осигуривање на услугите. Секако сметам дека во Македонија, и со овој буџет кој го имаме годинава и со тие во наредните години, ако адекватно се структуираат трошоците, можат да се најдат извори за финасирање на таква категорија на ставка на плати, како што беше навестена“, вели Битиќи.

Во однос на платите, Пановски вели дека процесот ќе оди постепено и дека мора да се најдат пари за докторите, бидејќи во моментов, како што истакнува, недостасуваат многу работи во здравството, но најмногу доктори специјалисти.

Во здравството се уште има долгови, додаде министерот Филипче посочувајќи дека со дополнително финасирање од буџетот ќе може да се надминат предизвиците кон патот на градење на модерен здравствен систем.

Тој додаде дека ќе има дополнителни инвестиции од буџетот и оти износот треба да се зголеми за поквалитетно здравство, подобра инфраструктура, поголеми плати и нова опрема.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG