Достапни линкови

Дали поголеми плати ќе го запрат одливот на доктори од државата?


Клинички центар Скопје.
Клинички центар Скопје.

Секоја година по речиси една генерација дипломирани лекари си заминуваат од земјата. Од Здружението на приватни лекари предлагаат платите да се зголемат. И од Министерството за здравство велат дека вложуваат напори да ги подобрат платите и условите во здравството.

Од Македонија секоја година си заминуваат над 170 лекари. Трендот на иселување е константен, а показател за масовноста е податокот дека на Медицинскиот факултет во Скопје годишно дипломираат 220 лекари, а тоа значи дека од државата секоја година си заминува една генерација дипломирани лекари.

Испровоцирана од тоа што лекарите не се мотивирани да работат во државата, претседателката на Здружението на приватни лекари доктор Лилија Чолакова најави дека деновиве ќе упати повеќе предлози до креаторите на политиките во здравството со цел лекарите да се мотивираат да се задржат во Македонија.

Интересот за иселувањето на лекарите што може да се слушне секој ден е алармантен, вели доктор Чолакова и посочи дека бараат да има преоден период во кој ќе се смени начинот на плаќање во примарното здравство меѓу другото и со зголемување на средствата за капитација.

„Во тој преоден период би била капитацијата со покачување до 20 отсто за материјални трошоци во целата примарна здравствена заштита. Во подолг рок нудиме да има множење на коефициент од два ипол од просечната плата. Цел ни е да ги задржиме младите лекари со солидна плата и да може барем малку да го стопираме моментот на одливот на лекари од секој дел на Македонија“, вели доктор Чолакова.

Капитацијата е 50 денари за пациент, а доктор Чолакова објаснува дека поради зголемување на обврските и давачките приватните лекари не може финансиски да издржат со платите кои во примарното здравство се движат од 15 илјади до 30 илјади во зависност од бројот на пациенти.

„Освен фиксен со коефициент од 2,5 да им и променлив дел во кој ќе ги наброиме сите трошоци за егзистенција и постоење на амбулантите. Независно дали некој лекар има 300, 600 или две илјади пациенти трошоци кон државата за софтвер, за кирија, компјутери, тонери, фискални каси, боци за кислород, за принтери, енормен е бројот на ставки кои државата си ги повлекува назад за функционирање на примарната здравствена заштита", вели доктор Чолакова.

Институциите мора да најдат средства за квалитетно плаќање на лекарската фела, вели таа, додавајќи дека со тоа ќе им се овозможи да се обнови апаратурата и да се пружи квалитетна здравствена заштита.

Последиците од недостигот на лекари особено се чувствува во региони во внатрешноста со помалку жители.

Лекарите укажуваат дека поради помалиот број жители во одредени градови во Македонија има многу лекарите кои таму остваруваат минимална плата.

„Има места каде функционира само по еден доктор. Така е во Блатец Дојран. Има места, да не ви кажам колкави огромни региони, нема доктори, села со три илјади жители. Никој не сака да оди да работи во места каде нема пациенти, зашто не дека не сака да лекува, егзистенцијално не може да опстои доктор со сите трошоци“, вели доктор Чолакова.

Според анализите, доколку состојба со заминување на лекарите не биде подобрена, по три години Македонија ќе се соочи со очигледен недостаток на лекарски кадар.

Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Радио Слободна Европа деновиве изјави дека Министерството вложува максимални напори да им ги подобри платите на докторите и медицинскиот персонал. Тој изјави дека планираното петпроцентното зголемување е само почеток, и оти очекува со ребалансот да се одвои и сума на пари со која ќе се зголеми цената на чинење на дежурството на сите здравствени работници низ целата држава. Тој додаде дека платите не се единствениот фактор којшто ги тера нашите доктори да заминат во странство и дополни дека работат напорно да се подобри систем на функционирање, но во исто време и степенот на едукација и знаење кое го добиваат лекарите со едукации од доктори од земјите од ЕУ кои ќе доаѓаат тука.

Филипче: Нема матични гинеколози во пет општини
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:28 0:00

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG