Достапни линкови

Стабилизирање на јавниот долг или должничко ропство?


Архивска фотографија: Министерот за финансии Драган Тевдовски со предлог буџетот за 2018 година

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека после повеќе од 10 години, јавниот долг конечно е ставен под контрола. Опозицијата, пак, обвинува дека тоа не е точно и оти власта ја тера државата во должничко ропство.

Власта се фали дека го стабилизирала јавниот долг, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во сличен стил како и СДСМ кога беше во опозиција, обвинува дека владата предводена од СДСМ ја турка државата во должничко ропство.

Професор Зоран Ивановски вели дека е нормално политичките партии да ги искористат сите аргументи за да ги убедат граѓаните во исправноста на своите политики, но факт е дека во изминатата деценија јавниот долг се удвои и затоа е неопходно консолидирање на долгот.

„Прашањето кое е најважно е дали домашната економија ќе ги обезбеди планираните стапки на економски раст, оти од нив зависи полнењето на буџетот. На расходната страна, пак, доколку се продолжи со политиките на домаќинско однесување, можно е да се обезбеди таа фискална консолидација која се прокламира“, вели тој.

Податоците од Министерството за финансии покажуваат дека јавниот долг за прв пат надмина пет милијарди евра и на крајот на март бил 5.084 милијарди евра. Иако во првите три месеци од годинава долгот е зголемен за 300 милиони евра, сепак, како процент од БДП-то е намален од 47,6 на 47,2 отсто.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека после повеќе од 10 години, јавниот долг конечно е ставен под контрола. Според него, се отплаќаат дел од старите долгови, се намалуваат каматите на задолжувањата и се зголемува рочноста за враќање на долговите. Тој посочува дека Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од два отсто на среден рок.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека јавниот долг е далеку од стабилизиран и оти владата ја тера Македонија во должничко ропство. Пратеничката Лилјана Кузмановска неодамна рече дека владата ја донесе државата на работ на банкрот. Само се задолжуваат, а ветувањата за подобар живот не ги исполнуваат, рече таа.

„Народната вели – кој лаже, тој и краде. СДСМ лажеа дека ќе го намалеле задолжувањето и ќе штеделе пари, СДСМ лажеа дека со парите од задолжувањето ќе покривале стари долгови, СДСМ лажеа дека државниот буџет е празен и дека дополнително ќе реализираат инфраструктурни и капитални проекти. Реалната ситуација е дека за само три месеци долгот е пораснат за дури 300 милиони евра.

Во неодамнешното интервју за МИА, Тевдовски се брани дека овие обвинувања „доаѓаат од партија која кога беше на власт го зголеми јавниот долг за 3,2 милијарди евра, или од 23 отсто на 48,5 отсто од БДП меѓу 2008 и 2016 година“.

Според Фискалната стратегија на Министерството за финансии, јавниот долг во 2020 година треба да достигне 6,5 милијарди евра, односно 53,5 отсто од БДП-то. Во овие три години, Македонија треба да врати стари долгови од 1,7 милијарди евра – 510 милиони евра годинава, 420 милиони евра догодина и 810 милиони евра во 2020 година. Според стратегијата, буџетскиот дефицит постепено треба да се намалува и до 2020 година да достигне 2,3 отсто од БДП-то.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG