Достапни линкови

Земјоделците во паника, прво поплави, сега жештини


Најголемиот дел од нивите во битолско се без вода откако свлечиште го сруши главниот доводен канал на хидро системот Стрежево.

Земјоделците од Пелагониско се исправени пред неизвесност- дали ќе успеат да ги спасат пролетните култури кои останаа без наводнување во услови на жега и температури над 40-от степен? Најголемиот дел од нивите во битолско се без вода откако свлечиште го сруши главниот доводен канал на хидро системот Стрежево. Проблеми со свлечишта имаше и во изминатите недели, па полињата се наводнуваа циклично, односно во турнуси.

Годинава имавме две, така да речам, временски несреќи. Во зимата не фатија поплави целиот есенски род ни пропадна, сега еве летово 40 степени вода немаме ни за наводнување, ни за пиење. Земјата пука.
Земјоделец од битолско.

„Годинава имавме две, така да речам, временски несреќи. Во зимата не фатија поплави целиот есенски род ни пропадна, сега еве летово 40 степени вода немаме ни за наводнување, ни за пиење. Земјата пука. Каналите не се полни со вода, немаме ни технолошка, ни вода за пиење. Ни отиде бостанот, пиперот, сега може само пченицата да се собере на вакви горештини.“

„Не тераа да ставиме систем капка по капка, тој на овој начин не може да опстане. Попусто ги стававме системите, сега немаме вода. Не знаеме како ќе заработиме за леб. Ова е срамота што се случува во најголемата житница во Пелагонија“, велат земјоделци од селото Могила и Карамани.

Директорот на хидро системот „Стрежево“ вели дека на терен работат на санирање на свлечиштето.

„При крај сме во поставувањето на еден лимен канал преку кој ќе се обезбеди одредена количина на вода доволна за градот и РЕК, делот за земјоделието ќе го решаваме во некоја наредна фаза. Сега ни е важно да пуштиме вода за градот. Во следниот период ќе имаме многу работа за да го зацврстиме главниот канал“, вели директорот Марјан Ѓеровски.

Наспроти тврдењата на дел од земјоделците дека ситуацијата е алармантна, началникот за земјоделство Илија Србиновски не очекува штети.

„Пријавени се пет до шест илјади хектари кои наводнуваат со вода од Стрежево. Во овој изминат период повеќе турнуси имаа наводнето земјоделците. Како што најавуваат надлежните дека за брзо време ќе се санираат каналите, мислам дека културите за кратко време ќе издржат, па нема некоја опасност и не би требало некои алармантни ситуации да се создаваат зашто знаеме дека ова е елементарна непогода“, вели Србиновски.

Од поплавите земјоделците во земјава претрпеа штети од 25 милиони евра, а допрва ќе се проценува какви ќе бидат последиците по жегата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG