Достапни линкови

Законот за рудниците заглавен во собраниските лавиринти


Графички приказ на рудникот Иловица-Штука. Извор: Здрава Котлина“
Графички приказ на рудникот Иловица-Штука. Извор: Здрава Котлина“

Собранието чека мислење од Владата за измените на Законот за минерални суровини, со кои е предвидена забрана на експлоатација на руди со користење на опасни материи. Еколошки здруженија сметаат дека Законот е заглавен во собраниските лавиринти поради притисоци од рударското лоби.

Измените на Законот за минерални суровини беа предложени од група пратеници од владејачката коалиција во почетокот на годинава, како што наведоа, поради заканите за животната средина од издадените концесии за рудниците за бакар и злато Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите постапки ќе користат опасни материи, како сулфурна киселина и цијаниден раствор.

Дополнително, во текстот за измените на Законот, кој Асоцијацијата за рударство оцени дека ќе ја блокира целата рударска индустрија, е наведено дека опасност за животната средина во Македонија се издадените 86 концесии за геолошки истражувања за рудници за метали од страна на претходната власт, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за концесии за експлоатација.

Владата во меѓувреме еднострано го раскина договорот за концесија на локалитетот Казандол во Валандово, но граѓаните од струмичкиот регион изминативе денови повторно протестираа барајќи итно стопирање и на рудникот Иловица.

Претседателот на собраниската Комисијата за економски прашања Горан Милевски, кој е еден од пратениците предлагачи на измените на Законот, за РСЕ вели дека во моментов се бара заедничко решение меѓу инвеститорите, екологистите и пратениците предлагачи.

„Во моментов очекуваме одговор, мислење од Владата. Предлагачите се согласија да направат некои измени, овие нови законски решенија да не важат за постоечките инвеститори кои веќе инвестирале во Македонија и работат по старите програми, а тоа да важи за сите оние идни концесионери на земјиште“, вели Милевски.

Но, активистите од еколошкото здружение „Здрава Котлина“, кои се борат против отворањето на рудникот Иловица-Штука, се со став дека Законот е заглавен во собраниските лавиринти поради притисоци од рударското лоби и, како што велат, „византиски игри на партиите“.

„Официјална информација нема, но се шушка дека постојат големи интереси кои го инхибираат не само овој закон, туку бараат и промена на законот за просторно планирање во насока на полиберално одлучување на пониски инстанци за содржини кои не се предвидени со Просторниот план на Република Македонија. Сумирано во превод, некој има интерес да ја претвори Југоисточна Македонија во рударски регион“, велат од „Здрава Котлина.“

Милевски наведува дека за најновите предлози на предлагачите, Владата сè уште нема изградено и доставено мислење до Комисијата за економски прашања.

„Веднаш штом Владата го состави предлогот, јас тоа ќе го ставам на дневен ред, се разбира тој потоа ќе оди на пленарна седница“, вели Милевски.

Од „Здрава Котлина“ сметаат дека со измените на Законот за минерални суровини нема да биде спречено отворањето на рудникот Иловица-Штука, бидејќи како што велат, концесионерот „Еуромакс-Рисорсис“ надвор од секоја законска процедура маневрира со незаконско нотирање на промени во технологијата.

„Тие се откажуваат од цијанид и сулфурна киселина, но тоа е на ниво на соопштенија и известувања, без притоа да дадат нови документи, нови студии и технички информации. Вака излгегува дека само со соопштение тие можат да изградат што сакаат и притоа никој, а посебно јавноста, нема право да знае и да види технички документи. Каде го има ова“, прашуваат од „Здрава Котлина.“

Милевски вели дека инвеститорот во Иловица се согласил да ги отфрли методите за копање руда во отворен коп и да применува современи методи кои нема да загадуваат, со што и понатаму би продолжиле со инвестицијата.

„Значи тие се согласни и ги прифаќаат овие измени на пратениците“, вели Милевски.

Тоа го велат и од компанија „Еуромакс Рисорсис“, наведувајќи дека се посветени на безбедно и одговорно рударство и оти по слушањето на загриженоста на локалните заедници одлучиле да се откажат од употребата на цијанид, истакнувајќи дека компанијата никогаш во ниту една постапка нема да користи сулфурна киселина.

„Релевантната документација за оваа промена во процесот е доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање и компанијата ја чека нивната одлука“, велат од „Еуромакс Рисорсис“ додавајќи:

„Проценката на влијанието врз животната средина на компанијата го доби соодветниот извештај за усогласеност издаден од Министерството за животна средина и просторно планирање кој претходно бил објавен.“

Од „Еуромакс Рисорсис“ исто така велат дека „од огромна важност е проектот да биде ставен на агендата на Владата“, како што наведуваат, бидејќи поради политичката криза одредени постапки не покажале напредок за подолг временски период, со што бил забавен развојот на проектот.

Од компанијата истакнуваат дека имаат редовни работни состаноци со разни заинтересирани страни кои се одржуваат континуирано.

„Еуромакс Рисорсис“, освен рудник, планира да изгради и брана висока 276 метри за складирање на јаловината од преработената руда, стои во податоци објавени во официјалните документи на компанијата.

Граѓаните на струмичко деновиве протестираа против отворање на рудникот, велејќи дека тој ќе биде погубен за животната средина, економијата и животите и здравјето на граѓаните во целиот регион.

Здружението „Здрава котлина“ предупредува дека доколку се изгради рудникот во струмичко, тој ќе биде најголемиот во Југоисточна Европа на подрачје со среден сеизмички ризик (земјотреси), нестабилен за изградба на таква брана, која при силни врнежи можно е отровите да се прелеваат, а евентуална хаварија би имала апокалиптични последици.

На 3 септември 2017 година во Општина Босилово беше организиран референдум за спречување но отворањето на рудникот Иловица, но не беше успешен, бидејќи не гласаа повеќе од половина од вкупниот број регистрирани гласачи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG