Достапни линкови

Поплавени улици и паднати дрвја – Скопје не може да издржи пороен дожд


Поплавена улица во Скопје

Ветерот турнат 120 дрвја во Скопје изминатите денови. По секој пролетен пороен дожд низ поплавените улиците има расфрлани гранки и градежен шут. Надлежните велат дека постојано се на терен.

По 15 минутен пороен дожд, скопјани чекаат поплавени на автобуски постојки искачени на клупите. Искршените дрвја и гранки и разнесениот градежен шут по силните дождови се чистат и по неколку дена. Скопје изгледа постапокалиптично, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Со објави на видеа и фотографии, граѓаните го искажуваат разочарувањето од изгледот на Скопје по поројните дождови.

Од градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ истакнуваат дека за една недела паднале 120 дрвја од невремето. Нивните екипи, објаснува директорот Ардијан Муча, работеле деноноќно за отстранување на дрвјата низ целиот град.

„Од саботата кога имаше невреме ние излеговме на терен со целата механизација и сите надлежни луѓе и истиот ден имаше околу 80 дрвја. Не гранки, туку дрвја, дебели дрвја што имаа паднато низ цел град. За да се отстрани едно дрво требаат најмалку три камиони. Тие три камиони треба да се испразнат или да возат до Дрисла и да се враќаат. За тоа е потребен временски период, не е така лесно како со магично стапче. Тоа е процедура, физичка работа. До четврток екипите беа деноноќно на терен низ цел град, но после тоа имаше пак невреме, паднаа уште 40 дрвја, бројката се искачи на 120, а тука не ги набројувам гранките што беа искршени. Работиме три смени за целосно отстранување на сите дрвја. Се работи за паднати високи дрвја, значи не гранки, туку преку 120 дрвја паднаа за една недела“, вели Муча.

Тој истакна дека за да нема вакви штети бил почнат проектот за кастрење или сечење на стари дрвја, за кои се проценува дека се потенцијален ризик за граѓаните.

„Направивме план за санирање на веќе застарени дрвја што се потенцијален ризик за градот, но имаше реакции од јавноста. Паузиравме за да дадеме простор да им објасниме на луѓето дека се работи за ризични дрвја што се поставени пред 70-тина години, и затоа се ризик и за возачите, но и за потенцијалните минувачи. Еве невремето покажа дека тоа што го зборувавме, бевме во право и мислам дека на есен ќе направиме нов план за кастрење или сечење на веќе потенцијални ризични дрвја“, дополни директорот на скопски „Паркови и зеленила“.

Во контекст на поплавените улици, Митко Каџовски, портпарол на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, изјави дека силината на ветерот при поројните дождови ја отежнува функционалноста на сливниците и шахтите.

„Во изминатиов период се соочуваме со проблеми што се видливи за граѓаните на градот Скопје од причина што вакви поројни дождови со силно невреме, силен ветер и град ни создаваат дополнителни проблеми заради тоа што сливниците и шахтите се затрупуваат со ѓубре коешто ги носи самото невреме, од искинатите гранки и градежниот шут од градилиштата и тоа е најчестиот дел којшто ни создава проблеми и од таа причина сведоци сме на тоа на неколку сообраќајници. Меѓутоа сакаме да истакнеме дека во последните неколку дена будно ја следиме ситуацијата и ангажираме дополнителен број луѓе коишто обично би требало да се на своите работни места, сè со цел да може навремено да интервенираме во одредени средини каде што тоа е потребно“, вели Каџовски.

Според пресметките на претпријатието, градот е покриен со околу 30 проценти атмосферска канализација. Поточно, од вкупната канализациона мрежа која изнесува 950 километри, на скопската територија има 260 километри атмосферска, а остатокот е фекална мрежа. Последните години се покажува дека капацитетите на атмосферската канализација не се доволни. Затоа, од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека наскоро ќе се имплементира проект за проширување на мрежата.

„Заедно со градот Скопје и општините на територија на градот Скопје ќе биде донесен план со каква динамика и со какво темпо ќе се проширува канализационата мрежа на територија на градот Скопје“, рече Каџовски.

Уште пред неколку години, претпријатието констатирало дека е потребна доизградба на атмосферска мрежа. Во последната програма за развој и работа на ЈП Водовод и канализација што се однесува за 2015 година, стои дека во најлоша состојба е изграденоста на атмосферската канализација.

XS
SM
MD
LG