Достапни линкови

Урбаната мафија продолжува да цвета


Протест пред зградата на општина Аеродром поради спорен Детален урбанистички план, април 2017

Скопските општини го затвораат секое ќоше со нова градба за домување. Последната статистика покажа дека во април годинава Општина Аеродром одобрила изградба на 655 станови, односно 67,8 проценти од вкупниот број во Македонија. Граѓаните не се среќни, а ниту архитектите.

Скопјани со години се бунтуваат против градежната експанзија, а градоначалниците на последните локални избори во голем дел победија токму поради ветувањата за стопирање на градбите. Но, граѓаните немаат чувство дека е стопирано, а статистиката исто така покажува нови стотици станови.

Само во април годинава е одобрена изградба на нови 965 станови, од кои 719 се во Скопје, а 655 само во општина Аеродром, стои во последниот извештај за градба на Државниот завод за статистика. Искра Манојлоска, активистка од граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“, коментирајќи ги статистиките, вели дека урбаната мафија сè уште цвета во Македонија и во Аеродром.

Златко Марин, кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, беше сламката за спас за којашто аеродромци се фатија пред изборите, но јас со тешко срце морам да признаам дека по сè изгледа дека ќе се удавиме“, вели Манојлоска.

Од општината потсетија на работењето на претходната власт, истакнувајќи дека претходниците го донесоа постоечкиот урбанистички план.

„Во времето на претходното раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, на територијата на Општина Аеродром никнаа над 90 згради, со повеќе од 10 илјади станбени единици и се изработија детални урбанистички планови, кои овозможуваат уште градби во веќе урбанизираниот дел од Аеродром. Во оваа смисла сите одобренија за градба издадени оваа година се врз основа на урбанистички планови донесени од претходното раководство. Заложбата на новото раководство на Општина Аеродром, пак, е да дестимулира градби во урбаното јадро“, велат од општината.

Граѓаните на Општина Аеродром сигурно ќе ви кажат дека општината ги има исполнето своите капацитети за живеење и новите згради се одвишок, истакна активистката. Таа дополни дека загрижува градежната експанзија и поради состојбите со воздухот во зимскиот период.

„Од друга страна, општинарите секогаш се вадат на тоа дека претходната власт е виновна за тоа што се случува во Скопје и во Аеродром, во Македонија општо, јас верувам дека доколку сега го исконтактирате градоначалникот, тој ќе каже дека рацете му се врзани дека тој мора да гради нови згради, дека тоа е дело на ВМРО-ДПМНЕ и на Ивица Конески, меѓутоа доколку видите на терен каква е состојбата во Аеродром, ќе се запрашате зошто никој не ги мете улиците, зошто никој не ги чисти контејнерите, зошто никој не се грижи за јавните површини. Пред неколку дена имавме случај на невреме и во моментов доколку поминете во Аеродром, ќе мислите дека се наоѓате на сцена каде што се случило торнадо, бидејќи еве веќе неколку дена тој пустош остана во Аеродром и никој не се труди да ги исчисти улиците па се прашувам дали кога Ивица Коневски замина од функцијата со себе ги поведе и метлите коишто ги има општината, па затоа сега Златко Марин сега нема како да ги исчисти улиците или можеби чека амбасадорот од Америка да дојде и да го направи тоа наместо него“, рече Манојлоска.

Локалната самоуправа истакна дека општината нема законска можност да утврдува оправданост на градба, ако веќе се изработени урбанистичките планови.

„Во моментов Општина Аеродром ги ревидира сите ДУП-ови донесени од претходното раководство и за сите недоследности ќе реагира соодветно. Урбанистичкото планирање го одредува квалитетот на животот во општината. Согласно заложбите на сегашното раководство, новите урбанистички планови се изработуваат со високи стандарди за похумано живеење и со фокус на уредување и развивање на помалку урбанизираните делови од Општината“, велат оттаму.

Архитектката Ивана Костовска вели дека голем проблем е што со градежната експанзија се изгуби естетиката, а и функцијата на градот.

„Меѓутоа мора да се внимава како се гради, никој не внимава, само се гради, никој не ја гледа фасадата до него, висината до него, значи сите градат како да имаат свој двор, свое место и што сакаат да прават, тоа е главниот проблем што не се внимава на линијата на градот“, вели Костовска.

Инаку, според претходните соопштенија, од почетокот на годинава до месец април издадени се одобренија за вкупно 1353 нови станови. Во јануари, од одобрени вкупно 75 станови најмногу биле во Кисела Вода со дозволи за 47. Понатаму, во февруари од одобрени вкупно 291, најмногу се во Карпош со 158, а за март пак, од 268 најмногу во Центар со одобренија за нови 74 станови.

XS
SM
MD
LG