Достапни линкови

Уште град фалеше пред жетвата


Архивска фотографија - Поплавено обработливо земјиште во Стајковци.

Земјоделците и експертите велат дека временските неприлики ќе предизвикаат сериозни последици врз приносот и квалитетот на пченицата и на јачменот.

Штетите од невремето кое изминатиот ден го погоди Скопје и неколку други градови во Македонија уште се проценуваат, но според првите показатели најмногу настрадаа пченицата и јачменот.

Според експертите, нестабилните временски услови, кои ги има подолг период, и големата влажност создале услови за пропаѓање на плодот, особено кај житните култури.

Професор Илија Каров од Универзитетот во Штип вели дека од градот најмногу штети претрпеа скопскиот регион, како и Прилеп и Свети Николе.

„Со оглед на тоа што временските услови не беа најпогодни, особено за житните култури, сериозни последици ќе има по приносот и квалитетот во одредени региони и кај пченицата и кај јачменот. Дополнително на тоа, со паѓањето на градот вчера што се случи, уште поголеми штети ќе има зашто родот е пред жетва“, изјави професор Каров.

Земјоделците велат дека комисии треба да излезат на терен и да направат проценки, додавајќи дека крајно време е државата посериозно да се позанимава и со откупната цена на пченицата, чиј род претрпе штети од временските прилики во изминатиот период.

Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци, очекува ресорното министерство да има слух и за други нивни проблеми, додавајќи дека земјоделството е основната гранка за егзистенција на многу семејства во државата.

„Што се однесува на жетвата ние побаравме цената на пченицата годинава да биде коригирна, да не се случи тоа што се случуваше во изминатите години со оваа култура која се продава за џабе. Сметаме дека владата треба да ги прогласи за стратешки култури пченицата, шеќерот, маслото и млекото и цените да се утврдуваат со одлука на владата“, изјави Тантаров.

Инаку, земјоделците се соочуваат и со сериозен проблем со откупот на праски и ситуацијата е алармантна.

Во изминатиот период до продажната цена на некои земјоделски култури државата исплаќаше надоместоци кои ги покриваа трошоците од временските непогоди кои им штетеа на производите.

Професор Каров укажува дека голем дел од земјоделците ги немаат осигурано полињата.

„Голем малер ја зафати Македонија со ова невреме ниските температури и сега градот ќе нанесе големи загуби и во однос на квалитетот и во производството. Моја проценка е дека ќе има големи штети. Се очекува каков став може да заземе министерството. Мала помош може да помогне, но кога ќе се намали квалитетот и родот тешко се надомесува штетата“, вели професор Каров.

Тој прецизира дека последици од временските прилики освен кај житните култури има и кај овошните култури и лозовите насади.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG