Достапни линкови

Опозицијата ќе му пркоси на договорот со Грција


По само две минути откако му бил доставен договорот, претседателот Ѓорги Иванов ја прекинал средбата со премиерот Заев и министерот Димитров. Заев се сретна и со Мицкоски, кој најави борба со сите законски и демократски средства против постигнатиот договор

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на кои им беше презентиран договорот за решение на спорот за името со Грција. За разлика од средбата кај Иванов која траеше само две минути, средбата со Мицкоски беше нешто подолга.

По состанокот, Мицкоски кој претходно се сретнал и со шефот на државата, изјави дека го добил договорот од премиерот и дека во следниот период очекува поширока консултација. Мицкоски изјави дека Владата утре на седница ќе го декласифицира договорот и со тоа договорот ќе и биде достапен на јавноста.

Мицковски - капитулација на Македонија со договорот на Заев со Ципрас
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:21 0:00

„Немаше нови моменти кои можевме со премиерот еден на друг да си ги кажеме. Побарав средба за да го добијам договорот, откако ќе го анализираме внатре пратиски со сите партиски органи, ќе повикаме консултации со МПЦ, ИВЗ и МАНУ, со овој договор можеби МАНУ нема да го има истото име, туку ќе треба да се смени. Сакаме консултации и со други општествени групи во Република Македонија, би сакале поширок дијапазон на мислења“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека овој договор е договор за капитулација на Македонија.

„Некој не доведе во една ваква незавидна ситуација, Република Македонија, граѓаните и сите општествени групи во Македонија, си го приватизираше и монополизираше целокупниот овој процес и не стави пред свршен чин да капитулираме капитулација. Но ние рековме денеска дека ќе ги искористиме сите демократски и законски средства коишто ни стојат на располагање за да му пркосиме на истиот“, изјави Мицкоски.

Мицкоски денеска побара и неотповиклива оставка од министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој како што кажаа е учесник во капитулацијата на Македонија.

Претходно, од Владата соопштија дека премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров имале конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекинал и напуштил состанокот и одбил да разговара за како што е наведено, „придобивките од овој историски договор за македонската иднина.“

„Средбата била кратка. Доставен е документот до претседателот, по што тој изразил желба да го напушти состанокот. Очекуваме дека сите политички фактори ќе соберат доволно демократски капацитет за да сфатат дека ова е клучен момент за Македонија и за нејзината интеграција во ЕУ и НАТО,“ изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Според официјалните изјави на премиеритe на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, договорено е новото име на Македонија – Република Северна Македонија (Republic of North Macedoniia) со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот.

Од друга страна, пак, Иванов инсистира на решение кое нема да предизвика уставни промени. Македонскиот претседател во текот на вчерашниот ден оцени дека несериозно и неодговорно е прашањето за името да се решава телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG