Достапни линкови

Домашни опструкции за договорот со Грција за името


По само две минути откако му бил доставен договорот, претседателот Ѓорги Иванов ја прекинал средбата со премиерот Заев и министерот Димитров. Опозицијата најави борба со сите демократски средства против договорот, а Владата ги повика сите чинители да се обединат за националните приоритети ЕУ и НАТО

Две минути траеше денешната средба на премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров со шефот на државата Ѓорги Иванов на која Заев и Димитров го доставија договорот за решение на спорот со Грција. Од претседателскиот кабинет најавија дека во текот на денот Иванов ќе им се обрати на македонските граѓани.

Од Владата соопштија дека премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров имале конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекинал и напуштил состанокот и одбил да разговара за како што е наведено, „придобивките од овој историски договор за македонската иднина.“

„Средбата била кратка. Доставен е документот до претседателот, по што тој изразил желба да го напушти состанокот. Очекуваме дека сите политички фактори ќе соберат доволно демократски капацитет за да сфатат дека ова е клучен момент за Македонија и за нејзината интеграција во ЕУ и НАТО,“ изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак денеска побара итна средба со претседателот Иванов и премиерот Заев за да се види што точно содржи како што рече, договорот за капитулација на Македонија. Од министерот Димитров побара итна неотповиклива оставка.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, а со цел и ќе се спротистави со сите демократски и правни средства против овој капитулантски договор. Работата е пресериозна и сите имаме одговорност кон нашата држава и граѓани, изјави Мицкоски и додаде дека јавноста навреме ќе биде информирана за сите активности и чекори кои партијата ќе ги преземе во периодот којшто следува“, изјави Мицкоски.

Според официјалните изјави на премиеритe на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, договорено е новото име на Македонија – Република Северна Македонија (Republic of North Macedoniia) со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот.

Од друга страна пак, Иванов инсистира на решение кое нема да предизвика уставни промени. Македонскиот претседател во текот на вчерашниот ден оцени дека несериозно и неодговорно е прашањето за името да се решава телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG