Достапни линкови

Заев и Ципрас разгледаа идеи за решенија


Архивска фотографија- Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас

Денеска, премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас разговараа еден час за спорот за името. Разгледани се неколку идеи, а утре премиерите повторно ќе разговараат. За решение остануваат уште 17 дена до Самитот на ЕУ.

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска разговарале еден час, а за утре претпладне се очекува нов телефонски разговор. Ова попладнево го соопшти македонската влада.

“Разговорот се реализираше меѓу 14 и 15 часот по македонско време. За време на разговорот се дискутираше за преостанатите прашања и беа разгледани неколку идеи за решенија. Во текот на утрешното претпладне ќе следува уште еден телефонски разговор” наведуваат од владата без дополнителни детали за тоа кои се преостанатите прашања.

Претходно, премиерот Зоран Заев при посетата на Арачиново рече дека се надева на “многу брзо решение за спорот за името”, а најава дека разговорот ќе се случи денеска стигна од Атина. Таму грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, по вонредната средба со Ципрас, на новинарско прашање дали премиерите ќе разговараат денеска, рече „ќе го направат тоа“.

Македонскиот премиер, повтори дека решението би можело да се постигне до Самитот на ЕУ закажан за 28 и 29 јуни, но нагласи дека е битно да се постигне и квалитетно решение што ќе биде правно поткрепено, достоинствено и ќе го зачува идентитетот.

Се работи за последните моменти во обидите да се приближиме околу ставовите и кога тоа ќе се случи заеднички ќе ја соопштиме среќната вест и за граѓаните на Република Македонија и за граѓаните на Република Грција”, рече Заев.

Нагласи оти секако тоа би бил договор најпрво меѓу претседателите на двете влади, меѓу министрите за надворешни работи, а кога тоа ќе се случи веднаш ќе бидат информирани шефот на државата, шефот на опозицијата, другите политички лидери и граѓаните.

Инаку, четиринаесет дена се чекаше да се случи телефонскиот разговор за името меѓу премиерите на Македонија и на Грција Заев и Ципрас, а уште седумнаесет дена, пак, остануваат до Самитот на Европската унија.

Последниве денови на релација Скопје-Атина има и “искричења” со дипломатски речник, иако официјалните изјави се со позитивен тон, дека се очекува деновиве добар исход од разговорите.

Министрите на 28 мај го најавија разговорот

Министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас на 28 мај се сретнаа во Брисел, таму договорија рамка што потоа ја доработуваа експертски тимови во Атина. Тогаш шефот на македонската дипломатија најави дека се планира важен разговор на премиерско ниво кон средината на таа недела. Експертските тимови се вратија во Скопје, но разговорот не се одржа, а ниту една страна конкретно не кажа во што е проблемот.

Извори од грчката влада соопштија дека имало добар договор на масата, но “некои инсистираат на играње игри ", а вицепремиерот Бујар Османи рече дека мометните разлики повеќе се во интерпретацијата на напишаното, отколку во генералните принципи кои ги кажуваат двете страни.

Што содржи временската рамка

Временската рамка за реализацијата на договорот, како што пишуваат дел грчки медиуми, за Атина не е докрај презицизна, па тие го отвораат прашањето за имплементацијата на чекорите од договорот. Според досега објавеното, рамката предвидува, договорот да го потпишат премиерите Заев и Ципрас, па да се гласа во македонското собрание со просто мнозинство, по што Грција би испратила писмо до НАТО со одобрување да се врачи поканата за членство блокирана десет години, а во ЕУ да дозволи да се додели датум за почеток на преговорите за зачленување. Наесен, во Македонија би се одржал референдум на кој граѓаните би кажале дали дозволуваат и уставни измени за името да биде за севкупна употреба, како што инсистира Атина.

Коѕијас, минатата недела рече дека неговото чувство е оти раководството на соседот сега, кога треба да завршеле со прашањето, ги сфатило големите тешкотии што постојат за имплементација на договорот.

„И тоа одигра улога да сака одново да го разгледа договорот, да разговара за одредени појаснувања за самиот договор, но длабоко сум убеден и се надевам дека ова, набргу, за неколку дена ќе се надмине“, рече Коѕијас во интервју за телевизијата ЕРТ.

Не е јасно за што точно зборуваше грчкиот министер во врска со имплементацијата, но во меѓувреме во Македонија се отвори прашањето дали договорот може да ја помине и првата фаза, ако претседателот Ѓорге Иванов не го потпише указот и дали може да помине втората фаза, со уставната ревизија, ако ВМРО-ДПМНЕ не гласа за тоа.

Уставните експерти посочија дека Иванов може да не го потпише Указот за ратификација на евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција слично како што постапи во случајот со Указот за законот за употреба на јазиците.

За уставните измени, пак, потребно е двотретинско мнозинство но претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски стои на став дека нема да поддржат промена на Уставот се цел промена на уставното име.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG