Достапни линкови

Протести за „одбрана на Македонија“ во 24 градови низ Грција


Протест за зачувување на „грчкиот карактер на Македонија“ во Пела

Со грчки знамиња и слогани дека Македонија е грчка, Грците во 24 градови низ целата земја, организирани од „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“ се собираат на протести за да го изразат нивното незадоволство од последните случувања во македонско-грчките односи, но и за да дадат, како што повикаа организаторите, „уште една битка за грчкиот карактер на Македонија“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, карактеристиката на централен протест ја има Пела, родниот град на Александар Македонски, а меѓу граѓаните се и лидерот на грчката партија Сојуз на централисти, Василис Левендис и префектот на областа централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас.

Грчката полиција денеска не ѝ дозволи на екипата на Радио Слободна Европа да влезе во Пела во Грција. Образложението на грчката полиција беше дека влезот не е дозволен поради безбедносни причини. Тие се повикаа и на соопштението на македонското МНР во кое се препорачува македонски државјани да ги избегнуваат местата каде денеска се одржуваат протести против користењето на името Македонија, во називот на името Република Македонија. Грчката полиција нареди екипата на РСЕ да го напушти местото по проверката на патните исправи и новинарските легитимации.

Според грчките медиуми, одѕивот на граѓаните е задоволителен, а на централните плоштади во грчките градови каде што се одржуваат протестите, на граѓаните ќе им се обратат претставници на организаторите.

И покрај тоа што, архиепископот на грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, рече дека прашањето не може да се реши со протести, туку за тоа одговорен е да одлучи Парламентот, сепак, голем број митрополити ги поддржаа протестите.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, завчера рече дека Владата го признава светото право на граѓаните да се мобилизираат, да протестираат, да го изразат нивното несогласување, резервираност и отфрлање на владината политика, но додаде дека земјата има национална линија од 2008.

XS
SM
MD
LG