Достапни линкови

Договорот за името и улогата на опозицијата во Македонија и во Грција


Архива: Протест против промена на името на плоштад „Македонија“.

Премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска би требало телефонски да разговараат и да "пресечат" за важни прашања за спорот за името. Во меѓувреме опозициите во двете земји употребуваат посилна реторика против решавањето на проблемот.

Од македонската и од грчката влада стигнуваат релативно оптимистички изјави за можно решавање на проблемот за името меѓу двете земји. Истовремено, додека такви позиции презентираат владите предводени од Зоран Заев и Алексис Ципрас, расположението кај опозициите и кај граѓаните на двете земји не оди во таа насока.

Две спротиставени причини може да стојат зад ваквиот однос на опозициите, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис. Од една страна беше очекувано дека тие ќе се обидат да освојат што е можно повеќе симпатии од граѓаните за ова прашање, а од друга страна не се знае до која мера тие ставови се и дел од некаква поголема преговарачка стратегија во едната и во другата земја.

“Секогаш позициите ги подобрува тврдиот став на опозициите поради тоа што преговарачот може да ја користи и како аргумент тврдокорноста на опозицијата за евентуални компромисни решенија” вели Трошановски.

Во Скопје утревечер пред владата ќе протестира ВМРО-ДПМНЕ, а една од пораките кои ги упатуваат во видео содржините со кои повикуваат на протест е поврзана со името.

“Заради распродажба на националните интереси..заради катастрофално водените преговори со Грција“ повикува ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски.

Тој, пак, постојано ја обвинува владата за нетраспаретност и наведува дека нема да поддржат промена на Уставот со цел промена на уставното име.

Протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Атина - 4.03.2018
Протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Атина - 4.03.2018

И во Грција владата на Ципрас се соочува со силен отпор од опозицијата. Лидерот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис, слично како и македонската опозиција, го обвинува за продажба на грчките интереси. Едно од последните обвинувања е поврзано со тоа дека Ципрас прифатил признавање на македонскиот јазик и идентитет, а и му дозволил на соседот интеграција во НАТО без уставни промени.

И таму за во среда се најавуваат протести во 13 градови од северниот дел на земјата. Протестите се организирани Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија. Тие ги повикуваат граѓаните да излезат за да се спречел “криминалот со предавање на името на Македонија на фалсификаторите на историјата“.

Според аналатичарот Алберт Муслиу сепак реториката на опозициите во Македонија и во Грција не е толку екстремна и длабока за да го забави процесот на наоѓање на решение.

“Мислам дека оптимистичкиот дел е тој што и во двете држави опозициите се позаинтересирани нивните политички опоненти, односно актуелните влади да го надминат овој спор, отколку тој да им остане ним да го решаваат во иднина” вели Муслиу.

Инаку и испитувањата на јавните мислења во двете земји исто така не одат во поддршка на решавање на проблемот. Според резултатите од анкетата спроведна од МЦМС и агенцијата М-проспект мнозинството граѓани 61,5 отсто би гласале против на референдум за Република Илинденска Македонија, предлог кој беше актуелен минатиот месец, но кој грчката влада го одби, а и премиерот Заев потврди дека не е повеќе на маса.

Во Грција пак во испитувањата на јавното мислење спроведено годинава дури 71,5 отсто од испитаниците рекле дека не прифаќаат какво било спомнување на Македонија во името на нашата земја.

Според Трошановски јавното мислење е особено важно во Македонија бидејќи тука граѓаните треба да се изјаснат на референдум за евентуалниот компромис, за разлика од Грција каде што би се завршило во парламентот. Тој додава дека сепак расположението кај граѓаните се менува наведувајќи дека последните испитувањата на јавното мислење покажуваа поголема спремност за прифаќање компромис.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG