Достапни линкови

Меј: Ја имате целосната поддршка да го решите спорот за името


Заев-Меј: Решение на името ќе донесе придобивки за двете земји
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Заев-Меј: Решение на името ќе донесе придобивки за двете земји

Обединетото Кралство ја поддржува Македонија во нејзините напори да го реши спорот за името, а решението ќе донесе придобивки и за двете земји, порача британската премиерка Тереза Меј на прес конференцијата по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев.

„Знам дека и двете земји Македонија и Грција се посветени на изнаоѓање на решение за името, а тоа бара политичка храброст и волја за тешки одлуки. Но, од таквото решение ќе имаат придобивки и двете земји и затоа можете да сметате на целосната поддршка на Обединетото Кралство на овој пат. Сакаме да ја видиме Македонија позитивно да чекори кон овој пат,“ изјави британската премиерка Меј.

Премиерот Заев пак кој по средбата со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Софија изјави дека утврдиле една опција за спорот за името која може да биде прифатлива за двете страни, сега истакна дека опцијата е всушност комплетно решение.

„Опцијата која секако би можела да биде прифатена од двете страни е комплетно решение. Значи не се работи само за парцијални делови, но секако продолжуваат сега консултациите во двете земји за да видиме дали би можело тоа решение да биде прифатливо за двете страни“, изјави Заев, отфрлајќи ги тврдењата дека ненаоѓањето решение за долгогодишниот спор би можел да ја дестабилизира земјава и регионот.

Британската премиерка рече дека е горда што во последните 25 години е првиот премиер што ја посетил Македонија и додаде дека со политичка волја може да се постигне голем напредок.

„Можеме да видите што се случи по парламентарните избори, се случија големи промени и Македонија се отвори кон другите држави. Може да сметате на нашата поддршка. Вашата земја е интегрален дел од Европа. Нашето пријателство ќе јакне и понатаму, иако повеќе не сме членка на Европската Унија,“ додаде премиерката Меј.

Премиерот Заев и се заблагодари на премиерката Меј за поддршката што доаѓа од Велика Британија и побара да ни биде овозможена европската иднина, која како што рече, ја заслужуваме.

По средбата со Заев, Меј замина во македонското собрание, каде што ја прими собранискиот спикер Талат Џафери. Инаку Меј допатува во Скопје, по учеството на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Дипломатската фела посетата ја толкува како историска, особено поради фактот дека последен пат тоа го направил премиерот Тони Блер во далечната 1999 година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG