Достапни линкови

Заев и Ципрас утврдија една опција за прашањето за името


Софија- Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас на втора средба, 17.05.2018

Премиерот Зоран Заев по средбата со неговиот грчки колега Алексис Ципрас денеска во Софија изјави дека утврдиле една опција за спорот за името која може да биде прифатлива за двете страни. Сега додаде тој следи процес на консултации со релевантните фактори дома.

Разговаравме суштински, разгледувавме различни опции, а една од опциите е решение прифатливо за двете страни, рече денеска премиерот Зоран Заев по средбата со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Софија. Сега додаде тој, во разговор дома ќе видиме дали е возможно практично спроведување на тоа решение со институциите на системот и ако е возможно, рече Заев, веројатно ќе имаме решение.

“По сето тоа што беше постигнато го констатиравме и го потврдивме дека стоиме позади тоа и како премиери и добро е што е завршено. Тоа што беше останато го отворивме опционо, преку неколку опции и утврдивме една опција која што може да биде прифатлива за двете страни. Само јас сум Зоран, а мојот контрапартнер е Алексис и ние сме само луѓе. Мораме да внимаваме како тоа инстутицонално ќе биде спроведено, мораме да разговараме со претседателите на двете држави, со другите лидери, со шефовите на опозициите, така што останувам до тука во врска со деталите за оваа работа” рече Заев.

Заев: Има опција, на ред се институциите во двете земји
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:48 0:00

Претходно објасни дека на средбата со Ципрас ги потврдиле сите, како што рече “големи и значајни успеси” кои досега ги постигнале министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас.Македонската страна, како што нагласи премиерот, во последната фаза презентирала креативни решенија кои ги разгледале со Ципрас.

“Од денес пријателството меѓу Македонија и Грција е уште посилно. Решаваме спор за да го засилиме и зајакнеме достоинството и идентитетот на граѓаните во двете земји” рече Заев.

Грчкиот премиер Ципрас на прес конференцијата што ја одржа по него во Софија, рече дека е направен напредок во процесот. Тој откри, дека во средата од доцна вечерта до речиси раните утрински часови разговарал со Заев во, како што рече, пријателска и опуштена клима.

“Поминавме долг дел од патот, но се уште има за поминување. Ги испитавме сите детали, чекор по чекор, но се уште не сме во позиција да зборуваме за договор. Ќе постојат и следни чекори, со цел ако е можно повторно да се сретнеме на почетокот на следниот месец” рече Ципрас.

И тој како и Заев најави дека сега ќе разговара со внатрешните политички фактори за процесот. Ципрас додаде дека и двајцата сакале да видат резултати до Самитот на ЕУ во јуни.

Инаку од средбите на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција кои последниот период беа интензивни, познато е дека најспорни прашања што останаа промена на Уставот, што го бара грчката страна и опсегот на употреба на името што би било договорено.

Во Софија сега, освен меѓусебната средба и Заев и Ципрас на маргините на Самитот ЕУ- Западен Балкан имаа средба и со германската канцеларка Ангела Меркел.Во владиното соопштение не се споменува спорот за името, а се наведува дека Заев и Меркел разговарале и за можните последици ако регионот и Македонија не ги добијат заслужените признанија и ако се успорат процесите за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Во него се наведува дека такво сценарио ќе ги охрабрело ретроградните политички сили и ќе отворело простор за инволвирање трети страни што може да предизвикале нарушување на стабилноста. Македонскиот премиер, покрај со другите европски лидери во Бугарија се сретна и со францускиот претседател Емануел Макрон.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG