Достапни линкови

Гарет - Решение на спорот за името е централно безбедносно прашање за целиот регион


Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет

Решение на спорот за името е централно безбедносно прашање за целиот регион и за западните земји заедно со Велика Британија, изјави британскиот амбасадор во Република Македонија Чарлс Гарет во интервју за телевизија „Телма“.

Гарет очекува од Македонија и од Грција да направат компромис, а решението ќе биде пресвртница за иднината на Македонија.

Британскиот амбасадор во интервјуто зборува за руските закани, но и за очекувањата наскоро македонскиот Парламент да почне да функционира.

„Јас сум претпазлив оптимист. Гледам дека преговорите продолжуваат. Има позитивни коментари јасно е дека има посветеност во обидите на двете страни, на Атина и на Скопје, и на Грција и на Македонија е да го решат ова прашање засекогаш. Знам дека има тежок момент. Потребна е политичка храброст за да се постигне потребниот договор“, рече британскиот амбасадор.

Гарет нагласи дека во целиот процес треба да се внимава на две работи. Првата е дека во текот на преговорите секоја од страните мора да направи еден вид компромис. Втората работа се огромните можности што се отвораат за Македонија, но и за двете страни. Ако има договор, овие можности можат да бидат пресвртница за Македонија.

„Ова прашање е од интерес и важност кои имаат многу поширок опсег, не само за регионот, туку и за земји како што е Велика Британија, тоа е од сериозен безбедносен интерес за Балканот, но ова е и централно безбедносно прашање. Затоа силно ги поддржуваме и ги охрабруваме двете страни“, рече Чарлс Гарет во интервјуто за „Телма“.

XS
SM
MD
LG