Достапни линкови

Процесот Брдо-Бриони - дијалог за решавање на регионалните спорови


Архива: Средба на Претседателот на Ѓорге Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Скопје.

Лидерите на земјите од Западен Балкан во Скопје ќе разговараат за зголемување на нивото на доверба за решавање на билатералните и на регионалните спорови.

Претседателите на Словенија Борут Пахор, на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ, на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, како и премиерот на Бугарија Бојко Борисов и Претседателот на Советот на Европа Доналд Туск денеска се во посета на Македонија, каде ќе учествуваат во Процесот Брдо-Бриони чиј домаќин е претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.

Целта на процесот е да го зацврсти политичкиот дијалог и да се зголеми нивото на доверба за решавање на билатералните и на регионалните спорови.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на 24 април ја започна турнејата на Западен Балкан со посета на Тирана, а до денешната посета на Скопје, ги посети и Подгорица, Белград и Приштина и Сарево.

Туск во говор пред Европскиот парламент порача дека пораката е јасна дека Европската унија ќе продолжи да биде најдоверлив партенр на целиот регион, а Самитот на 17 мај во Софија ќе ја потврди неговата европска перспектива.

Туск, при посетата на Македонија, е планирано да се сретне и со премиерот на Македонија Зоран Заев.

Во Македонија вчера пристигна претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ која се сретна со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.

Грабар Китаровиќ по средбата ја поздрави препораката на Европската комисија за отворање на пристапни преговори за членство на Македонија во Европската унија.

„Хрватска ќе направи се што е во нејзина моќ до јуни да се донесе одлука за датум за почеток на преговорите“, рече Грабар Китаровиќ на прес-конференција по средбата.

Таа потенцираше дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија во Советот на ЕУ да се донесе одлука за отпочнување на преговорите.

Во однос на отворените билатерални прашања, таа изјави дека не само што можат туку дека мораат да се решаваат, а дека процесот на проширувањето на ЕУ треба да продолжи, бидејќи со застојот се создава опасен вакуум кој ќе го исполнат трети страни.

Иванов изјави дека за поздравување е конструктивниот став на Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG