Достапни линкови

Западен Балкан одговорен за својата судбина во ЕУ


Скопје- Високата европска претставничка Федерика Могерини на вечера со премиерите на Македонија, БиХ, Косово, Црна Гора, Албанија и Србија,18.04.2018

Во земјите од Западен балкан сега има политичари кои за разлика од нивните претходници се подготвени за решавање на прашањата во самите земји и меѓу себе за да фатат чекор со ЕУ.

Од земјите од Западен Балкан зависи дали ќе се приклучат во ЕУ. Унијата никогаш не ги тргна рацете од овој регион, иако имаше период кога нивната политика на неказнување на назадувањето на балканските земји ја искористија други фактори, но сепак се покажа дека за овој дел од Европа нема друга алтернатива освен евроинтеграциите, велат аналитичари.

По објавувањето на Извештајот за напредокот на земјите на патот кон Унијата, Македонија ја посетија високите функционери на ЕУ, Федерика Могерини и Јоханес Хан. Тие ја пофалија земјата за напредокот и порачаа реформите да се спроведат. Велат дека препораката е заслужена. Тие се оптимисти дека спорот за името со Грција, кој е еден од предусловите за членство, може да се реши наскоро.

На Балканот сега му се отвори една шанса за повторно да биде приоритет за приклучување кон ЕУ, вели професор Перо Димшоски, кој има искуство како државен секретар за евроинтеграции. Тој вели дека судбината дали земјите од Западниот Балкан ќе се приклучат на ЕУ е во рацете на самите земји. За Македонија најважно е што има силна политичка волја за приклучување кон ЕУ, вели тој.

Во неколку земји од Западен Балкан дојдоа политичари кои како никогаш досега сакаат да го фатат чекорот со ЕУ. Тие се подготвени да жртвуваат дел од политичкиот комфор, нешто на кое не беа подготвени нивните претходници, за решавање на суштествените прашања што ги имаат тие држави внатре и меѓусебе“, вели Димшоски.

Следната недела во посета на Македонија ќе дојде и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој ќе го посети регионот во рамки на подготовките за Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 17 мај во Софија. Туск во говор пред Европскиот парламент порача дека пораката е јасна оти ЕУ ќе продолжи да биде најдоверлив партнер во целиот регион. Во меѓувреме францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека Европската унија не треба да прима нови членки додека не се продлабочи интеграцијата и не бидат спроведени потребните реформи.

Димшоски вели дека неодамнешните изјава на Макрон не треба да се земаат сериозно предвид, оти како што вели, тоа е уште еден обид на Франција да го поврати свoето влијание во ЕУ, но сега во Унијата има други фактори.

Димшоски вели дека ЕУ никогаш не ги тргна раце од Балканот, но имаа една политика што владите во овие држави си ја толкуваа на свој начин и не правеа реформи, меѓу нив се вбројува и Македонија, каде имаше назадување на демократските процеси. Иако тоа беше нотирано од релевантните меѓународни организации, вели тој, ЕУ не презеде некои драстични чекори во однос на тие назадувања, а тоа го искористија други фактори.

„Знаеме дека во регионот големо влијание почна да врши Русија, почна да врши Турција, тие во овие земји беа присутни економски, но како самите земји навлегуваа во спротивставени политички интереси со ЕУ, така Русија и Турција почнаа да го користат своето економско влијание за да ги придобиваат локалните влада и за политички прашања. Но се виде дека евроинтегративните процеси се длабоко навлезени и дека нема алтернатива на тоа“, вели Димшоски.

Могерини со премиерот Зоран Заев на неформална вечера во Скопје ги собра премиерите на земјите од Западен Балкан. На вечерата присуствувале премиерите на Албанија Еди Рама, на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Рамуш Харадинај, на Црна Гора Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ. Учесниците, како што се наведува во владиното соопштение, се согласиле дека 2018 година е историска за регионот и дека на земјите од Западен Балкан им се отвора голема можност да направат крупни чекори кон ЕУ интеграцијата.

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, на 27 месецов ќе биде домаќин на претседателите на земјите од балканот на состанокот во форматот Брдо-Бриони. Еден од почесните гости на состанокот во Скопје ќе биде и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Процесот Брдо-Бриони е покренат пред повеќе години од Словенија и Хрватска со цел економска и политичка стабилизација на регионот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG