Достапни линкови

Прашањето за името - клучно за стабилностa на регионот


Полскиот амбасадор во Македонија, Јацек Мултановски.

Процесот за решавање на спорот за името е од исклучителна важност за идната стабилност на земјата и регионот, вели амбасадорот на Полска во Македонија, Јацек Мултановски. Експерти велат дека со зголеменото руско влијание, ќе расте и поддршката на Западот за решавање на прашањето за името.

Русија извршува многу агресивна политика кон Западот и прави обиди кои имаат цел да го променат меѓународниот поредок, не земајќи ги предвид меѓународните обврски, вели полскиот амбасадор во Македонија, Јацек Мултановски, во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела.

Тој потенцира дека Полска, како земја членка на Европската унија и НАТО, сака да има дијалог и прагматични односи со Русија, но посочува оти истовремено мора да се почитува меѓународното право.

„Тоа треба да го запомниме и тоа ние го очекуваме кога мислиме на дијалог со Русија. Меѓународниот поредок треба да биде соодветен, не е изненадувачки ако кажеме дека многу работи за нас се загрижувачки и оти забележуваме некои активности на руската политика во однос на балканскиот регион“, вели Мултановски.

Во однос на преговорите за спорот за името меѓу Македонија и Грција, Мултановски вели дека процесот е од исклучителна важност за идната стабилност на земјата и на регионот.

Тој смета дека ЕУ и НАТО треба да го искористат, како што вели, овој многу добар момент во сегашната фаза на разговорите и подготвеноста на Атина и Скопје за решевање на прашањето.

„Јас би рекол дека станува збор за понуда за перспектива за стабилност и понуда за Македонија да учествува во стабилизацијата. Треба да го набљудуваме процесот од различна страна и колку поскоро се реши прашањето за името, подобро ќе биде за вашата земја, за целиот регион и за сите нас. Станува збор за стабилизација и безбедност на целиот регион“, вели Мултановски.

Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија, вели дека со јасната визија на земјата и нејзиното напредување на евроатлантскиот пат, без опција Б, ќе расте и руското влијание.

Тој истакнува дека со поголемото руско влијание, ќе расте и притисокот и поддршката на Западот за решавање на прашањето за името.

„Ако го гледаме примерот со Црна Гора, која е многу блиску до нас во однос на менталитет и култура, имаше и многу позитивни елементи во нивното забрзување во евроатлантскиот пат, но имаше и многу негативни елементи. Кај нас со одредени структури доаѓаат и негативните елементи, меѓутоа дали Европската унија и НАТО повеќе се заинтересирани за нас – токму така. Поради ова се дава поголема важност на Балканот, но и поради други геостратегиски прашања“, вели Џугуманов.

Тој сепак смета оти најголемиот придонес и забрзувањето на патот кон ЕУ и НАТО е „јасната волја на Владата и другите претставници“ за побрзо решавање на спорот за името.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG