Достапни линкови

ЕК порача Македонија и Албанија да почнат преговори со ЕУ


Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини

Препораката на Европската Комисија значи охрабрување за Македонија и Албанија да продолжат со реформите при што од значење е и квалитетот а не само брзината

Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини на денешната заедничка прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека Европската комисија за Македонија и Албанија препорачува отворање на преговорите за членство во ЕУ.

Таа при презентирањето на извештаите за напредокот на земјите кон членството во ЕУ истакна дека Македонија и Албанија добиле препорака врз основа на цврстиот напредок кој го направиле и мерките кои биле преземени, при што резултатите започнале да пристигнуваат. Според неа, препораката е охрабрување за земјите да продолжат со реформите, што е од есенцијално значење.

„Земјите мора да обезбедат реформите комплетно да се имплементираат. Не бидејќи тоа Брисел го бара, туку тоа и граѓаните го очекуваат од нивното лидерство“, рече Могерини.

Хан посочи дека ЕУ уште еднаш ја покажува посветеноста на политиката на проширување и биле препознаени напорите на Македонија и на Албанија, кои направиле многу во последните месеци. Она што треба да се направи, повтори тој е да се спроведат и продлабочат реформите. Според него, земјите се на добар пат, направиле резултати, но далеку се од завршена работа.

„Важно е да се каже дека нема скратен пат до ЕУ, важно е да се каже дека целиот процес е заснован на заслуги, кој работи брзо и на тоа што треба да се направи ќе биде награден. Но, најважен е квалитетот, не само брзината“, рече Хан.

Девет години препораки за преговори

Во извештајот за напредокот на Македонија во 2009 година првпат беше препорачано отворање на преговорите за членство во Европската унија. Тогашниот еврокомесар за проширување Оли Рен рече дека тоа претставува силно охрабрување на владата во Скопје за решавање на спорот со Грција за името, бидејќи добрососедските односи се клучни за европската интеграција на Македонија.

Спорот за името се уште не е решен иако властите во Скопје и Атина се во интензивни преговори, но според неофицијални дипломатски извори на МИА од Брисел земјите-членки на Европската унија сакаат Македонија да добие датум за почеток на преговори најдоцна во јули годинава.

Повикувајќи се на дипломатски извори МИА јавува дека бугарското претседателство би сакало датумот да биде доделен во јуни додека со ЕУ се уште претседава Бугарија, но ако тоа не е можно, најголемиот дел од земјите-членки на ЕУ сакаат датумот да биде доделен најдоцна во јули, под австриско претседателство, „дури и да не е целосно решен спорот за името, но ако е на пат да биде решен“.

Извештаи за назадување на Македонија

Во меѓувреме од 2009 година до лани препораката за почетокот на преговорите неколкупати беше неизвесна, но не беше одземена туку условена. Меѓу условите беа регуларни и фер избори, спроведување на Договорите од Пржино, а беше лошо оценета во повеќе области како слободата на изразувањето, владеење на правото и јавната администрација.

Актуелната влада се обврза на спроведување на реформскиот план 3-6-9. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи тврди дека реализирале повеќе од 90 отсто од предвидените реформи во планот 3-6-9 и сто отсто од неговата суштина.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека владиниот план 3-6-9 доживеал дебакл, а дека СДСМ нема капацитет да ги спроведе реформите за кои презеде обврска.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG