Достапни линкови

Могерини и Заев оптимисти за спорот за името


Могерини - патот кон ЕУ е како видео игра
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Могерини - патот кон ЕУ е како видео игра

Високата претставничка на Европската унија на денешната прес-конференција со премиерот Зоран Заев рече дека може да се слави половина ден, а потоа да се вратат на работа. Таа ја пофали Македонија за постигнатиот успех и добиената препорака за преговори за ЕУ и е оптимист за спорот со Грција.

Патот кон Европската унија е сличен на видео игра, па кога ќе поминете едно ниво ви престои ново. Ваква споредба направи високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини на попладневната прес-конференција во Скопје.

Зборувајќи на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев и таа ја пофали Македонија за напредокот и добиената чиста препорака. Неколкупати нагласи дека тој резултат е заеднички и на владата и на опозицијата затоа што и двете, како што рече, ги здружија силите и треба да ги здружат и за натамошните идни чекори. Високата европска претставничка рече и оти не мисли дека земјава е под ризик да има различни агенди низ политичкиот спектар.

Завршивте одлична работа и во дијалогот и преговорите со Грција, нагласи Могерини, споменувајќи ги термините лесно и брзо за решението што би било заеднички прифатливо.

„Јас всушност верувам дека и ова ќе бара одреден степен на национално единство и сум сигурна дека вие ќе можете да го гарантирате, а опозицијата исто така ќе може да го гарантира ова заедно со институциите“, рече таа.

Не може да се шпекулира какви одлуки ќе донесат членките на Европската унија во јуни за датумот за почеток на преговори со Македонија, рече Могерини, оставајќи простор да течат преговорите меѓу Македонија и Грција. Таа додаде дека има време кое како што рече двете земји може да го искористат, нарекувајќи се себеси оптимист кога е во прашање Балканот.

„Не можам да влегувам во содржината на ова прашање затоа што станува збор за билатерално прашање и решение и билатерална рамка, но мислам дека Европскиот совет може дефинитивно да донесе позитивна одлука затоа што во спротивно ние не биле дале препорака ако сметавме дека тоа не е така“, рече таа.

И Заев останува оптимист за спорот за името. Премиерот рече дека се на добар пат да го затворат отвореното прашање со Грција, но ако сите вклучени во процесот опстојат на утврдениот пристап за доствоинствено решение за двете страни.

„Јас сум убеден дека ќе добиеме датум за преговори затоа што тоа што досега го имаме постигнато со Грција навистина го гарантира тоа. Ќе бидеме сите среќни ако најдеме решение, а верувам дека тоа е можно“, рече премиерот Зоран Заев.

Могерини се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов. Од неговиот кабинет по средбата соопштија дека тој ја поздравил обновената препорака на Европската Комисија за отворање на пристапни преговори со Македонија, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси преку одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.

"На средбата претседателот Иванов и високиот претставник на Европската Унија г-а Могерини, разменија мислења и во однос на тековните разговори за прашањето за разликата околу името", соопштија од кабинетот на претседателот.

Вечерта во Скопје Могерини ја завршува со вечера чиј домаќини се таа и Заев, а на неа ќе учествуваат премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Рамуш Харадинај, на Албанија Еди Рама, на Црна Гора Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.

Могерини рече дека, познавајќи го регионот, која и тема да почнела да се зборува на работна вечера ќе се завршела со друга, но нагласи дека е добро да се има редовни состаноци со политичарите од шесте земји од Западниот Балкан.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG