Достапни линкови

Коѕијас - Димитров: Уште неколку спорни, но најтешки точки


Димитров-Коѕијас: Постигнат напредок во однос на иредентизмот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Димитров-Коѕијас: Постигнат напредок во однос на иридентизнот

Повеќе од три часа траеа разговорите за името меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во вилата Билјана во Охрид. За дел од прашањата постигнат е напредок, за дел се уште постојат разлики, рекоа тие. Нова средба најавија за 3 и 4 мај во Солун.

Имавме многу отворени и искрени разговори, разговаравме за сите прашања кои ја составуваат разликата за прашањето за името, за дел од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани, а за дел се уште постојат разлики, изјави министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров.

„Разговаравме за прв пат за временската рамка и за чекорите, за кои доколку се постигне решение, како тоа ќе изгледа и како ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот и нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди“, рече Димитров.

Тој нагласи дека додека траела нивната средба со Коѕијас, средба одржале и работните групи составени од високи дипломати на двете земји, кои врз основа на напредокот кој го направиле на средбата во Виена пред десет дена, го усогласиле текстот за идната соработка во различни области.

Работеа исто така на текст за спречување на иридентизмот од двете страни, и исто така работеа и на преамбуларните параграфи од идниот билатерален договор. За овие разговори ќе ги информираме нашите премиери. Процесот продолжува, во следниот период има закажано една квадрилатерална средба, каде што исто така ќе имам прилика да се видам со колегата Коѕијас“, рече Димитров.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас му се заблагодари на неговиот колега Димитров за извонредното гостопримство, бидејќи како што рече, секогаш кога се среќавале дискутирале и за тешки прашања.

Освен темите кои ги решаваме, постои и меѓусебно разбирање. Во наредниот период ќе се сретнеме, сигурно е дека ќе се сретнеме на 3 и 4 мај во Солун, а исто така и на 11 и 12 мај кога ќе ја дискутираме иднината на Европа“, рече Коѕијас.

Тој изрази благодарност до дипломатите на двете земји, наведувајќи дека тие забележуваат напредок „во предметот кој го имаат преземено“, посебно рамката на заедничка соработка, но и на „тешкото прашање“ кое се однесува на иредентизмот.

„Колку што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање, но сепак се најтешките. Денеска го направивме тој позитивен чекор што можевме да го направиме, бевме соочени со големите и тешките проблеми. Се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но тоа е работата на дипломатијата“, рече Коѕијас.

Ова беше трета средба на Димитров и Коѕијас за неполн месец, по оние во Скопје и во Виена.

Средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија Димитров и Коѕијас во Виена беше со медијаторот на ОН Метју Нимиц.

Димитров тогаш изјави дека разговарале за сите отворени прашања кои се опфатени во целиот пакет, додавајќи дека бил постигнат условен напредок во разговорите.

За време на последната посета на Коѕијас во Скопје, двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение кое ќе биде достоинствено и чесно за сите и не само што ќе ги решава проблемите од минатото, туку ќе придонесе и за подобра иднина.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG