Достапни линкови

Трета средба за името во Охрид


Архивска фотографија - Прес-конференција на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров во Скопје - 23Mar2018

Третата по ред рунда разговори за името за неполн месец овојпат се одржува во Охрид. Министерот за надворешни работи Никола Димитров се надева дека „духот на македонскиот бисер“ ќе им ги олесни тешките и темелни разговори, кои, како што вели влегуваат во деликатна фаза

Од оваа фаза од преговарачкиот процес, која министерот за надворешни работи Никола Димитров ја нарекува деликатна, тој очекува тешки и темелни разговори, но и прогрес. Пред формалната средба разговори со својот грчки колега Никос Коѕијас овојпат во Охрид, Димитров вели дека однесувањата на двете засегнати страни сигнализираат дека процесот е во деликатна фаза.

Прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира очекувам темелни разговори, се надевам на прогрес, мислам дека однесувањето и на Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот, сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и духот на тој наш бисер се надевам дека ќе ни помогне“, изјави Димитров.

И неговиот грчки колега Никос Коѕијас кој во Охрид доаѓа веднаш по посетата на Белград, е оптимист за претстојната средба од која како што изјави очекува позитивни резултати.

„Мислам дека клучот на овој проблем е реализам, прагматизам и разбирањето дека треба да направиме компромиси, но не трули компромиси, туку такви од кои ќе добијат и двете страни. Компромисот значи дека двете страни треба да разберат дека не можат да добијат се, туку секоја страна треба нешто да добие. Јас се надевам дека двете страни тоа ќе го сфатат и дека ќе имаме позитивни резултати,“ изјави Коѕијас во Белград.

На последната рунда разговори на двајцата министри и медијаторот Метју Нимиц во Виена, која траеше повеќечасови Нимиц оцени дека има напредок, но и потешкотии кои треба да се надминат. Димитров пак изјави дека се разговарало за целиот пакет прашања, а напредокот го оцени како условен.

На оваа средба пак и претходеше уште една рунда разговори во Скопје, по која двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение кое ќе биде достоинствено и чесно за сите. Димитров тогаш истакна дека слеано име не е најдостоинствено решение.

Македонската страна смета дека прашањето треба да се реши преку меѓународен договор, а не со промена на највисокиот правен акт на државата. Позицијата на Грција, пак, е сложено име со географска одредница, за севкупна употреба, како и промена на македонскиот Устав.

Премиерот Зоран Заев пак, во интервју за МИА изјави дека имало позитивен исчекор во Виена и верува дека ќе биде заокружен на следната средба меѓу министрите Димитров и Коѕијас. Во друга прилика, пак, истакна дека можеби е единствениот оптимист дека прашањето за името ќе се реши.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG