Достапни линкови

Тешките прашања остануваат, преговорите за името продолжуваат


Министерот Димитров, медијаторот Нимиц, австриската министерка за надворешни работи Карин Кнејсл и министерот Коѕијас во Виена.

По повеќечасовната средба на шефовите на македонската и грчката дипломатија Димитров и Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц во Виена, Нимиц оцени дека има напредок, но и потешкотии кои треба да се надминат. Димитров рече дека се разговарало за целиот пакет прашања, а напредокот го оцени како условен.

Има прогрес во разговорите за името, но се уште постојат потешкотии кои треба да се надминат во натамошните разговори, порача медијаторот Метју Нимиц по повеќечасовната средба со министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас во австрискиот главен град, Виена.

Серијата на средби ќе продолжат во иднина, поставивме еден работен пат, и можам да кажам дека, без да навлегувам во детали, ги адресиравме тешките прашања, се уште постојат тешки прашања кои треба да се решат, но според моето мислење и долго искуство, постои многу позитивно чувство. И двајцата министри се фокусирани на долгорочните односи, на стабилноста во регионот, на важноста од добри односи помеѓу двете земји и имам надеж дека ќе продолжиме да работиме со овој позитивен пристап“, изјави Нимиц по средбата.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров изјави дека разговарале за сите отворени прашања кои се опфатени во целиот пакет и додаде дека бил постигнат условен напредок во разговорите.

Можам да кажам дека направивме условен прогрес, бидејќи како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања. И мислам дека и од нашата и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Македонија и Република Грција и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку поотворено и колку поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат сè повеќе на виделина“, изјави Димитров.

Засега нема информации за тоа дали медијаторот Нимиц понудил сопствен документ за надминување на разликата, откако како што се најавуваше двајцата министри ги претставиле нацрт- спогодбите на двете земји.

За време на минатонеделната посета на Коѕијас во Скопје, двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение кое ќе биде достоинствено и чесно за сите и не само што ќе ги решава проблемите од минатото, туку ќе придонесе и за подобра иднина. Димитров истакна дека слеано име не е најдостоинствено решение, особено не непреведено. Македонската страна смета дека прашањето треба да се реши преку меѓународен договор, а не со промена на највисокиот правен акт на државата.

Позицијата на Грција е сложено име со географска одредница, за севкупна употреба и промена на македонскиот Устав. Грчкиот министер во однос на тоа зошто Грција инсистира на промена на Уставот на Македонија, рече дека на тоа ги натерало искуството од ЕУ, кога се покажало дека одлуките на некои уставни судови биле над европското и меѓународното право.

Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека двете страни треба да се одлучни и да прават чекори кои водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу двете земји, а неговиот грчки колега изјави дека неговата земја сака решение што ќе издржи низ времето, а не решение што ризикува многу брзо да се урне и затоа, меѓу другото, како предуслов стои барањето за промената на Уставот на соседната земја.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека решението за кое преговара македонската влада треба да ги запазува државните и националните интереси, што било истакнато и на последната средба меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и грчкиот министер.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG