Достапни линкови

Компромис за името е можен


Грчкиот министер Никос Коѕијас, медијаторот Метју Нимиц и македонскиот министер Никола Димитров, 30 март 2018, Виена.
Грчкиот министер Никос Коѕијас, медијаторот Метју Нимиц и македонскиот министер Никола Димитров, 30 март 2018, Виена.

Промена на Уставот за промена на името е „голем залак“ за Македонија во разговорите за името, но со дипломатски средства може да се дојде до решение. Првин ќе се решаваат „полесните“, а потоа и главното прашање, велат аналитичари.

Компромис во спорот за името е можен. Со дипломатски алатки ќе се решаваат првин полесните, а потоа и тешките прашања, за да се дојде до достоинственото решение, за кое и двете стани се застапуваат, велат аналитичари. Грција бара име за севкупна употреба, што подразбира и промена на Уставот, за македонската страна тоа не е прифатливо.

Потребни се отстапки од двете страни, за да се стигне до компромис, велат познавачите. Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција на крајот на минатиот месец се сретнаа двапати. Тие првин имаа средба во Скопје, а потоа и во Виена, на која беше и медијаторот Метју Нимиц. Следната недела Коѕијас повторно ќе дојде во Македонија.

Промена на Уставот за промена на името е „голем залак“

Убавината е во деталите, тие сега се многу важни за да се види како преку дипломатски средства ќе се реши спорот, вели универзитетскиот професор Беким Кадриу. Тој смета дека за Македонија е прифатливо да го промени името за надворешна употреба, но, како што вели, голем залак е промена на Уставот со цел промена на името.

Не верувам дека ние сме во состојба да прифатиме безусловно промена на Уставот што претпоставува промена на името за внатрешна употреба, промена на целокупната документација, институции, печати. Но, исто така промена на Уставот може да има и од аспект на иредентизмот, евентуално да не се направи тука некое решение, тука евентуално може да се направи компромис“, вели Кадриу.

Компромис е можен, вели поранешниот дипломат Благој Зашов. Тој вели дека има впечаток оти грчката јавност полека разбира дека нивните барања се претерани, особено барањето за промена на Уставот.

„Решението сигурно ќе се бара полека, полека, и ќе се договараат оние работи кои не се спорни, оние работи кои од едната или од другата страна може да бидат прифатени, за полека да се приближуваме за решавање на главното прашање околу името“, вели Зашов.

Тој додава дека е важно што со овие разговори се создава доверба меѓу двете страни, која, како што вели, е неопходна за решение и за идните односи меѓу двете земји.

Можно ли е решение без промена на Уставот?

За Грција принципот „ерга омнес“ е нивната црвена линија. Тие остануваат на ставот за сложено име со географска одредница, што треба да биде за целосна употреба, што пак, подразбира и промена на Уставот. Тоа треба да важи и за сите земји кои го признаа уставното име на Република Македонија. Грчкиот министер во однос на тоа зошто Грција инсистира на промена на Уставот на Македонија, рече дека на тоа ги натерало искуството од ЕУ, кога се покажало дека одлуките на некои уставни судови биле над европското и меѓународното право.

Властите во Македонија велат дека се оптимисти и дека има позитивни исчекори во разговорите, но ја отфрлаат можноста за уставни измени кои би се однесувале на името. Ставот е дека „ерга омнес“ не треба да значи промена на името внатре во земјата. Премиерот Зоран Заев вели дека „промена на Уставот не е никаква гаранција за Грција за трајно решение“, па затоа за властите во Македонија подобра опција е меѓународен договор, заснован на меѓународното право.

И ставот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ е дека не може да поддржат промена на Уставот со цел да се промени уставното име на земјата. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека власта се однесува егзибиционистички кон спорот за името со Грција, но потврди дека ќе учествува на лидерската средба во врска со ова прашање по Велигден.

Разговори на премиерско ниво - логичен след

Што се однесува, пак, до тоа дека разговорите би можеле да преминат на повисоко ниво, односно за тоа да разговараат премиерите, Зашов вели дека тоа е логичен след и до тоа ќе дојде.

„Но дека првин мора сите прашања да се разгледаат на пониски нивоа, да се констатира каде има големи разлики, каде мали и малите да се надминат, а за големите да се остават за тоа да разговараат премиерите“, вели Зашов.

Кадриу вели дека преговори на премиерско ниво е добар знак дека преговорите одат во позитивна насока, но не значи дека ќе има брзо решение.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG