Достапни линкови

Потевска со ноктурната за пијано на Бужаровски во МСУ


Ема Потевска Попивода, пијанистка

Во Музејот на современа уметност Скопје, во вторник, на 28 февруари, од 20 часот, ќе се одржи несекојдневен уметнички настан. Во негови рамки централното место е отстапено на пијанистката Ема Потевска Попивода, која за оваа пригода наново ќе посегне по композициите базирани на фолклорни мотиви на Димитрије Бужаровски, со свој диџејсет ќе се претстави Илина Ангел, а публиката ќе има можност да ги погледне и актуелните музејски поставки.

Музејот на современа уметност Скопје и Фестивалот за современа музика „Модоарс“, на крајот на февруари, со заеднички проект. Несекојдневен мултимедијален настан налик на оние кои стануваат сè попопуларни во светот. Обединување на уметностите сè со цел да бидат анимирани што поширок круг на љубители и проследувачи кои преферираат вакви умносмислени урбани содржини.

„Во едно вакво време во коешто владее кич, во време на комплетно изместени вредности и кадешто интересот на јавноста е насочен кон многу други сфери, а најмалку кон културата, ова е нашата борба. Ова е нашиот крик. Ова е нашата цел – да продолжиме со квалитетен уметнички живот. Да и понудиме на публиката, макар и за момент, да се оттргне од секојдневните настани, а со тоа да продолжи и духот на урбаноста, духот на градот“, вели пијанистката и иницијаторка за ова случување Ема Потевска Попивода.

Впрочем, токму нејзиниот рецитал е централниот настан на овој уметнички проект. Потевска Попивода ќе понуди програма сочинета од оригинални композиции за пијано кои се базирани на македонски народни теми од Димитрије Бужаровски. Говорејќи за одбирот, таа знае да каже дека професор Бужаровски бил нејзиниот ментор на докторските студии и дека за целото тоа време таа се обидувала што почесто да свири дела од домашните творци. Се разбира, со посебен пиетет им приоѓала на делата на Бужаровски и истакнува дека нив многу често ги вклучува на репертоарот каде и да свири на светските музички сцени. Независно дали станува збор за градови како Њујорк, Токио, Лондон, Рим, Гдањск, дека тие имаат многу голем ефект врз публиката и редовно ја разгалуваат.

„Иако композициите се напишани во пијанистичкиот стил на Шопен и Лист, музиката сепак е разбирлива и лесно прифатлива за слушање за публиката поради препознатливите теми од македонските народни песни како „Зајди зајди“, „Дали паметиш Милице“, „Калеш Анѓа“, „Јовано, Јованке“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Деспина“... Всушност тие песни се преточени во овие Ноктурна за пијано. Преработени се во класичен стил со примеси на џез, импресионизам и експресионизам. Едноставно се неодоливи“, појаснува Потевска Попивода.

Во пресрет на концертот беше подготвено и промотивно видео со композицијата „Зајди, зајди“ со кое пијанистката до усвитување ја заскокотка љубопитноста на публиката. Ова и дава за право да верува дека и интересот за настанот ќе биде на повеќе од завидно ниво, а таа не заборава да спомне и тоа дека во периодов што следува ќе се фокусира на документирањето на изведбите на композициите на авторот Димитрије Бужаровски селектирани за оваа програмска целина.

„Покрај скопскиот следува и серија на концерти по градовите во Македонија и во регионот и по завршувањето на условно земената турнеја во чии рамки ќе ја сториме промоцијата на овие композиции, заедно со професорот Бужаровски влегуваме во студио, најверојатно некаде надвор од земјава, каде што ќе ги снимиме за да можат да бидат објавени на носач на звук и да бидат достапни за сите што сакаат да слушаат ваков тип на музика. Вонвременска“, ќе рече таа.

Кон ова и информацијата дека уметницата со овој концепт на 10 март ќе свири во Ниш, соседна Србија, шест дена подоцна ќе се претстави во Штип, на 20 во Белград и во текот на мај таа патува во Будимпешта, во Унгарија.

Инаку, по нејзиниот перформанс во рамките на случувањето ќе бидат дегустирани вината на винарија Тиквеш, а потем ќе следува и настапот на диџеј Илина Ангел.

Притоа особено важно е да се спомене и тоа дека портите на Музејот на современа уметност ќе бидат отворени уште во 19 часот и гостите ќе имаат прилика да ги погледнат најновите поставки како Изложбата на основоположниците на македонската современа уметност, „Ничија земја“ – проектот со кој Република Македонија беше претставена на Венециското биенале за архитектура во 2016 година и во третата галерија изложбата со наслов „Римејк“ каде се поместени ремек дела од светската скулптура кои се во сопственост на оваа наша институција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG