Достапни линкови

Кек и Пачник со проектот Ex Auro на Модоарс


Марија Кек и Томаж Пачник.
Марија Кек и Томаж Пачник.

„Ex Auro“ е насловен заедничкиот проект на музички фузии на „светска“ и џез музика, современ и фламенко танц, а зад кој стојат унгарската кореографка, танчерка и пејачка Марија Кек и словенечкиот пијанист Томаж Пачник, што во рамките на Фестивалот за современа музика „Модоарс“, ќе и биде претставен на македонската публика на 16 декември, од 19 часот, во Салон 19.19 на Културно информативниот ценар - Скопје.

Во мозаикот на главноградските викенд културни настани уште еден кој завредува посебно внимание. Во Салон 19.19 на Културно-информативниот ценар во Скопје, оваа сабота, на 16 декември, во рамките на Фестивалот за современа музика „Модоарс“, ќе се одржи перформансот „Ex Auro“, проект на музички фузии на „светска“ и џез музика, современ и фламенко танц, што е произлезен од средбата и визиите на унгарската кореографка, танчерка и пејачка Марија Кек и словенечкиот пијанист Томаж Пачник.

А посегањето по деталите за овој настан го вели следново. Марија Кек дипломирала модерна кореографија на Академијата за танц во Унгарија и магистрирала музико – терапија на Универзитетот Alcalá de Henares во Шпанија. Притоа уметницата развила своја метода на изучување на танцот базирана на достигнување на баланс низ изучување на различни видови танци (како фламенко или модерен танц) со слободна, креативна и лична експресија која има терапевтско дејство.

Со овој метод, Кек цели пет години работела како професор во Истражувачкиот центар за танц и фламенко во Нови Сад, во Фламенко асоцијацијата во Печ (Унгарија) и на Октопонт академијата за танц во Будимпешта. Одржала и неколку мастер класови во Унгарија, Србија, Хрватска, Англија, Норвешка, Јапонија, Шпанија и Аргентина.

Од 2007 година, таа креатор и менаџер на компаниите „Nuestro Aire” и „De Cobre“. Во обата проекта присутна е како кореографка, танчерка, пеачка и композиторка.

Не смее да биде заборавена ниту нејзиното членство во секстетот на прочуениот Мигуел Рејес, а исто така соработува и креира за „Ethnómada“ на ТРИО ОЛИВАРЕС. Во 2013 Кек стана и ко-основач на проектот „Flamenco Nuovo“, зад кој со својот авторитет стои Евелин Тот, добро позната пејачка во светот на современата и експериментална музика.

Марија во последно време живее и твори во Мадрид, а често е присутна со различни проекти во повеќе земји од Стариот континент.

Пијанистот Томаж Пачник, пак, е познат по својата соработка со бројни состави кои и припаѓаат на современата интернационална етно-џез сцена, од кои посебно се одвојуваат ЏАЗУ. Тој своето формално образование го заокружил на Конзерваториумот за џез и современа музика во Љубљана во 2001 година, за да потем стане пожелуван соработник и музичар чие име ќе се изврти покрај оние на ПЛАНЕТ ГРУВ, ШАНК РОК, Владо Креслин и многу други.

Пачник во 2002 година основал музичко училиште кое покрај едукација, се занимава и со продукција на танцови и музички перформански и проекти во соработка со основните и средните училишта во татковината. Паралелно со ЏАЗУ ќе одработат голем број на турнеи, притоа најмногу ќе ги има на сцените во Велика Британија, каде што патем живее еден од членовите на бендот, а во меѓувреме составот во Словенија ќе стане добитник на наградата Berneker's Award за оригиналност и допринос во културата. ЏАЗУ зад себе имаат шест албумски објави на кои најголем број од композициие се дело на пијанистот.

Во пресрет на претставувањето на„Ex Auro“ на Фестивалот за современа музика „Модоарс“ во Скопје, Марија Кек вели дека станува збор проект базиран на делови и влијанија на повеќе различни етнички култури и традиции ( турската, арапската, аргентинската, боливиската, унгарската.....сефардската), за кои пак е креирана оригинална музика. Притоа смета дека до израз доаѓаат нејзиното пеење и пијанистичката виртуозност на Пачник.

„Сето тоа го визуелно ќе биде проткаено со танц, главно со фламенко и современи танци, што подразбира дека ќе претставиме комплетно заокружен перформанс кој веруваме нема да остави рамнодушен никого во гледалиштето“, вели Кек.

Таа појаснува дека ова е нејзиниот најнов проект и дека со Томаж го започнале минатото лето по што следувале неколку навистина успешни претставувања во земјите од Европа. Згора на тоа, ќе рече дека во него до посебен израз доаѓа нивната артистичка, уметничка експресија.

„Сите мои проекти без исклучок се потпираат на токму на таа артистичка експресија. На соединувањето на нашите енергии, на нашите емоции...на потребата да се донесе нешто посебно, доживеано на сцена“.

Кон ова само уште информацијата дека гости на концертот ќе бидат гитаристот Бојан Петков Шамба ( ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ) и пијанистката Ема Попивода. Тие на присутната публика ќе и понудат изведби на композициите на Петков напишани во последниве неколку години.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG