Достапни линкови

Димитров и Коѕијас во Виена за достоинствено решение


Претстојната средба во Виена за името, протерувањето на рускиот дипломат од Македонија и обвинението за 27 април и повторното приведување на дел од обвинетите, се топ теми за кои пишуваат медиумите.

„Димитров и Коѕијас се подготвуваат за Виена, и двете страни бараат достоинствено решение“ – ја најавува Нова Македонија утрешната средба на двајцата шефови на дипломатии со медијаторот Нимиц во главниот град на Австрија. Се чини дека малку пренагласениот оптимизам, особено од наша страна, за брзо решавање на проблемот што го има Грција со нашето уставно име е ставен во позиција „лер“: се пренесува изјавата на Димитров дека тој „од Виена нема очекувања, туку надеж“. Оваа вест ја објавува и Слободен печат.

Независен, пак, на насловната го поставува прашањето: „Колку ќе нè чини протерувањето на рускиот крт – Поделени реакции во врска со солидаризирањето со ЕУ“.

Покрај оваа вест, главна тема во електронските изданија на печатените медиуми е повторното приведување на дел од обвинетите за настаните од 27 април лани во Собранието, кои беа пуштени во домашен притвор. Државниот јавен обвинител Јовески објави дека до Кривичниот суд е поднесен обвинителен акт против 30 лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, како што објавија Нова Македонија и Вечер, а Слободен печат наслови: „Чавков и уште четворица повторно вратени во притвор - ’испливаа и мистериозните повици од Виена‘“. Вечер го објави соопштението на ВМРО-ДПМНЕ дека партијата „Демантира дека обезбедувач на Груевски го нарачал насилството во Собранието“. Постот на ФБ на новиот претседател на опозициската партија Мицкоски дека на 27 април бил со луѓето кои биле „загрижени за иднината на Македонија“, инаку објавен откако јавноста ги виде фотографиите на толпата пред законодавниот дом меѓу кои се забележува и Мицкоски, ја предизвика и СДСМ на реакција: „Мицкоски призна дека учествувал во насилствата на 27 април и дека неговата партија стои зад насилствата што се случија на крвавиот четврток“ – го објави објави Нова Македонија соопштението на владејачката партија.

Сите медиуми ја објавија веста дека „Никола Митревски – Кољо сам се пријавил во полиција и е пренесен во затворот во Шутка“. Тој, инаку, е еден од осомничените кој досега беше во бегство и кој со уште неколкумина осомничени и притворени телефонски го мобилизирал членството на ВМРО-ДПМНЕ од другите градови за насилен упад во Собранието.

Слободен печат консултирал правници кои одговараат на најавите на премиерот Заев дека се размислува за поднесување иницијатива пред Уставен суд за непотпишувањето на Законот за јазици од страна на претседателот Иванов, кој според Уставот, е должен да го потпише новиот Закон по неговото второ изгласување во Собранието: „Уставен суд немоќен пред ’џебното вето‘ на Иванов – Законот не е стапен во сила, не е објавен во Службен весник и иницијативата ќе биде неуспешна“ – ги објавува Слободен печат толкувањата на еминентни правници. Но тие тврдат дека Иванов може кривично да одговара за прекршување на Уставот на РМ.

Вечер и другите печатени медиуми објавуваат дека „Првата група вработени по Рамковен ќе добие шанса да си ја заработи државната плата – ќе бидат прераспределни во јавниот сектор, а ако одбијат им следува отказ“. Слободен печат најави дека најмногу „рамковно вработени“ ќе добиеле прекоманда во здравството и во МВР.

Концесионерот на локалитетот Казандол и на уште неколку локалитети во јужниот дел на земјава, Сардич МЦ, во кој има и украински инвеститори, се закани дека ќе ја тужи Македонија пред Меѓународната арбитража во Вашингтон и ќе барал отштета од 380 милиони евра, доколку Владата еднострано го раскине договорот за концесија, објави Независен.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG