Достапни линкови

Заев - Коѕијас: потребна е одлучност и чекори кои водат поблиску до решение


Скопје - премиерот Зоран Заев се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, 23.03.2018

Иднината на Македонија и Грција треба да биде во фокусот на преговорите на двете земји за решавање на спорот за името, му порача денеска премиерот Зоран Заев на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. Како што се наведува во владиното соопштение испратено по средбата, Заев рекол дека треба да се одлучни и да прават чекори кои водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу двете земји.

" Уверен сум дека овој пристап ќе доведе до решение кое ќе им даде доволно прифатливи аргументи на институциите во двете земји, како и на опозицијата, да прифатат дека тоа ќе биде достоинствено и за Република Македонија и за Република Грција", нагласи Заев на средбата со Коѕијас.

Заев, кој на средбата беше придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека и оваа средба го зазема своето место како значајна во разговорите за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Македонија.

Додаде дека таа се совпаѓа со еден исклучително позитивен момент кога се очекуваат трајни решенија за билатералните прашања во регионот во перспектива на очекувањата на ЕУ.

Заев, се наведува во соопштението, нагласил дека и двете земји за време на процесот практикуваат и негуваат една заедничка, европска вредност, а тоа е взаемното градење на подобри билатерални односи и релации на доверба.

"Останува и понатаму да ги усовршуваме билатералните односи, да ги негуваме и да ги направиме уште подобри откако прашање за името ќе биде решено, бидејќи граѓаните во нашите земји, нашите пријатели во ЕУ и меѓународната заедница, очекуваат решение на ова прашање", додаде Заев.

Коѕијас потенцираше дека сегашноста и иднината бараат одговорност за решение на отвореното прашање. Тој истакна дека Грција, како земја членка во НАТО и ЕУ со најстара демократска традиција во регионот, има голема одговорност за решавање на ова прашање и дека мора да се најде компромис прифатлив за двете страни.

XS
SM
MD
LG