Достапни линкови

Просечната плата пораснала, но не и стандардот на граѓаните


Архивска фотографија - граѓани во центарот на Скопје
Архивска фотографија - граѓани во центарот на Скопје

Според упатените, зголемувањето на просечната плата нема да предизвика поголемо подобрување на стандардот на граѓаните, а тоа, пак, се должи на владиното субвенционирање на минималната плата.

Граѓаните реално нема во голема мера да го почуствуваат покачувањето на просечната плата со кое се пофали Владата викендов, оценуваат упатените. Како фактори за тоа ги посочуваат нереалните причини за раст, но и зголемувањето на цените.

Се додека просечната плата не е одраз на подеднаков раст на продуктивноста на трудот и на економијата, тоа е само статистичка категорија што се заснова врз неодржливи влијанија, коментира академик Абдулменаф Беџети.

Според него, порастот на просечната плата се должи на зголемената минимална плата, нешто што Владата од август минатата година одлучи да го субвенционира.

Но, Владата не би требало многу да се фали со тоа, тоа не е позитивен атрибут. Порастот на минималната плата е трошок на јавните финансии за кој на некој начин фактурата ќе дојде подоцна“, вели Беџети.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, рече дека минималната плата сега е 12.000 денари и дека над 90.000 граѓани со низок доход примаат повисока плата благодарение токму на таа владина мерка со која државата им плаќа на фирмите да ги исплаќаат работниците.

Маре Анчева, генерален секретар на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР), вели дека поголемиот дел од нивните членови се со плати под просечната. Но таа забележува дека владината мерка за субвенционирање се однесува само на најниските плати и се правеше корекција за да се стигне до 12.000 денари, па не се опфатени голем дел од вработените што се над минималната, а под просечната плата.

Не е многу променет вкупниот стандард на вработените, а мерката најмногу ја почувствуваа само кај најниско платените работни места“, вели Анчева.

Според некои податоци, пак, околу 60 до 70 отсто од населението не зема просечна плата, а таа сума, додава професорот Беџети, ја креваат високоплатените професии. Затоа, додава тој и со просечна плата не може да се очекува зголемување на стандардот на граѓаните.

„Просек е, ако карикираме, некој јаде ориз, некој јаде месо, а просекот е сарма. Значи просек е точен збир на лажни податоци“, вели Беџети.

Министерот Тевдовски викендов соопшти дека просечната нето плата првпат надминала 24.025 денари и во споредба со јануари минатата година имала раст од 1.275 денари, односно за 5,6 проценти. Според податоците на државниот завод за статистика, споредено февруари годинава и минатата, индексот на трошоците на животот минатиот месец забележал пораст од 1.9 отсто, а индексот на цените на мало забележа пораст за 3.5 отсто.

Ваквата објава на Тевдовски предизвика партиски препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од опозициската партија велат дека владејачката партија се служела со методолошки и статистички шминки за да прикажела зголемување на просечната плата. Од СДСМ пак наведуваат дека преку успешните економски политики и Планот за економски раст, платите растеле и ќе продолжеле да растат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG