Достапни линкови

Социјалната пензија ќе реши многу проблеми


Луѓе шетаат на плоштадот Македонија во Скопје

Живот без пензија веќе е реалност за илјадници граѓани кои се постари од 65 години. Тие не се на списокот на корисници на фондот на ПИОМ, бидејќи не го исполнуваат законскиот минимум за пензија. Овие граѓани многу често се оставени без какви било приходи.

Во Македонија има најмалку десетици илјади граѓани кои имаат нестабилна работа и се соочуваат со голем ризик дека нема да може да доживеат да земат пензија кога ќе остарат, зашто имаат недоволен број години во работната книшка.

Eдна од формите кои треба да го спречат тоа е тие сами да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено, но тоа не функционира, зашто во сегашноста се соочуваат со егзистенцијални проблеми и не може да мислат на иднината. Има и семејства во кои поштарот нема да заѕвони ниту за еден од брачните другари, бидејќи не го исполнуваат законскиот минимум за пензија. Ваквите искуства ја натераа Гордана Марковска да иницира размислувања во јавноста за промена на општите услови за пензионирање, кои предвидуваат минимум 15 години пензиски стаж. Таа вели дека и сама на верувала дека најпосле ќе се вработи на 55 години како кустос, откако 30 години работела непријавено.

„А колку имам работено со договор на дело, без договор во Градинка Срничка, Караџица - шумско стопанство, дуќан за чевли, Зелено пазарче, а пет години и на сите археолошки локалитети низ Скопје. Што сме ние виновни што транзицијата не нè одмина. Што сме ние виновни што нашата генерација отиде под стечај и стана технолошки вишок? Јас сум четврта генерација што заврши Историја на уметност со археологија, полна со надеж дека ќе се вработам, а замислете еве 30 години чекав додека го добијам тоа што ми следува. Има луѓе, моја генерација што работат во маркет и пет месеци немаат земено плата, има некои се таксисти со минимална плата итн. да не ги набројувам“, вели Гордана Марковска.

Живот без пензија веќе е реалност за илјадници граѓани кои се постари од 65 години. Тие не се на списокот на корисници на фондот на ПИОМ, бидејќи не го исполнуваат законскиот минимум за пензија. Овие граѓани многу често се оставени без какви било приходи.

СДСМ пред избори најавуваше дека планира нивниот проблем да го реши со воведување на социјална државна пензија за лицата кои во Македонија живееле во изминатите 20 години и немаат никаков друг извор на приходи. На прашање како ќе се обезбедат пари со оглед на дупката во пензискиот фонд, премиерот Заев, кој тогаш беше лидер на опозицијата, изјави дека тоа е буџетска мерка, а не од пензискиот фонд.

„Тоа се наши граѓани кои цел век работеле во Македонија, плаќале даноци, но немаат 15 години стаж или некои воопшто немаат стаж. Никој не се прашува како живеат тие луѓе, некои немаат ни за леб, немаат сметките да ги платат. Таа минимална државна социјална пензија е шест илјади проектирана и отприлика се околу 12 милиони денари вкупните средства. Не се големи издатоци, но претставува делче од ова праведно општество од социјален аспект гледно во иднина“, изјави Заев за Радио Слободна Европа, пред изборите во декември 2016.

Државна социјална пензија од 2020

Деновиве од Министерството за труд и социјална политика добивме одговор дека нивната предлог програма за социјална заштита на старите лица е за периодот од 2017 до 2020. Воведувањето на државна социјална пензија е предвиденo со Програмата за работа на Владата на Македонија 2017-2020 година, а мерката треба да се имплементира од 2020 година, наведуваат од Минстерството.

За реализација на оваа мерка потребна е анализа со која ќе се дефинира опфатот на граѓани и тоа граѓани кои живеат на територија на Република Македонија, имаат македонско државјанство и имаат живеалиште на територијата на државата. Исто така, целта е да се опфатат и граѓани кои веќе имале период на осигурување и определен период на работен стаж во Република Македонија, но тој стаж е под 15 години и немаат стаж на осигурување во друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување. Анализата треба да покаже колку македонски државјани со возраст над 65 години остваруваат некакви други приходи.

Многу минимални пензии и многу без пензии

Невработеноста, сивата економија и пријавувањето на работници на најниска основица е карактеристика на пазарот на трудот со години. Експертите укажуваат дека тоа ќе резултира со голем број минимални пензии и значителен број на оние што нема да може да го остварат правото на пензија.

Имајќи ги предвид проблемите во пензискиот систем кој е неодржлив на среден рок, Здравко Савески од партијата „Левица“ вели дека многу работи ќе се решат ако почне да се работи во интерес на сиромашните, а не обратно во интерес на богатите.

„Едно од решенијата е воведување загарантирана пензија за сите граѓани без разлика на нивниот стаж кој го оствариле, зашто многу често луѓе кои имаат работен стаж не може да го докажат и не може да доживеат да земаат пензија, иако вложиле голем труд во оваа земја. Лесно е да се труби во изборни кампањи за старосна пензија и после да се игнорираат проблемите во пензискиот систем, а дури и да се користат проблемите во пензискиот систем за уште поантисоцијални реформи во пензискиот систем. Ако конечно во оваа земја почне да се работи не во интерес на богатите, туку во интерес на сиромашните, многу работи кои сега ни се чинат за невозможни, реално се можни. Македонија не е толку сиромашна земја, колку што има сиромаштијa. Профитите од работењето на вториот и третиот столб треба да одат за финансирање на првиот столб“, вели Савески.

Граѓани кои немаат доволно години во работната книшка, а работеле со години во Македонија потенцираат дека загарантираните пензии остануваат отворено прашање кое ќе има големо значење во иднина.

„Јас сум вечен оптимист. Никој не веруваше дека јас на 55 години ќе се вработам, а еве ме и во овој случај длабоко сум убедена дека јас и сите како мене ќе успееме да ја земеме нашата заслужена пензија на крајот од нашиот краток на хартија, а инаку долг работен век. А не се сложувам со социјална пензија зашто не сме социјалци. Јас има работено може и повеќе од некои кои имаат редовна пензија, но таков е мојот случај“, вели Гордана Марковска.

Савески изнесе податоци дека во Македонија бројката на хонорарни работници изнесува неколку десетци илјади, додавајќи дека таа бројка постојано се зголемува зашто трендовите во политиката е одење на флексибилност на пазарот на трудот.

„Последно време се зголемува оваа бројка поради сè почестиот број на дигитални работници, односно работници кои работат како аутсорсинг работници за фирми од странство седејќи во Македонија. Не може да се направи точна проценка колку луѓе во Македонија се хонорарни работници со нестабилна работа. Но, таа бројка не е за занемарување и претставува неколку десетици илјади во најблаго сценарио“, вели Савески.

Проценките на економистите кажуваат дека проблемот со исплаќањето на пензиите и натаму ќе го зголемува зафаќањето од буџетот, кој поради тоа нема да биде во можност да решава развојни политики. Тие немаат дилема дека државата мора да обезбеди исплата на пензиите, укажувајќи дека тие се основен вид на егзистенција на дел од популацијата. Според нив, неопходно е да се реагира со темелна анализа во која ќе бидат вклучени сите чинители, почнувајќи од Владата, здруженијата на пензионери и стопанството и со која ќе се бара долгорочно решение.

Македонија по устав е социјална држава и тоа не смее ниту една влада да го третира како нешто што може да смее да го игнорира по желба. Тоа е дефинирано во член 1 во Уставот и мора да има голема тежина за било која влада која владее во Македонија, вели Савески.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG