Достапни линкови

Законот за јазици во фокусот на неделниот печат


Архивска фотографија: Собрансиска седница за законот за јазиците

Законот за јазици и национализмот на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и на ДУИ се дел од темите со кои се занимава неделникот Фокус. Капитал ги анализира економските предизвици во новиот мандат на рускиот претседател Владимир Путин.

Фокус - Мицкоски, Села и Ахмети во лов на националистички гласови

Во најновата воведна колумна на Фокус се анализираат однесувањето и потезите на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Македонија и на ДУИ, па се наведува дека Мицкоски, Села и Ахмети тргнале во лов на националистички гласови, што може да го крене нивниот рејтинг, но да ја загрози Македонија. Зошто? „Меѓуетничкиот мир“, продолжува неделникот, „е многу кревок и за да опстои е потребно сите политички актери и институции, медиумите, судството, да се однесуваат одговорно“. За жал, наведува неделникот, Мицкоски, Села и Ахмети не мислат така.

Инаку, тема во неколку колумни во Фокус се и ликот и делото на претседателот Ѓорге Иванов, особено со последната изјава дека „совеста и Уставот“ не му дозволувале да го потпише Законот за употреба на јазиците. „Иванов и Мицкоски создаваат некаква коалиција во која секој треба да си го заврши својот дел од работата: претседателот да не го потпише Законот за јазиците, а опозициската партија да го реализира своето ’излегување на терен‘. Сè нешто ми личи на одење во поле за повторно да се жнее национализам“, заклучува авторот.

Во друга колумна пишува: „Доколку потпишувањето на Законот толку многу силно се коси со неговите лични убедувања, единствен излез е – оставка, како негова лична одлука. Тоа, ако не може поинаку, може да биде и најелегантното решение и за него и за сите нас“, пишува Фокус.

Капитал - Петте економски предизвици на Путин по изборите

Од најновото издание на Капитал одбираме една актуелна тема од меѓународната политика. Онаа за „Петте економски предизвици на Путин по изборите“. Па со поднаслов „Проблеми извесни како неговата победа“, неделникот пишува дека досега, рускиот претседател, сега со обновен мандат до 2024 година, само ги коментирал економските проблеми што, извесно, ќе го следат во текот на неговиот најнов мандат. Но, ако сака да си ги обезбеди идните позиции, најпосле ќе треба да преземе конкретни дејствија, некои од нив многу непопуларни. Авторот на текстот потоа ги набројува петте најсериозни проблеми за руската економија: Како прво, во Русија постои недостиг на работна рака и влошена демографска состојба. Само лани бројката на работноспособно население се намалила за околу еден милион лица, што ќе го ограничи економскиот раст, а, пак, за планот за природен пораст на населението ќе бидат потребни околу 60 милијарди долари. Потоа следуваат ниската возраст за пензионирање, недостигот од странски инвестиции, ниската продуктивност, на што обрна внимание и Светска банка во последниот извештај за Русија, потсетува неделникот. За тоа се потребни подлабоки и побрзи структурни реформи, пишувало во извештајот. Како последен проблем во анализата на Капитал е наведена потребата од диверзификација на економијата, зашто прогнозите за раст на руската економија се под просекот на светско ниво, така што Русија има потреба од нова стратегија, го наведува Капитал делот од извештајот на Светска банка за овој проблем.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG