Достапни линкови

Стабилно финансирање за политичка независност на МТВ


Зградата на Македонска телевизија (МТВ).
Зградата на Македонска телевизија (МТВ).

Едно од правата на човекот е да биде точно и навремено информиран. Па дали за тоа граѓаните треба и да плаќаат од нивниот џеб? Во Македонија граѓаните веќе не плаќаат радиодуфузна такса, но се уште се трага за вистински модел за финансирање и оджливост на јавниот серзис.

Укинувањето на обврската за плаќањето на радиодифузна такса нема да влијае на политичката независност на јавниот сервис, велат дел од граѓаните, повикувајќи се на досегашните искуствата. Тие посочуваат дека живееме во земја во која, за жал, политичката волја доминира во сите сфери во општеството, па така и во јавниот сервис, каде тоа особено се чувствува. Така беше и последните неколку години и покрај тоа што граѓаните го финансираа јавниот сервис од сопствениот буџет, велат тие. Луѓето коментираат дека економски сме премногу нестабилни држава и со голема невработеност и оти секое ослободување од давачки им одговара.

„Добро е, помош е сепак за секое семејство.“

„Ако има добра политичка култура и владата го финансира сервисот и нема култура на добивање поени и злоупотреби, тоа треба да го финансира државата. Има и друг парадокс кај нас, тоа е економската ситуација. Темел на сè прво е да се среди економската ситуција и од таму ќе почне развитокот на политичката култура која ќе влијае и за вистинско функционирање на националниот јавен сервис“, велат дел од граѓаните.

Стабилно финансирање - услов за независност

Во високо развиени демократски земји граѓаните со свои пари ја купуваат автономијата на јавниот сервис плаќајќи радио дифузна такса, но тоа кај нас се уште не е случај, вели Тамара Чаусидис, претседателка на Синдикатот на новинари. Таа смета дека стабилното финансирање е услов за независност и посочува дека во законот се предвидува буџетско финансирање, кое секоја година процентуално ќе се зголемува.

„Нашата пракса покажа дека не сме високо развиена демократска земја и дека преку финансирање на јавниот сервис тој се става во позиција да зависи од владата од политичките центри на моќ и заради тоа е постојано во некоја клиентелистичка позиција“, вели Чаусидис.

Но со законот, со одредена конкретна сума која во одреден период мора да легне на сметката на МТВ е многу посигурно од сите други модели досега, вели таа.

„Велам не е популарно решение, би било многу поубаво да сме демократска земја во која јавноста ја препознава важноста на независен и стабилен јавен сервис, па да партиципира со плаќање на радиодифузна такса, но досегашното искуство покажува дека мора да обезбедиме еден период на стабилно финансирање на МРТ за вистина да добиеме стабилен и професионален јавен сревис“, изјави Чаусидис.

Јавниот сервис не ги добива потребните пари

Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми, посочува дека со новиот владин проект за укинување на радиодуфузната такса и директно финансирање од буџетот не е сигурен дека тоа дополнително нема да ја влоши финансиската состојба на јавниот сервис и скептични се дека ќе се вложува во подигнување на нивото на програмската понуда и квалитет во јавниот сервис за кој континуирано се укажува дека се неопходни програмски реформи зашто го нема статусот на јавен сервис кој го имаат земјите од регионот.

Споредбата со регионот покажува дека сервисот не добива ни од далеку пари колку што му се потребни. Јавниот сервис не е само информативна програма, а овие пари се доволни да се покрие редакција за информативна програма. Јавниот сервис има улога да биде стожерен дел на културна индустрија. Поради обврските да нуди квалитетна програма која нема да се фокусира само на масовна култура туку ќе нуди нешто поквалитетно и за повеќе различни вкусови“, изјави Георгиевски.

Во извештајот на експертот Прибе од Македонија се бараше итно да се обезбедат средства за да се обезбеди независност на МТВ и да се овозможи ефикасно работење и управување.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски изјави дека начинот на финансирање на МРТ, на Македонската радиодифузија и на Агенцијата за медиуми ќе биде постабилно и нема да зависи од висината на собраната радиодифузна такса.

За време на расправата за финансискиот извештај на МТВ пратениците од опозицијата рекоа дека со одлуката за укинување на радиодифизната такса јавниот сервис ќе биде под контрола на власта. Пратениците од власта рекоа дека МТВ долго време беше сервилен сервис на владата и најавија дека тоа ќе го сменат

И претседателот на ЗНМ Насер Селмани е скептичен дека буџетскиот процент за финансирање на радиодифузната дејност е доволен за потребите на МРТ и за гарантирање на нејзиниот квалитет, ако се има предвид планот вториот програмски сервис да биде 24 часа на албански јазик како и да се отвори и четврти програмски сервис.

„Стабилно ќе биде финансирањето, но прашање е дали е доволен тој износ. Ние побаравме околу 35 милиони евра за финансирање на МТВ, македонската радио дифузија и за агенцијата за медиуми. Владата нуди помалку. Тие тврдат декларативно дека сакаат да ги зајакнат капацитетите на МРТВ. Не знам какво е тоа зајакнување кога МТВ ќе има пет милиони евра помалку средства во споредба со 2016 во услови кога ќе се отвораат три нови канали, канал 24 на албански јазик, канал за малцинства и за албански јазик на радио. Како МРТ ќе функционира и ќе ги исполни овие обврски со помалку средства не е ни е јасно, на владата не знам. Ние се обидуваме да ги убедиме но очигледно нема политичка воља на МТВ да и се дадат доволно средства за да може квалитетно да ја остварува функцијата на јавен сервис“, вели Селмани.

На прашање дали се предвидени пари во буџетот за отворање на нови канали и колку тоа ќе чини министерот Дамјан Манчевски во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека со овој буџет кој е обезбеден, а кој со годините ќе расте, тој е убеден дека постојат доволно ресурси за нормално функционирање на МРТ, обнова на кадарот, воведување на 4-тиот канал, а од следната година со буџет на малку помасовна основа и за сервисирање на старите долгови на МРТ

Менаџментот на МРТ е тој што треба тоа да го планира, мисли, буџетира итн. Државата обезбеди буџет за МРТВ кој е на ниво на нивните потреби дури и со обврска дека ќе расте з а 0,1 процент за наредните години, сега е 0, 7 проценти од буџетот. Новоста во финансирањето е дека многу е предвидливо за менаџментот и полесно. Досега зависеа од процент на претплата на радиодифузната такса, па еден месец е пониска, повисоко, па наплатиле, не наплатили од УЈП. Сега им е тотално предвидливо, знаат фиксно месечно колку добиваат и тие пари не зависат од никого и од ништо. Јас ако не потпишам јас подлежам на одговорност. Не барам извештаи за работата на МРТ тие репортираат пред Собранието. Финансирањето е попредвидливо и полесно за планирање на менаџментот да може да ги планира сите активности во рамки на нивната задача кон јавноста“, изјави Манчевски.

Како до вистински јавен сервис?

Од медиумските организации и здруженија велат дека македонската радио телевизија може да се претвори во вистински јавен сервис само ако и се овозможи институционална автономија и независна уредувачка политика на јавниот дифузер.

Со години наназад општа беше оценката дека МРТВ е сè само не независна, а слободата на медиумите беше оценувана од година во година сè послабо. Тешката состојба во јавниот радиодифузен сервис се препишуваше најмногу на политичкото влијание и политичките притисоци. Медиумските работници оценуваат дека предлог измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои ги усвои Владата се само прв чекор за промени во МРТВ и дополнуваат дека сам по себе законот нема да придонесе за вистински јавен сервис. Тие укажуваат на големиот број проблеми со кој се соочува овој програмски сервис во однос на администрација, финансии, долгови, програма, луѓе и поради тоа сметаат дека процесот на повторно градење на МРТВ како вистински јавен сервис ќе биде долгорочен.

Радиодифузна такса за независно информирање
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:24 0:00

Швајцарија против укинувањето на радиодифузната такса

Швајцарските граѓани неодамна гласаа против укинувањето на надоместокот за јавната радиодифузија. Тие се уверени дека на таков начин ќе се зачува независноста во информирањето, а против политичката пропаганда. Шефовите на швајцарската државна радиотелевизија го поздравија резултатот со олеснување и задоволство, но најавија реформи на сервисот.

Гоце Атанасов

Над 71 отсто од швајцарските граѓани и рекоа „не“ на иницијативата „Но Билаг“, со која се бараше укинување на надоместокот за финансирање на државната радиотелевизија. Иницијативата беше одбиена во сите кантони.

Еден од оние што беа против укинувањето пијанистот Мик Кусен вели:

„Мислам дека е важно да се има независна слика за тоа што се случува во заедницата, во светот и во земјата. И да се има национален сервис, мислам дека тоа помага“.

За разлика од него, Флориан од спротивниот табор пак вели:

Гласав „да“ затоа што не сакам да платам за државна пропаганда, што е дезинформација платена од даночните обврзници, не сакам да платам за тоа. Не сум убеден дека нашите медиуми добро работат денес, тоа е причината зошто“.

За претседателот на државната радиотелевизија Жан Мишел Кина, отфрлањето на иницијативата ја претставува волјата на граѓаните да се заштити јавниот радиодифузен сервис.

„Швајцарскиот народ изрази желба да го задржи постоењето на независни информации што се достапни на неколку јазици. Ова „да“ може исто така да биде „да“ за оваа мултикултурна Швајцарија, оваа Швајцарија која е приврзана кон информации на четири јазици и радио и телевизија кои се на исто ниво на квалитет во различните региони што ја сочинуваат нашата земја“.

Генералниот директор на јавната медиумска компанија Жил Маршанд пак оцени дека кампањата покажала оти се неопходни реформи во компанијата, која има над шест илјади вработени, во оваа дигитална ера.

„Се разбира, одреден број работи ќе мора да се променат, многу работи ќе мора да се променат, но овие промени ќе треба да се спроведат на професионален, прогресивен начин, ние сме ангажирани во правењето на овие реформи и посветени да го преземеме процесот на реформирање до крај“.

И швајцарската влада беше против иницијативата со оценка дека таа и се заканува на медиумската разновидност и ќе ја оштети политичката дебата во земјата во која живеат нешто помалку од осум ипол милиони луѓе. Владата наведе дека граѓаните ја докажале својата приврзаност кон нивните национални медиуми и нивната подготвеност да платат за тоа. Доколку предлогот беше усвоен, Швајцарија ќе беше првата европска земја со укинати задолжителните надоместоци за лиценци за јавниот радиодифузен сервис.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG