Достапни линкови

МРТВ јавен сервис или партиско гласило со новиот закон?


Зградата на Македонска телевизија (МТВ)

Медиумските работници оценуваат дека предлог измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои ги усвои Владата се само прв чекор за промени во МРТВ и дополнуваат дека сам по себе законот нема да придонесе за вистински јавен сервис. Тие укажуваат на големиот број проблеми со кој се соочува овој програмски сервис, а паралелно со тоа изразуваат дилеми дека промените може да се очекуваат за скоро време.

Коментирајќи ги одредбите од законот со кој се предвидува изборот на членовите на програмскиот совет на МРТВ во Собранието да се врши со двотретинско мнозинство во парламентот, новинарите велат дека немаат впечаток дека тоа може да се случи во скоро време со оглед на политичката ситуација и неучеството на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Собранието.

„Тоа значи дека прво треба пратениците да се вратат во Собранието и второ да се постигне политички договор меѓу сите политички партии. Тоа ќе биде навистина предизвик за Собранието и општеството да покаже дека сака, без оглед на политичките бои, реформи, а не само политички натегања. Јас не верувам дека тоа ќе се случи, зашто во моментот имаме закочено Собрание, има сериозни недоразбирања меѓу сите политички партии. Но се надевам дека може да бидам изненадена позитивно“, изјави Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

Програмскиот совет на МРТВ, беше избран на крајот на 2014 со мандат од пет години, односно мандатот му истекува на крајот на наредната година.

Во меѓувреме, во очекувaње да се донесат медиумските реформи, стариот Програмски совет на МРТВ, веќе го реизбра стариот директор Марјан Цветковски на чело на јавниот сервис. Владата најави дека веднаш по усвојување на новиот закон за аудио и аудио визуелни услуги ќе се овозможи професионални, непартиски нови раководни позиции и во МРТВ и во Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги.

Инаку, предлог измените во законот кои ги усвои Влада и се однесуваат на програмскиот сервис се промените кои медиумските организации ги бараа пред две години за време на преговорите на партиите во Клубот на пратениците кога во Македонија имаше голема политичка криза. Во однос на МРТВ барањата на медиумските организации се однесуваа на подигнување на нивото и поквалитетен Совет кој ќе има високи критериуми и знаења за медиумската политика и за јавниот сервис.

Доколку законот се усвои во Собранието тоа ќе биде само прв чекор за контрола и креирање на вистинска програмска понуда и содржина, вели Трајкоска.

Само по себе нема да значи ништо ако промените не бидат длабоки и ако не бидат одвнатре во смисла на сериозни систематски не само во однос на администрација, финансии, долгови, програма, луѓе. Зборуваме за долгорочен процес на повторно градење на МРТВ како вистински јавен сервис“, вели Трајкоска.

Новинарот Назим Рашиди вели дека најбитно е политичарите да сфатат дека нивното влијание врз медиумите е штетно и за општеството, но и за нив.

„Тоа што е најбитно е дека самите политичари треба да сфатат колку не треба да влијаат. Имавме пракси каде одредени законски решенија биле добри, но се случувало луѓето кои работат во институциите повторно да бидат под влијание. Политиката треба да сфати дека колку повеќе влијае прави лошо за себе и за општеството. Ако се користи истата култура на влијание тогаш сегашната опозиција никогаш не би требало да добие внимание во јавниот сервис или какви ставови имаат“, вели Рашиди.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски вели дека основна цел на овој предлог закон е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со измените што се предлагаат за избор на членови на програмскиот совет на МРТВ, како што вели министерот, пристапот за кандидирање е либерален. Секој може да се пријави ако има осум годишно работно искуство во областа на медиумите и поддршка од фелата, вели Манчевски.

„Различно од сè досега е дека јавноста ќе разбере за кандидатите ќе ги гледа, ќе ги набљудува додека трае постапката за изборот. Во Собранието во Комисијата за избори и именувања ќе се организира еден вид надзорна расправа каде овие луѓе ќе треба да се појават да ги видиме кои се да кажат што направиле порано и да кажат што им е планот за работа. Јавноста ќе биде главниот механизам за изборот на професионални луѓе и на оние кои ќе имаат најголема поддршка дополнително откако сè ова ќе заврши изборот е со двотретинско мнозинство“, изјави министерот Манчевски.

Со години наназад општа беше оценката дека МРТВ е сè само не независна, а слободата на медиумите беше оценувана од година во година сè послабо. Тешката состојба во јавниот радиодифузен сервис се препишуваше најмногу на политичкото влијание и политичките притисоци, а МРТВ добиваше критики и затоа што не ги објавуваше таканаречените „бомби“ што ги објавуваше Заев како лидер на опозицијата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG