Достапни линкови

Најмногу забелешки за финансирањето на МРТ


Архивска фотографија, Министерството за информатичко општество и администрација организира јавна дискусија за реформи во медиумскиот сектор

Здруженијата и организацијата кои се занимаваат со медиуми имаат забелешки за предлог законот за медиуми. Најмногу забележуваат за финансирањето на јавниот сервис и за обидот да се регулираат новинарските стандарди.

Финансирањето на Македонската радио телевизија, нејзиното реформирање и начинот на кој треба да се ослободи од политичките спреги, како и составот и функционирањето на Агенцијата за медиуми се главните забелешки на новинарските здруженија на предложените законски измени за медиумски услуги.

Здружението на новинари, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како и Советот за етика во медиумите, сметаат дека е неопходно за МРТ државата да одвојува еден процент од буџетот на годишно ниво, а не како што е наведено во предлог-измените на законот 0,7 проценти. Според нивните забелешки кои се доставени до Министерството за информатичко општество, Македонија со ова ставка ќе одвојува околу 15 милиони годишно што е помалку од парите со кои досега располагаше куќата. За нормален развој е неопходно државата да одвојува најмалку 30 милиони евра годишно на 12 рати најдоцна до 5-тиот ден во месецот.

„СДСМ очекуваме да биде конзистентна на Предлог - законот доставен во Собрание во 2016 година, во кој се предвидуваше 1 процент од буџетот. Со предлог решението од 0,7 проценти, новата Влада ги изневерува очекувањата на граѓаните“, е наведено во забелешките на ЗНМ,ССНМ и СЕММ.

Дополнително проблематичен е и ставот во законот со кој се остава можност за дополнителни буџетски инјекции на МРТ, затоа што ја става во зависна позиција од „добрата волја на владата“.

„Ако остане можноста владата своеволно да одвојува средства за МРТ, ќе значи директен упад во независното финансирање на МРТ и можност да се наруши автономијата на куќата. Единствениот аргумент на новата влада за неприфаќање на предлогот за финансирање на МРТ со еден процент од буџетот е лошата кондиција на буџетот. Ако е тоа вистина, тогаш како е можно Владата да нема пари да го покачи од 0,7 на 1 процент финансирањето, а има пари за опремување на јавниот сервис по друг основ“, се наведува во нивните забелешки.

Од друга страна пак, во забелешките на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и од Институтот за комуникациски студии не се согласуваат со предложеното укинување на радиодифузната такса и сметаат дека финасирањето на јавниот сервис од буџетот е погрешно решение.

„Веруваме дека со подобрувањето на програмската понуда и со департизацијата на раководните органи на МРТ, ќе се подобри и гледаноста и наплатата на радиодифузната такса. Сметаме дека е потребно прво да се утврдат потребите на јавниот сервис од програмски и од финансиски аспект и (евентуално) да се утврди износот на буџетски средства со кои еднократно (или во ограничен период) ќе и се помогне на МРТ да ги зајакне техничките капацитети,“ е наведено во нивните забелешки кои се доставени до Министерство.

Комуникологот Климе Бабунски, пак, забележува нелогичност во процедурата на финансирање на јавниот сервис.

„Прво мора да има програма, а после тоа да стане збор колку тоа ќе чини. Недозволиво е прво да се каже колку тоа ќе чини, а да не се знае за што и каква програма се работи, и во целиот тој процес да не биде вклучена и општата и стручната јавност и управните тела на МРТ“, вели Бабунски, кој заедно со невладината Центар за развој на медиуми ги доставил забелешките до Министерството.

Голем дел од новинарски организации се согласуваат дека новинарските стандарди не можат да бидат објект на законска регулација, туку на саморегулација во медиумите. Ако етички новинарски стандарди се стават во закон, постои голема опасност тие да се злоупотребат за ограничување на слободата на говорот и слободата на медиумите. Ова се однесува на делот за политички плурализам во вестите, информативните дебатните и контакните програми.

„Потребно е да се отвори стручна дебата со цел да се утврди дали и на кој начин може да се унапреди политичкиот плурализам во медиумските содржини, преку објективно, непристрасно и избалансирано информирање со еднаков третман на различните гледишта“, се вели во забелешките на МИМ.

Дел од клучните забелешки се критериумите за членувањето и функционирањето на Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми. МИМ предлага мандатот на членовите на Советот на Агенцијата да биде шест до седум години без можност за повратен мандат со цел оневозможување на „долгорочно врзување за позицијата“ како досегашната пракса.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG