Достапни линкови

Има ли лек за болното здравство?


Илустрација.
Илустрација.

Нема довоно лекари, реформите се „турни-застани“ и главно - нема пари. Колку пациентите се задоволни од реформите во здравството и со какви проблеми и пречки се справуваат здравствените работници?

Во некои македонски градови недостигаат лекари и специјалисти, во други недостигаат медицински апарати и лекови, додека, пак, жители на одредени села треба да патуваат и до 40 километри до најблискиот лекар.

Мене вчера ми се јавија до Министерство да ме потсетат дека има закажано за термин, јас дојдов на закажаното и чекав еден саат. А внатре викаат, се караат, те бркаат кога ќе влезеш, катастрофа.
Анкетиран пациент.

На пример, во тетовското село Вејце веќе пет години зјае празна ново изградената амбуланта. Жителите на Вејце сè уште одат на лекар во Селце, најблиското село со амбуланта, кое е на 8 километри од Вејце, а доколку имаат потреба од специјалист, својата прошетка ја продолжуваат уште за 4 километри до Тетово. На селото со 1.300 жители му е потребно постојан матичен лекар, медицински сестри и акушерка.

Илустрација.
Илустрација.

Никако нема да прифатам и не можам и нема да дозволам пациентот да стои на закажан преглед пред вашата ординација, односно пред вашата затворена врата еден или повеќе часови.
Никола Тодоров, министер за здравство.

На само неколку километри подолу е тетовската клиничка болница, за која по социјалните мрежи летово беа објавени фотографии од стара инфраструктура, нечисти тоалети, стари болнички кревети со скинати чаршафи. Таквите слики по социјалните мрежи предизвикаа реакции барајќи од надлежните да се подобрат условите за достоинствено лекување. Во оваа клиника лек бараат пациентите од тетовско, гостиварско и дебарско. Проблем во тетовскиот крај е и недоволниот број на возила на Итна помош. Со само 4 возила треба да се опслужат околу 100 илјади граѓани во тој крај, особено во руралните општини.

Прилепската болница, пак, која ги опслужува граѓаните од соседните Крушево, Македонски Брод, Кривогаштани и Долнени се соочува со големи финансиски проблеми, недостиг на лекари специјалисти, лоша состојба со инфраструктура и дотрајани апарати. Според истражувањето на веб порталот Нова ТВ, само во последнава година околу 30 лекари ја напуштиле праксата и заминале на работа во странство.

Дали Тодоров знае дека во една амбуланта преку еден компјутер работат четворица лекари специјалисти.
доктор Владимир Милошев, СДСМ.

Дел од македонските болници едвај кубурат со пари и тонат во долгови. Според податоците на Фондот за здравство, неподмирените долгови на македонските болници, кои во април годинава изнесуваат 41 милион евра, бележат зголемување за 4 проценти во однос на јануари кога изнесувале 40 милиони евра. Аналитичарите велат дека независно кој го води здравствениот сектор и која влада е на власт, проблемот во здравството секогаш е во парите.

Илустрација.
Илустрација.

Ова се само дел од проблемите со кои се среќаваат пациентите и лекарите во внатрешноста на Македонија. Пациентите од внатрешноста дополнително се жалат дека не можат да закажат контроли и прегледи на скопските клиники преку матичните лекари затоа што не знаеле да се справат со реформата „Мој термин“. Од Министерството за здравство велат дека нема вакви поплаки, но доколку некој има проблем треба да го пријави.

Кај нас на пример капитацијата е 50 денари за пациент, а обврските се зголемуваат, давачките се зголемуваат и едноставно е неиздржливо не можеме финансиски да го следиме трендот на сите овие покачувања во однос на платите, кои, пак, не се поместени, еве на пример во примарното здравство капитација е правена во 2001.
доктор Лилија Чолакова, претседател на Здружението на приватни лекари.

Пациентите пак велат дека не ретко им се случува кога ќе дојдат на закажан термин дополнително да чекаат.

„Мене вчера ми се јавија до Министерство да ме потсетат дека има закажано за термин, јас дојдов на закажаното и чекав еден саат. А внатре викаат, се караат, те бркаат кога ќе влезеш, катастрофа.“

„Не значи дека ако имаш термин закажано, дека тоа е тоа, пак треба да чекаш, по пола саат, саат, а можеби и повеќе.“

„На закажан термин некогаш ќе влезеш навреме, ама некогаш е плус два саати од закажаното.“

„Мене ме примија 15 минути покасно од што ми беше закажан терминот“, велат анкетираните граѓани.

Сите овие години, па и сега не е направена една јасна стратегија за развој на здравството во Македонија. Се оди до такви апсурди што некои од асоцијациите му предлагаат на министерот да се направат скратени курсеви за специјализација, оти сме немале специјалисти. Место да има стратегија, па десет години однапред да се знае кој ќе оди во пензија од јавното, кој од приватно здравство, па да се подготви кадар навреме и да има нормален тек.
доктор Владимир Борозанов, поранешен претседател на Лекарската комора.

Тие се жалат дека главен проблем со којшто се соочуваат е тоа што нема термин за закажување.

„По месец дена немаат термин, еве јас конкретно за Трансфузиологија барав во Градската болница 8 септември и таму немаа термин, а тука на Клиника имаа термин, ама многу се чека, ептен“, вели еден граѓанин.

Според податоците од електронскиот систем, вкупно 162 доктори три или повеќе пати задоцниле подолго од еден час на првиот закажан преглед во денот. Според последните податоци од ресорното министерство за спроведување на оваа реформа, околу 40 проценти од пациентите биле примени на преглед точно навреме, додека, пак, една третина од нив чекале до половина час повеќе од закажаниот термин.

На што пониско ниво го решавате проблемот во здравството, тоа чинењето на здравствените услуги е поевтино, меѓутоа од друга страна самите болници на некој начин не се толку самостојни да можат да работат во една атмосфера каде што независно од сите други чинители би одлучувале во врска со купувањето на опрема, вработување на кадри и сите други менаџерски проблеми коишто се јавуваат.
Методија Трајаноски, професор по јавно здравство и здравствен менаџмент на Универзитетот во Софија.

Лекарите од клиничките центри не сакаат јавно да говорат за овој проблем, но кога е исклучен микрофонот признаваат дека не можат да постигнат, затоа што во една смена покрај закажаните пациенти, имаат уште дваесетина пациенти плус кои доаѓаат со приоритетни упати па настанува хаос. Тие велат дека проблемот може да се реши со вработување на специјалисти кои во една смена ќе се грижат само за итните случаи и пациентите со приоритетен упат и со тоа нема да настануваат ниту турканици, ниту задоцнувања.

Министерот за здравство Никола Тодоров по спроведената анализа за ефектите од проектот „Мој термин“ изјави дека ќе следуваат парични казни за лекарите коишто не ги почитуваат закажаните термини.

„Почитувани 162-ца доктори, можам да прифатам да ме критикувате, да зборувате за мене на секој пациент којшто ќе влеза во вашата ординација, дури и да се исмевате со мене пред вашите пријатели, сето ова од вас без проблем го прифаќам и без проблем ќе го поднесам, но никако нема да прифатам и не можам и нема да дозволам пациентот да стои на закажан преглед пред вашата ординација, односно пред вашата затворена врата еден или повеќе часови. Ќе ги казнувам директорите кои не го исполниле таргетот и ќе барам да бидат казнети докторите кои не го почитувале законот и времето на пациентите“, изјави Тодоров.

Опозицискиот СДСМ по ваквата најава за казни му порача на министерот да започне со себе затоа што со оваа реформа само се прикриваат слабостите во здравството.

„Тодоров, во вакви околности, за да го дефокусира проблемот, најави казни за лекарите. Во врска со системот „Мој термин“ бараме од министерот Тодоров да им признае на граѓаните, дали знае дека системот паѓа неколкупати во текот на денот, што по автоматизам значи задоцнување со прегледите. Дали Тодоров знае дека во една амбуланта преку еден компјутер работат четворица лекари специјалисти“, вели доктор Владимир Милошев, претставник на штипскиот огранок на СДСМ.

Еден од поголемите проблеми во здравствениот систем е и одливот на лекари во странство, но и дополнително проблем е и стариот кадар кој заминува во пензија, а за него сè уште нема соодветна замена.

Здравствени установи во внатрешноста кубурат со кадар, особено со специјалистички кадар, но тој проблем не може да се реши со праќање на лекари во странство на обука, туку со правење на јасна стратегија, објаснува поранешниот претседател на Лекарската комора, доктор Владимир Борозанов.

„Овие сегашни зафати се само спектакуларни замени за правото решавање на проблемот“, вели тој.

Проблемот на докторите од внатрешноста на Македонија е тоа што не работат во добри услови, немаат доволно опрема, ниту, пак, им е овозможено индивидуално да се развиваат или да бидат адекватно наградени за работата што ја вршат.

„Вие имате уште една „тортура“ со административните казни, закажувања, воведувања во компјутер, луѓето се демотивираа“, вели Борозанов.

Според Здружението на приватни лекари, само во последните две години од државата си заминале 280 лекари. Од Синдикатот на здравствени работници велат дека трендот не е алармантен. Доктор Лилија Чолакова, претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека трендот на одлив на доктори треба да ги загрижи надлежните и треба да преземат мерки за подобрување на статусот на фелата и зголемување на платите со цел да се задржат лекарите во земјава.

„Кај нас на пример капитацијата е 50 денари за пациент, а обврските се зголемуваат, давачките се зголемуваат и едноставно е неиздржливо не можеме финансиски да го следиме трендот на сите овие покачувања во однос на платите, кои, пак, не се поместени, еве на пример во примарното здравство капитација е правена во 2001“, вели доктор Чолакова.

На незадоволство кај пациентите му нема крај, голем дел од луѓето што ги сретнавме во клиничкиот центар во Скопје имаа по нешто да се пожалат. Некому му пречат долгите редови, на друг организацијата, некои се жалат од докторите, други од сестрите.

„Еве чекаме од 8 и пол досега, веќе 13 часот стана, а резултатите не ни се готови.“

„Само се зборува на телевизија, а реформи нема никакви, каде и да одиш само чекаш и нон-стоп е истата процедура.“

„Кога прашав што треба да си донесам за прием во болницата, ми рекоа имаме само чаршави. Мислам дека тоа кажува се“, велат анкетираните пациенти.

Од електронски систем до плата по учинок и дообука на специјалисти, сè за подобра услуга на пациентите. Но токму најзасегнатите, граѓаните ги поддржуваат промените, но велат дека од нив сè уште нема ефект. За експертите, проблемот е во многубројноста на реформите и затоа тие не можат да се спроведат до крај.

Доктор Борозанов вели дека дел од реформите завршија успешно, но за голем дел од реформите сè уште не се гледаат резултатите, ниту пак е направена објективна анализа за ефектите од нив.

„Сите овие години, па и сега не е направена една јасна стратегија за развој на здравството во Македонија. Се оди до такви апсурди што некои од асоцијациите му предлагаат на министерот да се направат скратени курсеви за специјализација, оти сме немале специјалисти. Место да има стратегија, па десет години однапред да се знае кој ќе оди во пензија од јавното, кој од приватно здравство, па да се подготви кадар навреме и да има нормален тек, ние и затоа се наоѓаме во една ваква ситуација“, вели Борозанов.

Проблемот е што се нудат палијативни решенија во здравството, вели Борозанов. Тој објаснува дека кога ќе се создаде комплетна стратегија за делување, тогаш ќе може да се реши и хаосот кој што владее во овој сектор.

„Мора да има соодветен квалитет на вкупното здравство во јавниот сектор, почнувајќи од стандардот, медицинските можности и овој кадар“, вели Борозанов.

Професорот по јавно здравство и здравствен менаџмент на Универзитетот во Софија, Методија Трајаноски, вели дека една од подобрите реформи е купувањето на нова опрема и што се праќаат лекари на дообука во странство.

Трајановски посочува дека еден од основните проблеми е неизработувањето на основниот пакет на здравствени услуги на кој што ќе се темелат сите други нишки од здравствениот систем како што е електронското закажување на прегледи или намалувањето на здравствениот придонес.

„Ако ние го намалуваме здравствениот придонес за луѓето да земаат поголеми плати, тоа значи дека мора да постојат и други алатки со кои граѓанинот што сака да си обезбеди подбра здравствена заштита, да може да си плати дополнително, со таа цел да биде обезбеден на некој начин понатака во здравствениот систем“, вели тој.

Кога треба да се даде една генерална оценка за состојбата во здравството, Трајановски вели дека треба повеќе внимание да се посвети на болниците во внатрешноста. Тој објаснува дека е потребна квалитетна регионализација за лекување на пациентите наместо да ги препраќаат во Скопје со што се создаваат дополнителни трошоци.

„На што пониско ниво го решавате проблемот во здравството, тоа чинењето на здравствените услуги е поевтино, меѓутоа од друга страна самите болници на некој начин не се толку самостојни да можат да работат во една атмосфера каде што независно од сите други чинители би одлучувале во врска со купувањето на опрема, вработување на кадри и сите други менаџерски проблеми коишто се јавуваат и со кои што тие ќе се справат, за да може една болница да функционира како што треба“, вели Трајановски.

Тој вели дека е потребен закон за автономија на болниците со кој ќе им се овозможи самостојно функционирање со контрола од државата а со тоа ќе се подобрат условите според потребите на пациентите.

Во годинашниот извештај за напредокот на Македонија од Европската комисија е наведено дека одржливото спроведување на здравствената политика на Владата продолжува да стои во место поради недоволните финансиски ресурси и несоодветно обучен кадар. Капацитетот за планирање и спроведување на програмите на локално и регионално ниво и натаму е слаб и ја ограничува ефективната децентрализација на здравствениот сектор. Во продолжение на извештајот се вели дека инвестицијата во нова медицинска опрема, санација на медицинските центри и обука на здравствените работници продолжува, а започната е изградба на нов клинички центар.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG