Достапни линкови

Македонската влада без коментар за изјавата на Рама


Знамиња за Косово и на Албанија на прославата на независноста на Косово.

Изјавата на Рама за заеднички претседател на Косово и на Албанија е упатена до ЕУ да не ги одолговлекува интеграциите на овие земји. А ставот не треба да ја загрижува Македонија, велат дел аналитичари. Други пак, сметаат дека се потребни поостри реaкции од меѓународната заедница.

Македонската влада нема да коментира изјави што не ја допираат Македонија воопшто, велат од Владата, запрашани за коментар за изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за заеднички претседател на Косово и на Албанија за 10 години. По изјавата на Рама реагираа САД, ЕУ, српските власти, политичари од Косово. Несоодветна, вџашувачка, неприфатлива, се само дел од реакциите.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека изјавата на Рама било упатена токму до ЕУ поради одолговлекувањето на интеграцијата на Албанија и на Косово. Албанија неколку години по ред чека датум, а Косово сè уште има визен режим со ЕУ, вели Муслиу.

„Мислам дека ова е некаков след и на негови претходни изјави дека Европската унија треба побрзо да реагира за интеграциите на Албанија и на Косово. Во секој случај политичарите треба да бидат повнимателни“, вели Муслиу.

Тој додава дека соработката меѓу Македонија и Албанија е добра, имаше заеднички состанок меѓу двете влади, па изјавата не треба да ја засега земјава.

„И самиот факт што кај нас немаше многу реакции за тоа, упатува на тоа дека загриженоста во Македонија не треба да се зголемува во однос на овој став“, вели Муслиу.

Поранешниот амбасадор во Албанија, Ристо Никовски, вели дека Брисел и Вашингтон не реагираат на албанските аспирации на Балканот.

„Кога каква било изјава на слична тема и многу помалку опасна од Скопје, Белград или каде било на друго место веднаш имаме реакции, така што тоа е една политика која очигледно се поддржува и затоа Еди Рама има слобода така да се однесува“, вели Никовски.

Во соопштение од Амбасадата на САД во Косово се наведува дека Вашингтон не поддржува размена на територии или воспоставување на преседан, што може да предизвика повеќе проблеми отколку решенија, но сите страни треба да бидат креативни во изнаоѓањето на решение. За Европската комисија изјавата на Рама е несоодветна. Портпаролката на Европската комисија Кетрин Реј рече дека изјавите што може да се толкуваат како политичко мешање во соседните земји не помагаат во градењето на добрососедски односи.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека ЕУ и западните земји ја „ставаат главата во песок“ пред, како што рече, големоалбанската политика. За Дачиќ изјавата на Рама е „вџашувачка“.

Од Демократскиот сојуз на Косово реагираа дека идејата е неприфатлива и за нив предлогот на Рама е недостиг на почитување на аспирациите на косовските граѓани за независна држава и интеграција во ЕУ и НАТО.

Рама од Приштина порача дека заеднички претседател на Албанија и на Косово ќе биде најдобар пример за единство на двете земји.

Угледниот британскиот весник Економист, пак во анализата посветена на размена на територии на Балканот, пишува дека ако Србија и Косово разменат територии, процесот нема да запре тука. Во анализата се наведува дека тоа може да доведе до огромни последици. Тоа ќе ги поттикне и другите заедници на Балканот да почнат сериозни разговори за прекројување на нивните граници, пишува Економист. Заклучокот во текстот е дека „поради целовитоста на ЕУ, помудро би било да се намали значењето на националните граници од нивното прекројување, оти прекројувањето, како што вели функционер на ЕУ „би ги отворило портите кон пеколот“ .

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG