Достапни линкови

Препорака за преговори со ЕУ и долг реформски процес


Архивска фотографија: Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на 18 јули во Брисел

По објавувањето на Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, од Владата очекуваат Македонија да добие чиста препорака за датум за отпочнување на преговори со Унијата. Според експертите, процесот на преговори е долг и мачен и најчесто трае од 6 до 7 години.

Земјите од Западен Балкан имаат можност цврсто и недвосмислено да ја поврзат својата иднина со ЕУ. Тие ќе треба одлучно да дејствуваат. Пристапот ќе остане процес на заслуги кој целосно ќе зависи од објективниот напредок постигнат од секоја земја одделно. Земјите можат да ги стигнат или престигнат другите зависно од нивниот напредок, се наведува во Стратегијата за проширување на ЕУ за Западен Балкан. Албанија и Македонија, се посочува дека постигнуваат значаен напредок на европскиот пат и Европската комисија е подготвена да даде препорака за отворање на преговорите за пристап врз основа на исполнетите услови.

Од Владата денеска соопштија дека Македонија бележи значителен напредок, а тоа било утврдено во стратегијата. Тоа што владата го очекува и прави е Македонија да добие чиста препорака за датум за отпочнување на преговори со ЕУ, наведуваат од владината прес служба.

Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии Евротинк вели дека препораката на Комисијата е очекувана и нема временската рамка, иако се споменува 2025 година, тоа не е краен период, бидејќи се ќе зависи од сработеното на државите.

„Ако почнеме преговори овој јуни, односно ако ни одредат датум за почеток на преговори овој јуни, тогаш формално би започнале некаде на почетокот на наредната година или на крајот на оваа година. Ако пак им се верува на извештаите дека во усогласеноста на законодавството сме понапред од другите, тогаш веројатно би можеле да очекуваме дека ќе бидеме успешни. Јас не очекувам успешноста да биде за време пократко од шест години. Во просек сите досегашни држави преговарале шест ипол до седум години“, вели Стојковски.

Тој додава дека ако се земе предвид како се одвиваат работите со Црна Гора и со Србија, тоа покажува дека процесот на преговори е долг и мачен и очекува дека Македонија би го комплетирала целиот европски пат во 2027-28 година. Најдобриот момент од стратегијата, според него, е дека процесот е заснован врз индивидуални успеси.

„Одредени држави можат, ако се посветат на реформскиот процес, да ги престигнат другите или пак да западнат во негативен тренд така што ништо не е фиксирано. Тоа што во моментов Црна Гора има отворено 30 поглавја за преговори, а Србија 20 не треба да значи ништо и да не обесхрабрува. Можеби ние ќе бидеме подобри од нив“, додава Стојковски.

Македонија два пати се споменува во стратегијата во контекст на препораката за отворање на преговорите, а насоките генерално се однесуваат на сите земји од Западен Балкан.

Во стратегијата се порачува дека за кредибилна перспектива на проширување се потребни кредибилни напори и реформи во регионот. Тие се однесуваат на шест области - владеење на правото, безбедност и миграции, социјално економски развој, транспорт и енергетска поврзаност, како и дигитална агенда, помирување и добрососедски односи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG