Достапни линкови

Нема отпуштање административци, вишокот во бизнис секторот


Шалтер за лични документи

Во администрацијата никој нема да го изгуби работното место, вели министерот Дамјан Манчевски, но дополнува дека луѓето за кои ќе се покаже дека се вишок ќе бидат понудени во бизнис секторот.

Министерството за информатичко општество ги изнесе своите позиции за реформите во администрацијата, најавувајќи дека нема да има отпуштања од работа, но луѓето кои се вишок ќе му бидат понудени на бизнис секторот.

Функционалната анализа која се подготвува ќе ги покаже реалните слабости на администрацијата, рече министерот за администрација Дамјан Манчевски и објасни дека во јавниот сектор има превработеност на најниското ниво, но оти во исто време има сериозен недостаток од правници, инженери, економист и друг високо образовен кадар.

Тој рече дека во моментот се спроведува анализа на состојбите во администрација со цел да се види каде има превработеност, каде недостасува кадар, по што ќе се направи предлог за внатрешна реорганизација во институциите на луѓето за кои ќе се знае точно од кој профил се и на кои позиции се распоредени. Кога анализата ќе биде целосно готова дел од вработените ќе добијат можност да преминат од јавниот во бизнис сектор.

„Очекувам некаде во 2019 да може да излеземе во јавноста односно пред бизнис секторот и да кажеме дека овој број, но и овој профил на вработени се вишок во администрацијата и ви ги нудиме на вас бизнис секторот под одредени услови со одредена субвенција од државата да ги преземете. Подоцна ќе имаат обврска да ги задржат на работа, значи никој да не го изгуби работно место“, изјави министерот Манчевски, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој ги отфрла сомневањата дека тоа ќе значи отпуштања од работа, нагласувајќи дека преминувањето во бизнис секторот ќе биде по слободна волја. Никој нема да биде натеран сам спротивно од својата волја да го направи тоа, рече министерот и дополни дека на тој начин на луѓето ќе им се даде шанса да работат нешто корисно за себе и за сите.

Тој зборуваше и за 1.600-те вработени по Рамковен договор кои земаат плата, а не одат на работа и рече дека се создадени услови и за нивно распоредување.

Од Синдикатот на органите на управата коментираат дека не се запознаени со последните чекорите кои ги планира Министерството, но децидни се дека ќе се залагаат за зачувување на места во администрацијата, особено за членовите на синдикатот.

Трпе Дејановски од УПОЗ рече дека исклучително важно е да учествуваат во чекорите што ќе се превземаат.

„Не сме запознаени, но имаме побарано термин за состанок, сигурно ќе се покрене и оваа тема, зашто не знам како ги имаат замислено и како ќе се врши таа анализа. Да, некаде има превработеност, а има и случаи да фалат вработени. Како ќе се нудат овие вработени на бизнис секторот, на кој дел од бизнис секторот, какви субвенции предвидува владата за бизнис секторот и какви гаранции ќе дава дека тие вработени кога ќе се преземат нема да го изгубат работното место, бидејќи никој не може да го гарантира, откако ќе истечат субвенциите“, изјави Дејановски.

Тој рече и дека законите даваат можност за преземање од едно на друго работно место во институциите, но според него, преземање од јавен во бизнис сектор звучи нелогично. Треба да се види како ќе се изведе, дали со измени на законот или на друг начин, вели Дејановски.

Како и да е, чекорите што ги најавува Министерството во јавниот сектор отворија многу прашања за синдикатите.

Дејановски рече дека дискутабилно е колку луѓе ќе се пријават да заминат во бизнис секторот ако преминувањето е доброволно.

Добро е што треба да биде доброволно преминувањето, но да видиме кои ќе бидат најпогодени, дали тоа ќе бидат раководни позиции или луѓе кои работат на пониски позиции, велат од Синдикатот. Според нив прашање, е дали со реформите владата планира администрацијата да се ослободи од луѓе што не им требаат, а да се донесат луѓе што се потребни или на сцена повторно ќе има партиски вработувања.

Реформите во администрацијата е една од трите области кои еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги спомена како итни за Македонија да добие позитивна препорака за членство во ЕУ.

Претходните оценки беа дека администрацијата во последните 10 години стана сервис за вработување партиски кадри, поради што се претвори во неефикасна и нестручна.

Инаку, неофицијалните статистиките зборуваат дека во Македонија има 130 илјади вработени во јавната администрација, а министерот Манчевски за идниот период најави дека ќе останат без плата раководителите и институциите кои во информатичкиот систем нема да пријават колку точно вработени имаат во јавниот сектор.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG