Достапни линкови

Администрацијата ќе се проветрува од партиски вработувања


Шалтер за лични документи
Шалтер за лични документи

Власта со стратегии, закони и совети сака да ја реформира адиминистрацијата, за да биде стручна, а не партизирана. Процесот ќе биде долг, но мора да се направи, посочуваат аналитичари. Треба да се вработуваат стручњаци, оти тие се водат според правилата, а не според партиската волја, додаваат.

Департизирана и стручна администрација нема да добиеме преку ноќ, но проблемот со обемни и нестручни служби мора да се реши. Владата предлага стратегија за реформи, а во собраниска процедура се и измени на законот за административни службеници. Познавачи на оваа област предлагаат поголеми плати, мотивирање да се пријавуваат стручњаци и подобрување на условите за работа, со кои административците би работеле само според правилата, а не во зависност од волјата на одредена партија.

Професор Темелко Ристески од Универзитетот ФОН, чија научна област е и јавна и државна администрација вели дека на земјата и е потребна мала, но ефикасна администрација. Треба да се изнајдат начини да се намали бројот на сегашната огромна администрација, вели тој.

„И да се пополни со луѓе кои се стручни, кои си ја знаат својата работа. Незнаењето царува насекаде, посебно во администрацијата, со тоа се соочуваме речиси со секој предмет, со секој контакт за остварување на нашите права пред органите на администрацијата“, вели тој.

Запрашани дали ќе има отпуштања на административци, од Министерството за админситрација велат дека прво треба да се направи анализа, пред да се пристапи кон тој чекор.

„Треба конечно да се преброиме и по број на институции и по број на вработени. Колку од тие кадрите кои ја прават големата бројка се навистина соодветни за описите на работните места коишто ги извршуваат. Понатаму би следен процес на прекфалификација и процес за рационализација, но врз основа на издржани анализи“, рече Билјана Жагар, координатор на работната група при претстаување на Стратегијата.

Владата презентираше четиригодишна стратегија за реформи во јавната администрација со која треба да се постигне департизирана и стручна администрација. Стратегијата предвидува запазување на принципите на рамноправност и правична застапеност на заедниците, систематизација и реорганизација на работните места, јакнење на интегритетот на институциите, а ќе има реформи и во информатичката технологија. За секој чекор во Стратегијата има предвидено временска рамка и пари за спроведување.

За администрацијата да се департизира, треба да се вработуваат луѓето по стручност, а не по партиска линија, вели професор Ристески.

Добриот стручњак си ја цени својата струка и секако нема да одлучува според волјата на оваа или на онаа партија, туку ќе одлучува според правилата на струката. Процесот е долг, не може да се реши за кратко време, но на среден и долг рок мора да се реши“, вели тој.

Ристески предлага со повисоки плати да се мотивираат луѓе кои се стручњаци да се вработуваат во администрација, а како што вели мора да им се подобрат и условите за работа, оти во подрачните единици на министерствата и во центрите за социјална работа, работат во страшни услови. Со такви услови и со бедна плата не се работи, вели тој.

Неодамна невладини презентираа извештај според кој само 18 отсто од граѓаните се задоволни од услугите на јавната администрација. Истражувањето на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ и Македонската платформа против сиромаштијата покажува дека граѓаните се најзадоволни од службите за издавање на патни исправи во Министерството за внатрешни работи, а најмалку задоволни се од работата на центрите за социјална политика. Истражувањето покажува дека 63 отсто од граѓаните сметаат дека треба да имаат врски за да добијат некоја услуга во јавната администрација. Тоа покажало дека незадоволство постои и кај вработените во јавната администрација, кои се пожалиле на ниски плати кои не соодвестуваат на обемот на работа, недостаток на квалификувани кадри како и на канцеларски материјал за работа.

Во меѓувреме пред пратениците во Собранието се наоѓаат измените на Законот за државни службеници. Измените предвидуваат административните службеници да можат да работат и како државни службеници. Од ресорното Министерство сметаат дека со ова ќе се забрза процесот на распределба на службениците кои се уште немаат одредено работно место. Според податоците има 1.700 нераспределени службеници. Со измените се предвидува и напредување на вработените за неколку скалила во истата институција, а не како до сега за еден степен. Се предвидува укинување на тестовите за проверка на интегритет на личност и на психолошки тестови, а потврдата за познавање на странски јазик ќе биде бесплатно и ќе го прави Агенцијата за администрација.

Формиран е и Совет за јавна администрација, на чело со премиерот Зоран Заев, кој треба да го надгледува спроведувањето на Стратегијата. Експерти за РСЕ коментираа дека ваквиот чекор е добар сигнал, но не и гаранција дека реформите ќе се реализираат.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG