Достапни линкови

Реформите во администрацијата под мониторинг на премиерот


Шалтер за лични документи
Шалтер за лични документи

Реформите во јавната администрација се многу важни, па затоа премиерот ќе претседава со Советот кој ќе следи како се спроведуваат, велат од Владата. За дел од експертите ваквите иницијативи се добар сигнал, но не и гаранција дека реформите ќе се реализираат.

Одлуката да се основа Совет за реформи на јавната администрација, а со него да претседава премиерот Зоран Заев ја покажува посветеноста на Владата да ги спроведе реформите во администрацијата. Вака владиниот портпарол Миле Бошњаковски ја објаснува одлуката премиерот да биде претседател на Советот. Бошњаковски вели дека реформите во областа на јавната администрација се дел од клучните приоритети во владиниот план 3-6-9, но не прецизира кои ќе бидат конкретните мерки и активности што овој Совет ќе ги преземе.

„Овој совет има советодавна и мониторинг, надзорна улога и ќе ја следи имплементацијата на реформите. Тоа што претседател на овој совет е претседателот на Владата Зоран Заев, само укажува на фактот на важноста и значењето коишто ги имаат овие реформи за Владата, но и севкупно за граѓаните,“ изјави Бошњаковски.

please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00
Директен линк

Реформите во администрацијата е една од клучните области кои и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги спомена како итни за Македонија да добие позитивна препорака за членство во ЕУ. Покрај Советот, во подготовка е и новата Стратегија за реформа на јавната администрација за следниот петгодишен период која се очекува да биде готова до крајот на годинава.

За дел од експертите ваквите иницијативи се добар сигнал, но не и гаранција дека реформите ќе се реализираат. Професор Борче Давитковски од Правниот факултет, предупредува дека секоја реформа е болна, додавајќи дека најголемиот отпор на реформи доаѓа токму од админстрацијата.

„Реформа е да се расчистат надлежностите и да се стават вистинските луѓе на вистинските места. Земете го на пример регистарот на вработени во јавен сектор од 130 илјади, ќе видите дека во секој орган мора да има раководител на човечки ресурси, а 80 отсто од тој кадар се со завршен факултет фискултира, музика, стоматологија, а најмалку има правници. А токму правникот треба да биде одговорен за секторот човечки ресурси. Тоа ви кажува сè и како очекувате да правите реформа?“, изјави професорот Давитковски.

Експертите посочуваат дека политичката волја е пресудна во реформирањето на јавната администрација, за која главните забелешки на Брисел се дека е гломазна и партизирана.

Професор Јонус Абдулау од Штуловиот Универзитет истакнува дека реформите во оваа област неодложно треба да се реализираат. Според него претседавањето на премиерот со Советот значи дека надлежните се сериозни во намерата да се направат потребните реформи. Сепак додава дека истиот треба да ги послуша мислењата на експертите во оваа област.

„Потребни се реформи од аспект на квалитетот, треба да се внимава на квалитетот на вработените во администрацијата и истите да се бираат според „мерит“ системот, а не според партиски клуч, ниту пак да дозволиме вработување на кадри коишто немаат никакви познавања од работата што треба да ја работат“, вели Абдулау.

Неодамна министерот за администрација и информатичко општетство Дамјан Манчевски најави дека реформата на јавната администрација ќе се спроведува без да има отпуштања од работа. Претходните оценки беа дека администрацијата во последните 10 години стана сервис за вработување партиски кадри, поради што се претвори во неефикасна и нестручна.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG