Достапни линкови

Aлармот за задолжувањето се вклучува само кога партијата е во опозиција


Архивска фотографија - Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет
Архивска фотографија - Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет

Владата планира јавниот долг годинава да надмине 52 проценти од БДП, а додека СДСМ беше во опозиција реагираше дека границата од 50 проценти е критична. Сега ВМРО-ДПМНЕ критикува на истиот начин.

Власта објави дека јавниот долг на крајот на минатата годината е намален во однос на 2016 и сега изнесува 46,7 отсто од БДП-то. Во исто време, според фискалната стратегија за периодот 2018-2020 година, предвидува годинава јавниот долг годинава да надмине 52, а догодина да достигне 56 отсто од БДП-то.

Треба да бидеме претпазливи и со прагот на задолжување, но и за што се задолжуваме, вели професор Зоран Ивановски. Тој вели дека доближувањето до стапката од 50 проценти беше аларм за попретпазливо следење и трошење на финансиските средства од страна на државата.

„Постојат големи разлики меѓу земјите, која колку може да носи долг. Во Македонија сметам дека тоа ниво е максимум 60 проценти, меѓутоа остварувањето, реализирањето и исплатата на обврските би биле посигурни доколку не го достигнеме тој праг. Тоа значи дека иако во фискалната стратегија се планира достигнување на 56 проценти, сепак би било добро да бидеме поумерени и попретпазливи со тој процент“, вели професор Зоран Ивановски.

Министерството за финансии објави дека државниот долг на крајот на 2017 година е понизок за 1 процентен поен, а јавниот долг е понизок за 1,7 процентни поени, споредено со крајот на 2016 година. Според Министерството ова е прво годишно намалување на државниот и јавниот долг од 2009 година.

Проекција за јавниот долг 2018-2020. Извор: Министерство за финансии
Проекција за јавниот долг 2018-2020. Извор: Министерство за финансии

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ неколкупати досега обвинија дека власта е расипничка и дека Македонија доживува економско фијаско. Од партијата изјавуваа дека СДСМ само до пред неколку месеци зборуваше дека Македонија е презадолжена земја и дека не смее да се помине границата од 50 проценти, а сега планираат долгот да достигне речиси 60 проценти од БДП-то. Обвинуваат и дека власта ги задолжува граѓаните, а како што велат, нема реализирано ниту еден инфраструктурен проект, ниту пак го подобрила стандардот на граѓаните.

Сега владејачката СДСМ, пред една година, како опозиција, критикуваше дека црвениот аларм е вклучен зашто јавниот долг ги надминал, како што велеа, критичните 50 проценти од БДП-то. Тие тогаш ветуваа дека ќе биде ставен крај на непродуктивните задолжувања.

Од исклучително значење е квалитетот на проектите за кои се трошат позајмените пари. Мора секогаш да се води сметка истите да и носат принос на државата, вели професор Ивановски.

„Тоа значи вложување во инфраструктурни проекти кои би ја поддржале националната економија или вложување во проекти кои сами генерираат приходи, како што се централи за производство на електрична енергија, ветерници итн., нешто што и самото ќе создава нова вредност. Досегашните инвестиции правени во областа на културата дефинитивно не влијае позитивно на способноста на државата да ги сервисира обврските, туку само значеа дополнително зголемување на задолженоста на државата“, вели тој.

Внимание во јавноста предизвика и информацијата дека владата размислува да им помогне на општините кои тонат во долгови. Дел од градоначалниците тврдат дека добиле ветување дека владата ќе се задолжи за да им даде поволен кредит на општините, но од владата велат дека се уште не е донесена конечна одлука за тоа.

Од Центарот за економски анализи преку соопштение велат дека покривањето на обврските од општините води кон натамошно еродирање на правната држава. Според нив, ваков инструмент води кон одржување на заробеноста на државата што веќе беше детектирана од страна на Европската комисија. Во соопштението се вели дека на овој начин се праќа порака за неказнивост на партиските кадри кои ги водат општините и се синдикализираат трошоците за неодговорно работење на избрани и именувани функционери, со што се креираат ризици за неодговорност и морален хазард.

Бизнисмени, на конференцијата одржана во средата, реагираа дека економијата се уште е на маргините и дека никако да стане приоритет кај политичарите. Стопанството се уште чека да види и какви ќе бидат ефектите од новите мерки на владата за поддршка на бизнисот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG